Иванов – Ручи : Парламентарната соработка дополнително да се развива

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Албанија,  Грамоз Ручи.

Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, Ручи разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран политички дијалог и учество во заедничките иницијативи и активности на билатерално, регионално и мултилатерално ниво, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов.

Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на европските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка, како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, Ручи се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти, како и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

На средбата, македонскиот претседател изрази задоволство од усвојувањето на Законот за малцинства од страна на Парламентот на Република Албанија и изрази очекување дека истиот ќе придонесе за подобра заштита и афирмација на културните и јазичните идентитетски одлики на етничките Македонци во Албанија.

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер