Божик – празник на Христовото раѓање

На Божик се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме Неговиот роденден.

Бог постанал човек. Бог дошол на земјава. Христос е Син Божји Којшто е роден како човек од Дева Марија. Он е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот – нема грев, безгрешен е.

Каде се родил Исус и зошто?

Една ноќ, во градот Витлеем – во пештера, се родил Господ Исус Христос.

Он е Спасител. Дошол за да нè спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како Него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог – добри секогаш, со секого и секаде.

Раѓањето на Господ Исус Христос

Богородица живеела со Јосиф во Назарет. Таа година, дошла наредба од римскиот цар Август да се изврши попис на населението. Според законот за пописот, требало секој да отиде во родното место на неговите родители и дедовци, од каде што потекнувал, и таму да се попише. Потеклото на Јосиф и Марија било од Витлеем, од родното место на царот Давид, бидејќи и тие биле од неговиот род.

Уште во Назарет Јосиф знаел дека Марија ќе постане мајка. Нему му се јавил ангел Господов и му кажал дека зачнатото во неа е од Светиот Дух. Му го кажал и тоа дека таа ќе роди Син и му рекол: – Ќе Му ставиш име Исус, што значи Спасител, бидејќи Он ќе го спаси народот.

Сето тоа било предвидено и претскажано со векови порано. Во Библијата било запишано тоа што го рекол пророкот Исаија и се исполнило. А тој рекол: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!

Тие тргнале кон Витлеем. Патот бил долг и тежок. Многуброен народ одел кон царскиот град – кон градот Давидов. Кога стигнале таму, веќе немало место каде да ноќеваат. Затоа се сместиле во една пештера, близу до градот. Таму пастирите, во невреме, ги засолнувале своите стада.

Во таа ноќ се случил најзначајниот настан во животот на човештвото. Таа света ноќ, пресветата Дева Марија Го роди Богочовекот, Спасителот на светот, Го роди Христа Господа. Таму, в пештера, Го роди Богомладенецот. Самата Го пови и Го стави во јаслите, како во лулка. А таму се става храната – слама или сено, за да се нахранат кравата, магаренцето, јагнето. Синот Божји не се роди во царска палата, туку во пештера.

Кој прв ја дозна веста за раѓањето?

Пораката до пастирите ја открива важноста на Христовото раѓање за сите луѓе

Ноќта таму, на падините крај пештерата, пастирите ги чувале своите стада. Наеднаш, ги осветлила силна небесна светлина и ангел Божји им рекол: Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.

Потоа, веднаш, на небеската бесконечност се појавиле безброј ангели и сите, гласно, како најдобар хор запеале:

Слава на Бога во висините,

а на земјата мир

и меѓу луѓето добра волја!

Во овие три пораки е содржана целата порака за спасение на луѓето:

1. Слава на Бога во висините, значи: Бог не е од овој свет и не Го барајте Бога меѓу созданијата. Ништо одовде и никого не обожувајте (а до доаѓањето на Христа, луѓето сметале дека се богови некои природни појави, па имале „богови" животни од сите видови и „богови" луѓе). Бог е дух и во духовните сфери, во висините. Тој Бог прославувајте Го, а не лажните богови. Имајте вистинска вера во вистинскиот Бог, за да се спасите!

2. А на земјата мир градете со сите и со сè. Прво, бидете во мир со себеси, внатре имајте мир, бидете смирени, а не вознемирени; а потоа, ширете го тој мир, па бидете во мир и со природата и не се однесувајте како злосторници кон неа, оти од неа живееме; и трето, бидете во мир со луѓето, за да бидете измирени и со Бога и да има мир на земјава.

3. И тогаш, меѓу луѓето ќе има постојано добра волја – секој секому ќе му прави добро. Тоа е почеток на рајот на земјава. Такво е спасението. Само толку е потребно!

