Дискусија за нацрт амандманите за уставни измени во МАНУ

Заменикот на претседателот на Владата, Бујар Османи и министерот Никола Димитров, учествуваа на третата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, која се одржа во амфитеатарот на МАНУ.

Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени на тричасовната дебата, на која експертски осврти дадоа академиците Владо Камбовски и Таки Фити и професорот Светомир Шкариќ, како и други претставници на академската заедница, граѓански организации и граѓани, ќе бидат сумирани и поднесени до Владата, која ќе ги изготви заклучоците од серијалот јавни дискусии и ќе ги достави во Собранието.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи истакна дека Преспанскиот договор е историски договор, кој е постигнат како што рече во една историска година за нас и дека тој ќе отстрани товар, односно еден голем камен, кој не ја оставаше Македонија да оди напред.

Вицепремиерот Османи се осврна на позитивните аспекти на Договорот, кој рече дека гарантира членство во НАТО и ЕУ и обезбедува сигурна иднина и од економски и од безбедносен аспект за сите граѓани, посебно младите кои не би сакале да останат во државата, ако таа им нуди неизвесна иднина.

„Евроатлантската ориентација и стратешка цел, никогаш, ниту во најтешките моменти од живеењето на нашата земја, не беше доведена под знак прашање. Над 75 проценти од населението, независно од етничката или верската припадност, континуирано беа и останаа за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е голема обврска за сите сериозни политичари, а ние се сметаме за сериозни политичари и ви ветувам дека со сите наши одлуки, сега и натаму, ќе го следиме масовниот глас на граѓаните“, рече Османи оценувајќи дека Македонија е единствена земја која покажа како на европски начин се решаваат балканските идентитетски проблеми.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Македонија не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, во денешнината како што истакна, може да влијае за иднината, со преземање на одговорноста и со донесување на одлуки како Договорот од Преспа и неговата имплементација.

„Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Не е ниту САД, ниту Русија, ниту Европа, ниту Германија, ниту, пак, Грција. Не е точна тезата дека другите имаат интерес да се реши овој проблем“,  рече министерот Димитров посочувајќи дека штетата најмногу ја трпиме самите ние, кои сме надвор од НАТО и Европската Унија.

Димитров истакна дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор.

Академик Таки Фити во своето излагање, потсети на заклучоците од научната расправа на Академијата, која се одржа во септември, истакнувајќи дека имплементирањето на Договорот од Преспа ја обезбедува единствената алтернатива за Македонија, односно напредувањето во евроатлантските процеси. Академикот Таки Фити додаде дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања, осврнувајќи се на потребата експертите да се изјаснат за да се изнајде решение за имињата на некои од институциите, откако ќе бидат усвоени уставните измени. Тој рече дека и во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но оцени дека и тоа е легитимно, доколку за забелешките се понуди алтернативно решение.

Академик Владо Камбовски во обраќањето рече дека Договорот од Преспа е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права, додавајќи дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на елементите кои се содржани.

Камбовски се задржа и на, како што рече неколку императивни елементи, набројувајќи ја промената на официјалното име, решение кое го оцени како компромис кој ги балансира интересите на двете држави, а притоа не го оспорува националниот идентитет. Тука Камбовски подвлече дека  во историјата, Македонија била и Демократска, Народна, Социјалистичка. Потоа, Академикот во врска со формулацијата за државјанство, ја оцени одредницата „граѓани на Република Северна Македонија“ како исправна формулација  за уредување на статусот на граѓаните и особено дефинирањето на македонскиот јазик како официјален јазик.

Професорот Камбовски на дебатата ја начна и темата во врска со наоѓање решение, во случај да се јави ситуација како сегашната, кога Претседателот на државата не го потпишува Указот за Законот за ратификација на Договорот, кој веќе два пати е изгласан од пратениците и помина во Собранието на Република Македонија.

Професорот Светомир Шкариќ во своето излагање се задржа на предлогот, Договорот од Преспа да се смести во посебен амандман и да биде дел од уставниот поредок на Република Македонија, со што би се обезбедиле импликации врз уставните норми и правниот систем. Дел од сугестиите на Професорот се однесуваа на амандманот 34, предлагајќи одлуките на АСНОМ да останат такви какви што се и да се додадат зборовите „забележани или запишани во Прогласот“.

Според Шкариќ, уставните измени се многу полесни од тоа што изгледа и додаде дека тежината е поврзана со политичкиот процес, договорот на двете Влади.

На јавната дискусија, беа отворени и прашањата како да се регулираат интересите на  македонските државјани во дијаспората, се слушаа различни мислења за тоа дали треба или не треба да се набројуваат другите етнички заедници по однос на дијаспората, како и прашања кои би се отвориле во периодот по стапувањето во сила на Законот за Договорот од Преспа, а кои се однесуваат на истражувања во научната дејност. 

Дебатите за уставните измени, организирани од Владата како овластен предлагач на истите, продолжуваат во понеделник во Штип и Тетово.

Конференција на „Економист": Договорот од Преспа една од темите

Министерот Димитров во неговото обраќање, за да ја долови ситуацијата во односите меѓу двете соседни земји, рече дека сега се искачивме на врв од планина, зад нас оставаме студенило, зима и темнина, а пред нас гледаме пролет, зеленило и светлина.

За Договорот од Преспа, предизвиците за Балканот, но и за иднината на билатералните односи меѓу  Македонија и Грција, меѓу другото дискутираа учесниците на панелот посветен на регион во рамките на конференцијата на „Економист", односно „23та тркалезна маса со грчката Влада", јави дописничката на МИА од Атина.

На утринската сесија од вториот ден на „Економист", Министерот за надворешни работи на  Македонија, Никола Димитров, заедно со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, актуелниот министер за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос и неговиот претходник, Евангелос Апостолакис, во нивната дискусија се задржаа на регионот и стабилноста на Балканот.

Министерот Димитров во неговото обраќање, за да ја долови ситуацијата во односите меѓу двете соседни земји, рече дека сега се искачивме на врв од планина, зад нас оставаме студенило, зима и темнина, а пред нас гледаме пролет, зеленило и светлина. Истакна дека „треба да бидеме горди на тоа дека овој пат добрите вести доаѓаат од Балканот", порачувајќи дека „не можеме да ја смениме географијата или историјата, но можеме да изградиме иднина", преку градење меѓусебна доверба и разбирање на другиот.

Во однос на очекувањата од новата грчка Влада, Димитров рече дека треба да се продолжи да се работи во иста насока, а Договорот од Преспа е договор, потпишан и ратификуван меѓу две земји и е дел од меѓународна право.

– Мислам дека треба да продолжиме да работиме во иста насока и со новата Влада. Штом мојот колега Дендиас беше одбран јас бев во Словачка, му се јавив и му честитав. Ќе се сретневме, но мораше да оди во САД. Мислам дека ќе има поле на можност за да се изгради доверба, рече Димитров.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во неговото обраќање на панел-дискусијата изрази надеж дека ќе постои простор во иднина договорот да се направи „покорисен за двете страни во следните месеци и години преку пристапниот процес во ЕУ на северниот сосед".

Варвициотис објасни дека Нова демократија „се бореше против потпишувањето и ратификацијата на договорот", бидејќи сметала дека не ги исполни потребите и очекувањата на грчката страна, а спомена и дека тие ќе работат на заштита на трговските ознаки и имиња.

Амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат рече дека „Грција е столб на стабилноста во тежок регион и ги дели клучните стратешки цели на САД од Западен Балкан со Блискиот исток.

Алтернативниот министер за надворешни работи, Милитиадис Варвициотис, поранешниот шеф на дипломатијата, Јоргос Катругалос и министерот за одбрана Никос Панајотопулос порано си заминаа од панел дискусијата бидејќи во грчкиот Парламент, требаше да положат свечена заклетва, заедно со останатите новоизбрани пратеници./МИА.

Сугарески: Динамизирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Известени сме дека се обезбедени средствата, во периодов треба да бидат достапни и сериозно да се динамизира процесот. 

 Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува динамизирање на активностите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, откако кинеската „Ексим банка" ги извести надлежните институции дека ќе бидат исплатени резервираните 200 милиони евра од првиот кредит и 180 милиони од вториот кредит. Половина од автопатот, се планира да биде во функција наредната година.

– Известени сме дека се обезбедени средствата, во периодов треба да бидат достапни и сериозно да се динамизира процесот. Планираме наредната година да се обидеме 30-те киометри од Охрид до Врбјани да ги оспособиме и да може да се вози по тој пат. Практично, повеќе од половина  од автопатот да биде во функција, а другите согласно со рокот во 2021 година, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на индустриската зона Визбегово.

Тој соопшти дека е при крај ревизијата на проектот за изградба на првите два километра од автопатот Скопје – Блаце по што Јавното претпријатие за државни патишта треба да распише тендер и да почнат градежни активности. Се работи и на проектирање за останатите 10,5 километри од автопатот што очекува да биде завршено наредната година.

– Последната  информација што ја имаме е дека завршува ревизијата на Градежен факултет. Доколку нема забелешки очекуваме Јавното претпријатие за државни патишта да ги тендерира првите два километра. Очекуваме тоа најбрзо да се случи, сме ветиле и апсолутно очекувам првите два километра да бидат почнати. За другите 10,5 километри се работи на проектот, очекуваме наредната година да биде завршено проектирањето за да може по завршување на овие два километри или паралелно со нив да се почне со останатиот дел, изјави Сугарески.

Министерот за транспорт информираше дека се уште траат работните состаноци за Предлог законот за урбанистичко планирање, за кој беа доставени 200 амандмани.  – Целта е да направиме закон што од една страна нема да го наруши стопанскиот развој, а од друга страна ќе имаме балансирана заштита на животната средина, зеленилата и друго. Очекувам уште на неколку работни состаноци амандманите ќе бидат разгледани, со цел во најбрз рок да биде донесе законот. Министерството прифати голем дел од забелешките што беа на ЕНЕР, но секогаш може подобро, да ги направиме консензуално со учество на сите политички партии, коморите и еколошките организации, рече Сугарески.

Анализите за приватизација на Македонски железници – Транспорт, како што рече, се уште се во тек и се очекува наесен да има првични информации за начинот и динамиката. 

Општина Аеродром го реализираше проектот за поддршка во образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби

Општина Аеродром и во иднина ќе продолжи со поддршка и реализација на проекти за социјална инклузија, која е од клучно значење во градењето општество без дискриминација, со еднакви права и можности, наведува Општината. 

Проектот за унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби од основните училишта, кој е дел од програмата „Општинско-корисна работа" за 2018 година, е успешно реализиран во соработка со УНДП, соопшти Општина Аеродром.

Општина Аеродром денеска им додели потврди за успешно реализиран работен ангажман на 10 образовни и шест лични асистенти, кои во текот на изминатата учебна година им даваа поддршка во образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби од основните училишта на територијата на Општината. Асистентите добија и сертификати за успешно завршена обука за образовни и лични асистенти, кои им ги доделија УНДП и Министерството за образование и наука.

– Општина Аеродром и во иднина ќе продолжи со поддршка и реализација на проекти за социјална инклузија, која е од клучно значење во градењето општество без дискриминација, со еднакви права и можности, наведува Општината. 

притисни ентер