Анѓушев: Поскапе само најевтиниот леб, ако оцениме дека треба, ќе реагираме преку државните резерви

 Годинава сушата си го зема својот данок во делот на житото и житните производи. Вака вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска го образложи поскапувањето на, како што истакна, само најевтиниот леб.

Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето договори за грантови од Фондот за иновации во Владата, Анѓушев речиси го повтори завчерашниот став на министерот за земјоделство Љупчо Николовски – дека Владата ќе ја следи состојбата и ќе реагира ако има потреба преку стоковните резереви.

-Годинава сушата си го зема својот данок во делот на житото и житните производи. Житото на сите светски берзи, а на новосадската берза која е најблиска за нас порасна за 30-ина проценти. Тоа практично се одразува во цената на финалните производи, на лебот. Засега поскапе само најевтиниот леб, односно еден дел од асортиманот на пекарите. Како Влада ќе ја следиме состојбата и доколку видиме дека има посериозен импакт на сите останати пекарски производи генерално, ќе интервенираме од државните резреви со житни производи. Имаме доволно резерви, тие се купени со соодветни цени, домаќински е тоа направено и ќе реагираме навреме доколку видиме дека зафаќа поголем замав. Сега оставаме реалната економија да ги реши сама по себе проблемите без многу интервенционизам, но ако има потреба ќе го направиме тоа, изјави Анѓушев.

Силјановска Давкова на одбележувањето на 75 год. од крајот на Граѓанската војна во Грцијa

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.

Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани...

Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.

Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.

Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни

Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.

Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.

На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија ги поддржавме со 100 милиони евра

Од целосно заборавени, домашните претпријатија  ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката

Се радувам што граѓаните и луѓето од бизнис заедницата се искрени и отворени. Разговараме без задршка, без страв, тоа е придобивка од слободата. Сакаме да создаваме партнерства во градењето на европската иднина. Ќе останеме заедно и заедно ќе ги решаваме предизвиците кои што нема да бидат ниту малку ниту лесни. Европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин секој ден работите да ги подобруваме, за да ги достигнеме европските стандарди, рече Лукаревска, носителката во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија пред новинарите во Кочани.

-И до сега многу работевме за да бидеме конкурентни. Многу вложивме во зајакнувањето на домашните компании. Од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ние ги поддржавме со 100 милиони евра. Ќе продолжиме и во следните четири години, зашто тоа е важно и за компаниите и за сигурноста на вработените. Во наредниот мандат домашните компании ќе ги подржиме со 180 милиони евра. Поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра.

Лукаревска истакна дека дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност.

-Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70%. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност, и самостојно ќе задоволува 100% од сопствените потреби за струја. И тоа главно од гас и од чисти и обновливи извори. Рековме НЕ за малите хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата.

Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа, зашто тоа е важно за стабилноста и за нашата европска иднина.

Не се откажуваме, ќе го задржиме континуитетот, зашто немаме време за губење. Важни се овие избори за да ја славиме победата за европска Македонија, рече Лукаревска во Кочани.

Сања Лукаревска, носител во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Кочани

Почина човекот што се самозапали пред судот во Њујорк каде што се води процесот против Трамп

Почина човекот кој вчера се самозапали пред судот во Менхетен, каде што се води судски процес против поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.

Мажот, идентификуван како Максвел Азарело (37) од Флорида, починал во болница од здобиените повреди, објавија американските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.

Тој вчера пред судот се полил со течност и се запалил, а претходно во околниот парк делел памфлети со теории на заговор.

Поранешниот претседател Трамп бил во судската палата, но си заминал во моментот на инцидентот.

Според сознанијата на полицијата, Азарело пристигнал во Њујорк од Флорида минатата недела. Тој немал криминално досие, а неговото семејство во Флорида не знаело дека отпатувал во Њујорк.

Засилено е обезбедувањето на просторото околу судот, а поставени се и барикади. На противниците и на приврзаниците на Трамп им е дозволено да се соберат на демонстрации во блискиот парк, но досега поголеми собири нема. /МИА

притисни ентер