Пастирите – први очевидци и први гости кај Господа

Пастирите, не чекале многу. Светлината ја виделе и гласот го чуле. Разбрале сè. Сè им било јасно. Во нивната пештера се случило најважното чудо Божјо – Бог станал Човек. Бог дошол на земјава, меѓу нас луѓето, за да биде со нас, та и ние да бидеме со Бога.

Пастирите први отишле кај Господа. Отрчале во пештерата и таму Го нашле Спасителот. Му се поклониле. Тие биле први посетители – првите Негови гости.

Гледате, за Христа не дознале први големите и силните од овој свет, туку безначајните пастири. Зошто? Затоа што тие биле луѓе смирени и кротки, луѓе со добра душа и со чисто срце. Таквите ќе Го видат Бога!

Потоа, тие кажувале на секого и секаде, за тоа што го виделе и чуле.

Истрајноста на мудреците да Го најдат новородениот Спасител.

Но, не биле само пастирите што посакале да Го видат Господа. И други луѓе, од далечни земји, добиле знак за раѓањето на Спасителот на светот, и веднаш тргнале да Го видат Бога. Од далечниот Исток, пристигнале тројца мудреци коишто на небото забележале нова и многу сјајна ѕвезда. Тие биле многу учени луѓе – мудреци, важни научници и проучувачи на пројавите на земајава и на небото. Луѓе што ги проучувале и ѕвездите на небото. На тој начин дознаеле дека една необична ѕвезда го најавила раѓањето на Спасителот. И не чекале, туку тргнале по ѕвездата, од нивната далечна земја – од Персија и дошле да Му се поклонат на Богомладенецот. Ѕвездата ги водела до таму: таа светела и дење и ноќе и ги довела до пештерата. Тројцата мудреци Му подариле на Господа три дара: злато – како на Цар; ливан (темјан) – како Бог и смирна – како човек, Којшто ќе пострада и ќе умре на крст, заради нас и заради нашето спесение.

Ѕвездата значи дека Христос е светлина на светот. Светлина којашто никогаш нема да престане.

Радост заради Божјата близина

Како што тогаш се радувале пастирите, мудреците и сите луѓе, затоа што се родил Спасителот на светот, така и ние се радуваме секој Бадник и Божик, прославувајќи го Христовото раѓање. Тоа е празник на целото христијанско семејство. На Бадник сите заедно вечераме, а утредента – на Божик, одиме в црква. Најмногу се радуваат децата, со најискрена радост за новороденото Дете – Богомладенецот Христос. И Бог најмногу ги сака децата, бидејќи се најчисти и безгрешни. Затоа рекол дека треба да станеме како деца, за да влеземе во царството небесно, а децата се: добри, незлобиви, радосни, чесни, чисти и полни со љубов. Тоа ја прави голема Божикната радост во семејствата.

Честит Божик и од Бога благословено Новото Лето Господово.

Христос се роди! Вистина се роди!

/МИА.

Ужас во Словачка: Родители си ги тепале своите четири деца со синџири и ремени, ги изгладнувале

Во брутален случај на злоупотреба на четири деца во Словачка, полицијата ги уапси мајката Јарослава (32) и таткото Милан (42).

Децата доживеале неверојатна тортура, родителите наводно ги тепале со ремени и синџири. Откако ќе ги претепале, ги затворале и ги изгладнувале. Сепак, Јарослава за време на сослушувањето го обвини таткото за сѐ, објавија локалните медиуми.

Таа наводно рекла дека имала многу лоши односи со Милан. Според неа, тој наводно бил алкохоличар во последните 10 години. Во една прилика тој наводно го претепал синот Адријан со ремен, а потоа рекол дека не сака да го прави тоа. Според медиумите, мајката знаела дека таткото не им дава храна на децата.

Јарослава тогаш изјавила дека Милан не им дозволувал ништо на децата, кои многу се плашеле од него. Милан наводно во една прилика го претепал Адријан со тоа што го извлекол од креветот и го удирал со таква сила што момчето се онесвестило.

Катанците во куќата наликувале на затворски. Биле ставени на шкафовите, на вратата од детската соба, но и на фрижидерот, за децата да не изедат сѐ. Низ куќата одекнувале грди зборови.

Оваа ужасна злоупотреба била откриена минатата недела. Резултатите од истрагата покажуваат дека злоставувањето било откриено за време на часот по физичко, кога Адријан се пресоблекувал во спортска облека во соблекувалната.

Момчето наводно не сакало да каже ништо пред тоа бидејќи се плашело од тоа што може да го чека дома. Тој рекол дека татко му го тепал со синџир.

Медицинскиот извештај на Универзитетската болница во Трнава покажува дека Адријан се здобил со контузија и хематом на градниот кош.

На Милан сега му се закануваат 15 години затвор. Сепак, неговото семејство не се согласува со обвинувањата, додека неговата сестра тврди дека Милан никогаш не злоставувал деца.

„Одеше на работа додека жена му беше дома, таа не ни готвеше. Добро се грижеше за децата. Имаа брава на вратата да не ја отвораат децата. Децата го земаа јогуртот, јадеа малку па го фрлаа во ѓубре“, тврди сестрата на обвинетиот.

Полицијата ја продолжува истрагата.

Повторно е нападната американската воена база во Ирак

Вчера била нападната американската воена воздухопловна база Ал Асад во западниот дел на Ирак, а во нападот не е направена никаква штета и никој не е повреден, изјави неименуван американски функционер за Тајмс оф Израел.

„Ова беше втор напад врз американските сили од 4 февруари“, додаде американскиот официјален претставник, мислејќи на нападот во неделата кога беа истрелани пет ракети врз истата база од пограничниот град Зума.

Во тоа време, САД објавија дека сојузничкиот борбен авион уништил ракетен фрлач во Сирија, додавајќи дека ниту еден американски воен персонал не бил повреден.

Бранот од 165 напади врз американските војници во Ирак и Сирија започна во октомври минатата година, откако Хамас го нападна Израел, а заврши во февруари кога САД извршија воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Ирак и Сирија.

Ен Хатавеј се потсети на одвратната аудиција, на која морала да се бакнува со 10 колеги (ВИДЕО)

Ен Хатавеј вели дека тестовите за хемија меѓу актерите во раните 2000-ти биле одвратни, пишува IndieWire.

Во интервју за магазинот V, актерката се присети на незгодните аудиции за романтични комедии во кои глумеше на почетокот на кариерата.

„Во 2000-тите беше нормално да се бара од актерите да се бакнуваат за време на аудиција, да се тестира хемијата, иако тоа е најлошиот начин да се тестира хемијата - дури и мене ми се има случено“, рече актерката. „Тие рекоа: „Имаме десет момци кои доаѓаат денес, а ти ја доби улогата. Зарем не си возбудена да ги бакнуваш? Мислев дека нешто не е во ред со мене бидејќи не бев возбудена.“

„Бев толку млада и знаев колку е лесно да изгубиш сè ако некој рече дека ти е тешко да се работи, па се преправав дека сум возбудена“, објаснила ѕвездата од „Дневниците на принцезата“. „Тоа не беше игра за моќ, никој не се обидуваше да ме повреди или да биде ужасен. Тоа беа различни времиња и ние денес подобро знаеме“.

Наскоро ќе можеме да ја видиме Хатавеј во романтичниот филм The Idea of ​​You, кој пристигнува на Prime Video на 2 мај. Во филмот, актерката толкува 40-годишна самохрана мајка која влегува во врска со 24-годишен музичар, кој го игра Николас Галицин.

Филмот беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал South by Southwest, кој се одржа во март годинава. Критичарите на Rotten Tomatoes го оценија The Idea of ​​You со 95 проценти.

притисни ентер