Отстранет кампот на „Македонија блокира“ од пред Собранието

Комуналците на Град Скопје рано утринава го срушија и отстранија импровизираниот камп на „Македонија блокира“ поставен во Жена парк пред Собранието. Се поминало мирно и без инциденти.

Овој шут  сведочи за импровизираниот камп на „Македонија блокира“ кој со месеци беше поставен спроти Собранието. Комунални инспектори на Град Скопје доцна синоќа спровеле редовна контрола и поради нехигиена ги отстраниле сите предмети, потврдуваат за Канал 5. Неколку граѓани и денеска се собраа на истото место. Велат дека кампот е отстранет доцна синоќа со багери и неколку камиони, без претходно да бидат известени.

„Пријавив во полиција кражба. Полицијата индолентно се однесува, вика: Доколку не е кражба, ќе поднесеме кривична пријава против вас. Како не е кражба кога ги нема шаторите, банерите и бината?“

Луѓето кои со месеци кампуваат пред законодавниот дом не беа среќни за акцијата на комуналците.

„Единственото слободно место на територијата на земјава каде што се негуваше ненасилен и мирољубив отпор и изразување на граѓанска мисла.“

„Ако не чепне некој нас или самиот кампус, тоа ќе го сметаме за полициска и политичка бруталност спрема еден народ што си ја брани сопствената земја.“

Луѓето кои овој камп го користеа како собиралиште за блокадите кои со месеци ги правеа во главниот град, најавуаат дека ќе се радикализираат, а убедени се дека нивните протести ќе добијат и на масовност. Граѓаните на Скопје пак, поради блокадите со часови беа заглавени во сообраќајниот метеж, а вистински предизвик беше и брзата помош да стигне навреме да помогне таму каде што е потребно. Револтот дополнително се зголеми кога луѓето кои беа повремено во овие шатори, почнаа и да палат оган на отворено и на тој начин дополнително загадувајќи го воздухот непосредно до гратската болница.

Влада: Откажана лидерската средба, одбиваме партиски ултиматуми и блокада на напредокот на земјата

Владата на  Македонија денеска преку соопштение информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи.

 Владата, се додава, одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја.

Во соопштернието, се посочува дека Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев на 15 јули на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во унијата.

-За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите. Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел, се наведува во соопштението.

Тоа, се додава, укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема.

-Наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото и како клучно да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата со вградено СЈО за правда без селективност, која овие денови добива силен подем, Мицкоски и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика, се потенцира во соопштението.

Премиерот Заев, се дидава, со иницијативата за лидерската средба покажа подготвеност да се прифатат сугестиите и предлозите за овие прашања, за да бидат вградени во програмските активности на Владата во претстојниот период, но нема да прифати ултиматуми кои единствено имаат за цел да го блокираат напредокот на Македонија.

-Стратешките интереси на државата, реформите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, не смеат да бидат предмет на уцена на опозицијата. Националните интереси и правдата за граѓаните се неприкосновени и со нив нема и не смее да има компромиси, се посочува во соопштението и воедно се најавува за денеска прес-конференција во Владата на која пред новинарите и пред јавноста ќе се обрати премиерот Заев за причините за одлагање на лидерската средба, како и за чекорите што се налагаат и ќе бидат преземени на патот на напредувањето на  Македонија. 

Југоисточниот плански регион ќе реализира проект од ИПА прграмата

Проектот е со вкупна вредност од 587.931 евра. 

Во наредните две години Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе го реализира проектот за уредување на дел од коритото на реката Сушица во општина Радовиш во должина од 624 метри, чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи.

Проектот е со вкупна вредност од 587.931 евра. Доделен е преку Interreg-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и  Македонија.

-Ваквите активности ќе овозможат да се уреди коритото на реката, а ќе се изврши и пошумување и озеленување околу коритото со што ќе се направат чекори кон намалување на негативните последици од поплавите, како и кон прилагодување на климатските промени во иднина. Исто така, ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните во прекуграничниот регион преку зголемување на безбедноста од природни катастрофи, информираат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Проектот е дел од заедничкиот македонско-бугарски проект „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш" кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион како проектен партнер ќе го имплементира заедно со општина Сандански од Република Бугарија, како водечки партнер на проектот.

Инаку, договорот е доделен на официјална церемонија во министерството за регионален развој и јавни работи во Софија, Република Бугарија. 

Привршува изградбата на објектот на Струмичкиот театар

До крајот на годинава се очекува да биде предаден во употреба новиот објект на Струмичкиот театар кој се обновува на местото каде што постоеше во минатото, информираше Ацо Манински, директор на НУ Завод и музеј Струмица.

-Деновиве се поставува нова водоводна линија, со која ќе се задоволат потребните количини вода за објектот, посебно за заштита со водените завеси во случај на пожар.  Деновиве треба да дојде клима-комората и ќе се монтира. Веќе е монтирана останатата опрема за климатизација, се затвора покривот и почнуваат финалните работи, додаде Манински.

Градежниот зафат за обнова на Струмичкиот театар на старата локација почна пред пет години, во септември 2014 година, и чини над 3,5 милиони евра.

Стариот театар во осумдесеттите години на минатиот век беше напуштен поради дотраеност, а во два пожара потоа објектот целосно беше уништен и долго време беше грдотија во центарот на градот.

Во 1982 година била одиграна последната претстава во стариот театар. Ансамблот на Народен театар „Антон Панов" буквално се селел како патувачки театар, а во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, струмичките актери добија привремен простор за сценските изведби. 

притисни ентер