Царовска: Преку практична работа до квалитетен кадар

Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша Меморандум за соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Метoдиј" во Скопје. 

Меморандумот со кој ќе се унапредува практичната работа на студентите го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев.

– Практичната работа е неопходен дел од секој квалитетен образовен процес. Образовниот систем, во соработка со сите државни институции, приватниот и граѓанскиот сектор, треба целосно да ги подготви студентите за тоа што ги чека во реалноста. Ова е периодот кога треба да им помогнеме да созреат, да работат на својот личен и професионален развој. Само на овој начин можеме да очекуваме вистински квалитетен кадар, подготвен за сите предизвици надвор од академската клупа, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Двете институции ќе соработуваат во повеќе области на социјалната политика, детската и семејна заштита, работните односи, образовна вклученост, специјална едукација и родова еднаквост, како и во однос на активности против дискриминација, овозможување еднакви можности и помагање на процесот на европска интеграција. Ќе се спроведат повеќе активности, меѓу кои заеднички научни истражувања, организирање и спроведување на обуки, тркалезни маси, дебати, конференции и слично.

Во рамки на оваа соработка Министерството за труд и социјална политика ќе обезбеди практична работа на студентите од Филозофскиот факултет, стручно менторство за време на практичната работа и пристап до податоците потребни за научно-истражувачката дејност на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Метoдиј" Скопје. /МИА

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер