МТСП: Граѓаните да пријават ако забележат бездомно лице

 Доколку граѓаните забележат бездомно лице да го пријават на дежурните телефонски броеви за да биде сместено во некои од прифатните пунктови што се во функција од почетокот на зимскиот период.

 За  лицето да биде заштитено од естремно ниските температури, апелираат од Министерството за труд и социјална политика.

-Пријавувањето може да се прави  на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; 071/397-272; 071/397-875; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733. По пријавата на овие телефонски броеви мобилните тимови од Центрите за социјална работа и на Црвениот крст излегуваат на терен и ги згрижуваат бездомниците во неколку пунктови во Скопје и низ Македонија каде што добиваат чиста облека, топол оброк, греење и лекарска помош. На лицата кои одбиваат да се сместат во некој од пунктовите им се дистрибуира вреќа за спиење, ќебе, облека, храна, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството потсетуваат дека во соработка со Црвен крст во Скопје од пред еден месец го ставиле во функција интервентниот центар за бездомници „Момин поток" каде што има 32 легла. Во периодот од 16 декември лани до 9 јануари годинава реализирани биле 226 преспивања.

Покрај овој интервентен центар во функција се уште три регионални прифатни центри во Битола, Струмица и Струга. Исто така, МТСП ги задолжило сите Центри за социјални работи низ Македонија на своите веб страници да објават дежурни телефонски броеви за пријавување на  бездомниците и другите семејства без соодветни услови за живеење.

За лицата и за семејствата кои од најразлични причини се доведени во состојба да немаат дом, како една од формите за вонинституционална социјална заштита на бездомни лица, велат од МТСП, воспоставен е Центар за бездомни лица Чичино село кој функционира согласно Законот за социјална заштита.

-Со цел да ги заштити од ниските температури семејствата со деца кои живет во импровизирани живеалишта под Кале, Министерството за труд и социјална политика уште во текот на ноември минатата година обезбеди сместување за дел од нив. Околу 15 семејства се преселија во привремената монтажна населба во Визбегово, а дел  85 лица, од кои 49 се деца се сместени во во установата „Ранка Милановиќ" се додава во соопштението од МТСП.

Вакви активности биле преземени и во текот на зимата 2017/2018, кога околу 120 лица биле сместени во објекти на установа за социјална заштита, со тоа што биле вклучени во пилот Програма за поддржано живеење. 

Во велешко активни неколку шумски пожари

 Уште еден шумски пожар над месноста викана „Неделна вода" во Велес изби утрово во 9:30 часот, каде гори нискостеблеста дабова шума. 

Во гаснењето се вклучени екипи од ШС „Бабуна" и Територијалната Противпожарна Единица од Велес.

Од ТППЕ Велес, за МИА информираат дека се уште гори нискостеблестата дабова шума и над Манастирот кај село Оморани што избувна вчера попладне, а во гаснењето се вклучени екипи од Шумското стопанство „Бабуна" од Велес.

Пожар има и во реонот на велешките села Џидимирци и Иванковци, а зафатена е и површина од скопска страна поради што, освен велешки, вклучени се и пожарникари од ТППЕ од Скопје како и вработени од ЈП „Македонски шуми" од Скопје.

Екипи на ШС „Бабуна" од Велес работат на целосно газнење на пожарот кај село Каласлари во кој гореше квалитетна борова шума.

– Пожарот избувна во петокот, а беше локализиран вчера напладне со екипа на ТППЕ од Велес, но нашите екипи од ШС „Бабуна" од Велес вчера, ноќеска и денеска се уште се на терен и работат на негово целосно ликвидирање, информира за МИА Љубинка Попова, директор на ШС „Бабуна" од Велес.

Во овој голем шумски пожар изгореа околу 50 хектари квалитетна борова шума, а во негово гаснење беа вклучени и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување. /МИА

Нов протест во Црна Гора со барање за оставка на владата и претседателот

Во Подгорица синоќа е одржан шестиот по ред граѓански протест „97.000: Спротивстави се“, на кој учествуваа повеќе илјади граѓани со барање за оставка на Владата и претседателот на државата.

Собирот мина без инциденти, а организаторите ги повикаа граѓаните и на 30 март „без страв“ да излезат на протести.

Еден од организаторите, Славиша Грубиша, оцени дека опозициско единство и тесна соработка е неопходна во овој случај. – Не дели мал чекор од целта, со нас се синдикатите. Ова е протест на сите граѓани и сите се добредојдени, потенцира Грубиша.

Демонстрациите, оценети како најмасновни граѓански протести во Црна Гора, почнаа по објавувањето на аферата „Коверт“.

Душко Кнежевиќ, бизнисмен близок до власта, кој пред истрагата на црногорското обвинителство побегна во Лондон, објави снимка на која на најблискиот соработник на Ѓукановиќ и поранешен градоначалник на Подгорица Славољуб Стијеповиќ, пред изборите во 2016 година му предава коверт со, како што вели, 97.500 евра.

Стијеповиќ парите веднаш ги става во џеб. Оттогаш почнува политичкиот потрес во Црна Гора, а бројката „97.000“ стана и официјален назив на групата граѓани, кои под слоганот „Спротивстави се“ почнаа со улични протести.

Под притисок на јавноста, Обвинителството го сослуша Стијеповиќ дури после седум дена, а после 20 беше осомничен за перење пари.

Во меѓувреме, Кнежевиќ, јавно обвинувајќи се и сам себе, соопшти дека на сите избори богато ја финансирал Демократската партија на социјалисти на Ѓуканович, што е строго забрането. Тој го обвини и за низа други махинации.

Обвинителството одговори со покренување нови истраги против Кнежевиќ, додека воопшто не го сослуша Ѓукановиќ за аферата „Коверт“, бидејќи верувале оти тој не знаел за незаконското финансирање на партијата на чие чело се наоѓа.

Ѓуканович ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека Кнежевиќ му се одмаздува бидејќи одбил да го заштити од истрагата на Обвинителството.

Народна банка со низа активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите

Народна банка по повод Глобалната недела на парите, која почнува од утре, ќе реализира активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и ќе ги промовира предностите од поголемата финансиска вклученост.

Посебен настан ќе биде националниот натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите што за првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е на иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани победниците кои ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел во организација на Европската банкарска федерација.

Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, вчера Народна банка почна да го објавува серијалот текстови „Економија за секого", преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. 

Народната банка започна и едукативен караван со кој за ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финасискиот сектор. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка, како што најавуваат оттаму, ќе ја посетат и деца од една детска градинка во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите. /МИА

притисни ентер