Бадник – предвестие за Божиќ

 Бадник е денот пред Божик. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на Христовото раѓање.

Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.

За добрата вест се наградува, а за коледарите награда е отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.

Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е Бадничкото семејно празнување. Негова одлика е љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.

Затоа на Бадник семејството е Црква. Секоја куќа е Црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од Домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на Трпезата. Како в црква Евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.

И сето тоа со пости, за душа да се гости.

На Бадник завршуваат Божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.

Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор Б'дник, Будник, што значи: Бдеење, Будност, Неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на Денот на Христовото раѓање.

Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.

И Бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но, сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.

Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!

Бадник е роденденската ноќ на Спасителот.

Христос се роди! – Вистина се роди!

Изгаснат големиот пожар кај Манастирец

 Изгаснат е големиот пожар што синоќа беснееше кај Манастирец, општина Росоман.

– Ноќеска пред полноќ имавме состанок организиран од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. По десет часовна интервенција, бидејќи пожарот избувна околу 13 часот, се одлучи дежурен тим да остане на лице место во текот на ноќта. Утринава со дополнителни 15 работници од Комуналец, со три теренски возила, десет работници од „Македонски шуми" со исто толку возила и шест пожарникари со две возила, се вративме на лице место. Со мала интервенција, ги победивме пламените јазици, информира за МИА, Александар Чадамов, командир на Територијалната противпожарна единица.

Додава дека направен е претрес на цел терен и нема никаква опасност. /МИА

Во велешко активни неколку шумски пожари

 Уште еден шумски пожар над месноста викана „Неделна вода" во Велес изби утрово во 9:30 часот, каде гори нискостеблеста дабова шума. 

Во гаснењето се вклучени екипи од ШС „Бабуна" и Територијалната Противпожарна Единица од Велес.

Од ТППЕ Велес, за МИА информираат дека се уште гори нискостеблестата дабова шума и над Манастирот кај село Оморани што избувна вчера попладне, а во гаснењето се вклучени екипи од Шумското стопанство „Бабуна" од Велес.

Пожар има и во реонот на велешките села Џидимирци и Иванковци, а зафатена е и површина од скопска страна поради што, освен велешки, вклучени се и пожарникари од ТППЕ од Скопје како и вработени од ЈП „Македонски шуми" од Скопје.

Екипи на ШС „Бабуна" од Велес работат на целосно газнење на пожарот кај село Каласлари во кој гореше квалитетна борова шума.

– Пожарот избувна во петокот, а беше локализиран вчера напладне со екипа на ТППЕ од Велес, но нашите екипи од ШС „Бабуна" од Велес вчера, ноќеска и денеска се уште се на терен и работат на негово целосно ликвидирање, информира за МИА Љубинка Попова, директор на ШС „Бабуна" од Велес.

Во овој голем шумски пожар изгореа околу 50 хектари квалитетна борова шума, а во негово гаснење беа вклучени и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување. /МИА

Нов протест во Црна Гора со барање за оставка на владата и претседателот

Во Подгорица синоќа е одржан шестиот по ред граѓански протест „97.000: Спротивстави се“, на кој учествуваа повеќе илјади граѓани со барање за оставка на Владата и претседателот на државата.

Собирот мина без инциденти, а организаторите ги повикаа граѓаните и на 30 март „без страв“ да излезат на протести.

Еден од организаторите, Славиша Грубиша, оцени дека опозициско единство и тесна соработка е неопходна во овој случај. – Не дели мал чекор од целта, со нас се синдикатите. Ова е протест на сите граѓани и сите се добредојдени, потенцира Грубиша.

Демонстрациите, оценети како најмасновни граѓански протести во Црна Гора, почнаа по објавувањето на аферата „Коверт“.

Душко Кнежевиќ, бизнисмен близок до власта, кој пред истрагата на црногорското обвинителство побегна во Лондон, објави снимка на која на најблискиот соработник на Ѓукановиќ и поранешен градоначалник на Подгорица Славољуб Стијеповиќ, пред изборите во 2016 година му предава коверт со, како што вели, 97.500 евра.

Стијеповиќ парите веднаш ги става во џеб. Оттогаш почнува политичкиот потрес во Црна Гора, а бројката „97.000“ стана и официјален назив на групата граѓани, кои под слоганот „Спротивстави се“ почнаа со улични протести.

Под притисок на јавноста, Обвинителството го сослуша Стијеповиќ дури после седум дена, а после 20 беше осомничен за перење пари.

Во меѓувреме, Кнежевиќ, јавно обвинувајќи се и сам себе, соопшти дека на сите избори богато ја финансирал Демократската партија на социјалисти на Ѓуканович, што е строго забрането. Тој го обвини и за низа други махинации.

Обвинителството одговори со покренување нови истраги против Кнежевиќ, додека воопшто не го сослуша Ѓукановиќ за аферата „Коверт“, бидејќи верувале оти тој не знаел за незаконското финансирање на партијата на чие чело се наоѓа.

Ѓуканович ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека Кнежевиќ му се одмаздува бидејќи одбил да го заштити од истрагата на Обвинителството.

притисни ентер