ТВ 24 „позајмиле“ дел од авторски текст на Канал 5

За вчерашната јавната расправа за пиратеријата известуваа скоро сите медиуми, но се случи и еден парадокс.

Телевизијата 24 вести објави прилог под наслов „Дебата за авторските права – телевизии и оператори во клинч“, во кој е направен плагијат на дел од текстот објавен на Канал 5.

Канал 5 уште во вестите во 15 часот, го објави прилогот во авторство на новинарот Јован Ѓорговски, кој на сајтот беше објавен во 15:42.

Еве го последниот пасус од текстот.

„Јавната расправа беше организирана како дел од процедурата за измени на правилникот. Дали до нив ќе дојде, ќе одлучува Советот на АВМУ.

Дотогаш, од ММА најавуваат дека ќе поднесуваат кривични пријави за секоја програма што ќе ја детектираат кај странските канали, а за која имаа докази дека нема права да биде емитувана во Македонија.“ – стои во прилогот на Канал 5.

Два часа по емитувањето на прилогот на Канал 5, телевизијата 24 објави прилог потпишан од новинарката Александра Филиповска, со очигледно истите фрази и зборови, со единствена разлика што  е направена инверзија во речениците. Прилогот на нивната веб страница се појави во 18.38 минути.

„Oд ММА се заканија со кривични пријави за секоја програма што ќе ја детектираат кај странските канали, а за која имаат докази дека нема права да биде емитувана во Македонија .Јавната расправа беше организирана како дел од процедурата за измени на правилникот. Дали ќе има измени ќе одлучи Советот на АВМУ.“ – стои во прилог на ТВ 24.

Дека станува збор за очигледно плагијаторство, открива и текстот објавен на бев страницата на ТВ 24.

Во него, по принципот copy-paste, преземена е и реченицата од текстот на Канал 5 во која има техничка грешка, па наместо „немаат права“ стои „нема права“.

Со оглед на сите факти кои упатуваат на погрешно присвојување, блиска имитација и публикација на авторски текст, телевизија канал 5 побара јавно извинување од ТВ 24.

Во име на професионалноста во новинарството, очекуваме колегите да имаат доволно доблест и да ја признаат интелектуалната кражба.

Ахмети: Има волја за да се постигне договор за консензуален претседателски кандидат

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за РТК по повод 11-годишнината од независноста на Косово зборува и за претседателските избори во земјата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за РТК по повод 11-годишнината од независноста на Косово зборува и за претседателските избори во земјата, истакнувајќи дека тој ја испружи раката за соработка со албанската опозиција за заеднички кандидат Албанец, но за жал, двете опозициски партии го одбиле.

-Сега, јас ја испружив раката, но албанските  опозициски политички партии излегоа со многу навредувачки ставови  и не ја прифатија испружената рака, мене ми е жал за ова. Во понеделник ќе има средба на коалициските партнери.  Ние стоиме на нашиот принцип за претседател на државата со договор  помеѓу страните кои имаат легитимитет, значи на албанската и македонската страна. Има волја за да се постигне договор, но ова зависи од страните кои ќе се сретнат во понеделник, истакнал Ахмети. /МИА

Трамп ќе употреби вето ако Конгресот гласа против ѕидот

Претседателот на САД Доналд Трамп подготвен е за прв пат да употреби вето.

Ако Конгресот биде против неговата објава на вонредна состојба долж границата со Мексико, Трамп ќе употреби вето. Тоа за ТВ Фокс го изјавил Стивен Милер, висок советник на Трамп.

- Тој ќе ја заштити својата објава за вонредна состојба, рекол Милер на прашањето дали Трамп ќе употреби вето ако Конгресот не ја поддржи неговата одлука, пренесе АП.

Трамп вонредната состојба на границата со Мексико ја објави во петокот со желба да го избегне Конгресот за финансирањето на ѕидот кон Мексико, на што се спротивставуваат демократите и одбиваат во буџетот да бидат вклучени 5,7 милијарди долари колку што се потребни за неговото градење.

На границата меѓу Колумбија и Венецуела стигна американска хуманитарна помош!!

Американската војска донесе повеќе тони хуманитарна помош во колумбискиот град Кукута на границата во Венецуела.

Оваа хуманитарна помош би требало да ја дистрибуираат  поддржувачите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кога САД го призна за претседател на Венецуела.

-Ова не е првата , ниту пак последната помош, изјавил официјалниот претставник на УСАИД Марк Грин во Кукута при предавањето на помошта во овој пограничен град полн  со мигранти од Венецуела.

Претходната помош била испорачана преку комерцијални летови.

Инаку во оваа испорака имало 180 тони храна и средства за хигиена и друга роба намената за повеќе од 25 000 луѓе.

притисни ентер