Кинг: Македонија е земја на потекло и транзит за нелегално огнено оружје

Еврокомесарот за безбедност, Џулиан Кинг, синоќа ги брифираше европарламентарците за безбедносната состојба и соработка во земјите од Западен Балкан. 

Македонија испливува како важна земја на потекло, транзит и дестинација за нелегално огнено оружје, рече комесарот.

-Безбедносната состојба во регионот е предизвик, но има и директен импакт врз нашата безбедност во ЕУ. Подобро е да извезуваме безбедност отколку да увезуваме нестабилност, рече комесарот во својот воведен говор, истакнувајќи ја важноста од засилена соработка со земјите од регионот во делот на безбедноста.

Главните безбедносни предизвици за земјите од Западен Балкан се мрежите на организиран криминал. што, исто така, се присутни во ЕУ, трговијата со оружје, џихадизмот, но и кибернападите и стратешката дезинформација и пропаганда, најчесто со руско потекло или спонзорирана од Русија.

Македонија беше експлицитно спомената од страна на еврокомесарот како земја на потекло, транзит и дестинација за огнено оружје, иако проблемот е присутен речиси во сите земји од регионот како последица на војните од деведесетите, посебно Босна и Херцеговина, која има највисока стапка на огнено оружје по жител.

-Огромен број муниција остана во јавен промет по војните, меѓу половина милион и 1,6 милиони домаќинства поседуваат огнено оружје, што доведе до големо зголемување на шверцот, рече комесарот Кинг.

Мрежите на организиран криминал се присутни во регионот, но посебно во Албанија и албанофонските заедници, истакна Кинг кој додаде дека "албанофонски криминални групи" се инволвирани во разни криминали во земјите членки на ЕУ, како со тешки кражби, напади врз сопствеништва или, пак, напади брз банкомати. Албанија, исто така, е дестинација за украдени возила од ЕУ, како и земја на потекла за трговија со дрога во ЕУ.

-Ширум Европа, предизвик е организираниот криминал со потекло и поддршка од Албанија, изјави комесарот.

Црна Гора, пак, е „главна влезна точка" за кокаин со потекло од Јужна Америка, што пристигнува преку брод и е наменет за земјите од ЕУ. А во Србија највеќе се произведуваат синтетички дроги.

Регионот се соочува со сериозен предизвик и со враќањето на странски борци од боиштата во Ирак и Сирија, насилната радикализација и идеолошкото влијание на вахабизмот и салафизмот. Европската комисија проценува дека околу 1.000 борци од земјите од регионот се наоѓаат или отишле во Ирак или Сирија, а 35 отсто од нив се вратени во своите земји и "претставуваат ризик", како и во ЕУ.

-На Западен Балкан тие се закана во регионот и подалеку од него, или затоа што шират религиозна радикализција во затворите или затоа што добиле кратки затворски казни и брзо се ослободени без мониторинг и превентивни акции, предупреди Кинг.

Друго загрижувачко странско влијание е она од Русија, посебно во делот на кибернападите, пропагандата и дезинформациите.

-Пропагандата цвета онаму каде социјалната кохезија и меѓучовечката доверба е ниска, исто така ниската медиумска писменост ги прави покревки пред идентитетската политика и националистичката реторика, што дополнително ја ослабува социјалната кохезија, опиша комесарот.

Европската комисија забележува значајно руско влијание во регионот, вклучително преку обиди да се оддалечат земјите од реформскиот процес на ЕУ и од западните институции како ЕУ и НАТО. Во овој дел, рече тој, е многу важна кибербезбедноста. Не изостанува ниту кинеското влијание. Кина многу инвестира на Балканот, во голем дел од информатичкиот сектор.

Една од мерките за спречување на руските дезинформации, освен поддршката за зголемување на технолошките и киберспособностите на земјите, беше етаблирањето на посебна единица за Западен Балкан во "Стратком", единицата за борба против лажни вести на европските институции.

Кинг истакна дека во последните години соработката помеѓу ЕУ и регионот во борбата против тероризмот и киберзаканите е зајакната.

Заеднички акциски план, исто така, е елабориран како последица на стратегијата на проширувањето и Софискиот самит во мај. Овој план има за цел, меѓу другото, да се бори против насилната радикализација и финансирање на тероризмот, како и да ги заштити граѓаните и инфраструктурите. Освен Србија сите земји во регионот до сега назначиле и национален координатор во овој дел. За борбата против радикализмот ЕУ става на располагање дванаесет милиони евра под ИПА средствата. /МИА

Убила 19-годишна трудница и ѝ го украла бебето од матката-осудена е на 50 години затвор (ВИДЕО)

Клариса Фигуероа (51) е осудена на половина век затвор откако убила бремена тинејџерка во Чикаго намамувајќи ја во нејзината куќа за да ѝ го украде бебето од утробата, кое потоа го претставила како свое.

