Александар Даштевски и Алберт Муслиу во „Само Вистина“

Вечерва во „Само Вистина“ дебатираа Александар Даштевски и Алберт Муслиу.

Процесот за 27 април не смее да се затвори без да се идентификува и казни тој што го осмислил, рече Муслиу. Очекувам да се постигне консензус околу процесот за амнестијата, изјави Даштевски

ДИК потврди дека референдумот заврши неуспешно, рече Даштевски. Резултатот од референдумот не ја задолжува Владата да не продолжи со Преспанскиот договор, изјави Муслиу.

Протестите во Франција говорат за кризата во дел од ЕУ, рече Даштевски. Независно од овие протести унијата ќе преживее, смета Муслиу,

Повеќе од дебатата погледнете во најновото издание на „Само Вистина"

Во западните и јужните делови дожд, попладне врнежите ќе прекинат

Врнежи од дожд со слаб интензитет утринава има во западните и јужните делови од државата.

 Дува и слаб до умерен југоисточен ветер во долниот тек на Повардарието. На планините има врнежи од снег.

За денеска синоптичарите најавуваат пообилни врнежи од дожд во западните и јужните делови кои во текот на денот ќе се преместуваат кон југосток. Попладне врнежите ќе прекинат. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Дневната температура ќе се движи во интервал од 7 до 12 степени.

Во Скопје слично време со максимална температура до девет степени.

Најмногу снег, според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи, има на Попова Шапка – 20 сантиметри, а во Маврово висината на снежната покривка е шест сантиметри.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа има наврнато во Крушево, а најстудено утринава е во Маврово каде се измерени -1 степен. Во останатите градови минималните температури се над нулата. 

Снег на планинските превои, сообраќајот без забрани

 Снег утринава врне на Попова Шапка, Стража, Пресека и Маврово. 

Сообраќајот се одвива тековно, но по наместа влажни коловозим информира Авто мото сојузот на Македонија.

На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

На граничните премини утринава од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. 

Вработените во јавниот сектор ќе чистат на 20 локации во Скопје

Акција за чистење на 20 скопски локации во која ќе се вклучат вработените од јавниот сектор ќе се одржи денеска и на тој начин ќе се одработи неработниот ден од годинава, 2 јануари.

На секоја локација ќе има обезбедено екипи од градските јавни претпријатија, соодветни стручни служби и алат за да помагаат на луѓето кои ќе чистат.

Локациите на кои ќе се одвива акцијата се езерцето Треска во Сарај, Аквадуктот, СЦ „Борис Трајковски", Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден", Јужен булевар, „Бихаќка", Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо", Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди", кај Собранието, цела улица „Македонија", МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев", улица „Ферид Бајрам", улица „Александар Урдаревски", Европската очна болница, улица „Индустриска" во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека за успешно спроведување на акцијата ќе бидат задолжени раководителите на институциите, односно премиерот, министерите, градоначалниците и директорите на институциите што ќе бидат присутни на овие локации, а Град Скопје дополнително обезбедил и соодветна механизација за одредени локации.

До локациите што се наоѓаат малку подалеку од центарот на градот особено Аквадуктот и Сарај, ЈСП има обезбедено и превоз. За сите кои се вклучени во акцијата е обезбедена и соодветна опрема односно заштитни ракавици и вреќи.

Акцијата се организира во соработка со граѓанското здружение „Не биди ѓубре"

притисни ентер