Судот го одобри обвинението за случајот „Талир"

Во целост е одобрено обвинението за случајот „Талир" од Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд.

-Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир" за незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост, соопшти Кривичниот суд.

По формирање на кривичен предмет по оценетиот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на судија за понатамошно постапување, а по закажана главна расправа, како што велат од Судот, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

-Што се однесува до вториот обвинителен акт за истиот предмет што се однесува на незаконска изградба, истиот веќе е распределен кај судија за оценка на обвинителен акт и по донесено решение, Судот навремено ќе ја информира јавноста, се наведува во соопштението.

Во случајот „Талир" за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски,  Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

Специјалното јавно обвинителство на 22 ноември минатата година до скопскиот Кривичен суд поднесе два обвинителни акта како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир".

Од причини на целисходност ова Јавно обвинителство ја раздвои постапката во предметот „Талир" и поднесе две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Kривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по предлог на СЈО за „Талир" на 28 ноември 2018 година донесе решение со кое го уважи предлогот и на обвинетиот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода.

Обвинетата Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ ја призна вината во случајот „Талир” и се спогоди со Специјалното јавно обвинителство. Судот ја осуди на двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет години не стори ново кривично дело. 

Народна банка со низа активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите

Народна банка по повод Глобалната недела на парите, која почнува од утре, ќе реализира активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и ќе ги промовира предностите од поголемата финансиска вклученост.

Посебен настан ќе биде националниот натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите што за првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е на иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани победниците кои ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел во организација на Европската банкарска федерација.

Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, вчера Народна банка почна да го објавува серијалот текстови „Економија за секого", преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. 

Народната банка започна и едукативен караван со кој за ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финасискиот сектор. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка, како што најавуваат оттаму, ќе ја посетат и деца од една детска градинка во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ наместо да се борат против, тие се борат за криумчарење на мигранти низ Македонија

СДСМ наместо да се борат против, тие се борат за криумчарење на мигранти низ Македонија.

Началникот на штипската полиција се уште е на таа позиција, иако е фатен во криумчарење на мигранти. Ова е доказ за лицемерието на СДСМ.

Патем останува нејасно за какви и чии статистики говори СДСМ бидејќи во своите соопштенија ниту еднаш не го користи терминот Македонија.

Сето ова покажува со каков криминален и однароден картел на власт си имаат работа граѓаните. Тоа мора да престане. Почетокот на крајот на заевизмот ќе бидат претстојните избори кога граѓаните јасно ќе ја казнат оваа криминогена структура. /МИА

Започна гласањето за идејно решение за уредување на парк во Македонска Каменица

Јавното претпријатие „Камена Река" од Македонска Каменица ги објави пристигнатите предлог проекти по објавениот Конкурс за идејно решение за уредување на парк во Македонска Каменица.

Во моментот како што информира директорот на ,,Камена Река”, Влатко Андоновски трае гласањето за избор на најдобро идејно решение во чии рамки ќе биде земен во предвид и гласот на граѓаните.

-Гласањето ќе трае до 26 Март, заклучно до 12 часот, кога ќе заседава утврдена петчлена комисија. Гласањето од граѓаните на фејсбук профилот на ЈП ,,Камена Река” ќе биде земено како дополнителна сугестија, односно ќе биде вброено како 6-ти глас при одлучувањето, информира Андоновски.

Додава дека наградено ќе биде предлог решението кое ќе добие најмногу бодови согласно гласањето на Facebook страната на ЈП ,,Камена Река” и бодовите добиени од страна на комисијата.

Конкурсот за избор на најдобро решение за уредување на парк се однесува на таканаречениот „Титов парк”, кој е предвидено да се уреди во модерен градски парк, како место за рекреација на граѓаните од М.Каменица. /МИА

притисни ентер