Тоа е, накратко, епилогот од страшното злосторство што го потресе овој дел на САД, а се случи во 2019 година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Марлин Очоа-Лопез (19), мајка на двегодишно момче, која била во поодмината бременост, била намамена од Клариса во нејзиниот дом со ветување дека ќе ѝ даде бесплатна облека за бебето. Страшното злосторство го извршила со помош на нејзината ќерка Дезире, која во јануари ја признала вмешаноста во убиството кога била осудена на 30 години затвор. Мајката и ќерката ја задавиле трудница со електричен кабел. Клариса, која е медицински работник, сакала да го претстави бебето како свое, а откако го извлекла од стомакот на мајката повикала брза помош. Поради повредите, бебето два месеци било на интензивна нега во болница, но и покрај сите напори на лекарите, починало.

За време на судењето, се тврдело дека Клариса Фигуероа го изгубила своето бебе пред злосторството, а потоа им кажала на членовите на семејството дека повторно е бремена. Во октомври 2018 година, таа ѝ кажала на својата ќерка дека ѝ треба помош да убие трудница и да го украде бебето од нејзината утроба.

Ракел Уриостеки, мајката на убиената трудница, по изрекувањето на пресудата видно се потресе:

- Губењето на ќерка ми е нешто што никогаш нема да го прежалам.

Откако украденото бебе било сместено во болница, Клариса Фигуероа и нејзиниот партнер Пјотр Бобак тврделе дека бебето е нивно, па дури започнале и хуманитарна кампања за собирање помош за негово лекување. Пјотр подоцна на судењето признал дека помогнал да се отстранат трагите по убиството на бремената тинејџерка.

Страшното злосторство било неоткриено неколку недели, иако Џовани Лопез, сопругот на убиената, уредно ја пријавил за исчезната, но немал помош од надлежните да ја пронајдат. Полицијата реагирала дури по анонимна пријава во која било наведено дека е видена како исчезнатата влегува во куќата на Клариса Фигуероа. На 07.05.2019 година полицијата извршила претрес. Автомобилот на жртвата бил пронајден во близина на куќата на убиецот, а набрзо била наредена и ДНК анализа на бебето. Откако дошле резултатите од ДНК, полицијата ги уапсила мајката убиец, нејзината ќерка и нејзиното момче. Телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот.

- Казната што ја доби никогаш нема да биде доволна и мојот син никогаш повеќе нема да ја прегрне мајка си. Изгубив дел од семејството и тоа секогаш ќе ме следи – низ солзи изјавил сопругот Џовани Лопез.


Нуркачи снимија како изгледа силен земјотрес под вода: Сега имам уште еден страв (ВИДЕО)

Страшно искуство е да се почувствува силен земјотрес, а група нуркачи го доживеале под вода додека јачината била 7,2 степени според Рихтеровата скала.

Видеото се рашири на социјалните мрежи, а корисниците пишуваат дека откако го погледнале, се наежиле и откриле нов страв.

На видеото се гледаат неколку нуркачи како пливаат меѓу коралниот гребен и уживаат во живописната глетка. Но, сè се менува кога ќе започне земјотресот. Прашина и нечистотија од морското дно се креваат и изгледаат како морничава магла.

So this is what an earthquake looks like underwater
byu/Literally_black1984 ininterestingasfuck

Се гледаат и нуркачи како се држат до коралите додека водата се движи побрзо и побрзо. „Да, мора да е кошмар“, „Изгледа страшно“, „Морничаво“, се само дел од коментарите.

Ужас во Англија: 80- годишен човек е запален во двор, соседите слушнале крици (ВИДЕО)

Две лица се уапсени откако полицијата пронашла изгорено тело на маж во задната градина на домот на едно „многу повлечено“ семејство, како што ги опишале соседите во Бредфорд.

Соседите во тивка уличка во Бредфорд пријавиле дека слушнале врисоци пред да видат како чад се издига зад куќата. Според извештаите, жртвата била 80-годишен маж кој живеел во куќата со помлада жена и нејзиниот син, објави Сан.

Многумина во соседството биле убедени дека човекот починал, затоа што не го виделе од пандемијата на коронавирус.

„Од градината доаѓаше чад, но не можевме да влеземе бидејќи портата беше затворена. Се обидовме насилно да ја отвориме портата и можевме да видиме крв и осакатено тело. Не можев да верувам, беше како нешто од хорор филм“, рекол соседот Мухамед.

„Семејството буквално никогаш не излегуваше надвор, тие се многу повлечени. Ова се случи целосно од ведро небо и сите се многу шокирани од тоа“, рече друг сосед кој сакал да остане анонимен.

Полицијата денеска соопшти дека го идентификувала телото на возрасен маж, но дека се уште се обидуваат официјално да го идентификуваат мажот и да им влезат во трага на неговите најблиски.

„Според информациите достапни во овој момент, ова го третираме како истрага за убиство. Мојот тим работи на утврдување на околностите кои довеле до смртта на човекот. Имаме две лица во притвор и не бараме никој друг во врска со овој инцидент, што се случи во тивка станбена улица, разбирам дека овој инцидент предизвика загриженост во пошироката заедница и има многу шпекулации за тоа што се случило и кој бил инволвиран.“

На местото на настанот се испратени пожарникарски екипи, полиција и брза помош, а соседите велат дека досега не виделе толку големо присуство на итните служби.

Противпожарната и спасувачка служба во Западен Јоркшир соопштија дека екипите го изгаснале пожарот на имотот.

„Ова беше многу шокантен инцидент за многу тивка и мирна заедница“, рече локалниот лабуристички советник Сајмон Канингам.

притисни ентер