Расте бројот на пациенти со хронична опструктивна белодробна болест

Околу 100.000 луѓе во Македонија имаат хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Постојано се зголемува нивниот број на Универзитетската клиника за пулмологија. 

Зголемениот број пациенти со ХОББ е заради нивно експонирање на одредени штетни фактори пред се пушење, аерозагадување…Во 2017 година биле регистрирани 2.800 пациенти. Оваа година досега се регистрирани повеќе од 2.700 пациенти и се очекува тој број до крајот на годинава да биде уште поголем во однос на изминатата година.

Ова денеска го истакна директорот на Клиниката, Дејан Докиќ на одбележувањето на Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест – 21 Ноември, организирано од Македонското респираторно здружение.

– Она што е позитивно е што се намалува бројот на повторни хоспитализации односно влошувања на здравствената состојба кај овие пациенти. Бројот на пациенти кои по втор или трет пат лежат на Клиниката е намален за околу 700, што се должи на добра превенција и лекување во амбулантските простории на Клиниката, рече Докиќ.

Според него, со секое аерозагадување независно дали станува збор за ПМ честички или други гасовити аерозагадувачи, кои се оксиданси, материи кои прават штета на површината од клетките, доаѓа до воспаление и симптоми како што се гребење во грлото, печење во очите, кивање, сува уста, отежнато дишење, стегање во градите итн.

– Многу сериозни болести се провоцирани од аерозагадувањето. Имаме среќа што само неколку месеци имаме ваква неповолна клима која создава аерозагадување. Во одредени делови од светот, за среќа не кај нас, хроничното експонирање може да доведе и до посериозни заболувања, да влијае на кардиоваскуларниот систем, а доаѓа и до карцином на белите дробови, додаде Докиќ.

Претседателот на Македонското респираторно здружение, Марија Здравеска рече дека аерозагдувањето е главна пречка за болеста и посочи дека Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во Европа според бројот на смртни случаи од ХОББ.

– Повеќе од 400 милиони луѓе во светот боледуваат од ХОББ. Се предвидува дека околу три милиони луѓе годишно го губат својот живот од хронична опструктивна белодробна болест, а оваа бројка се зголемува. Се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно ќе бидат жртви на ХОББ, посочи Здравеска.

Македонското респираторно здружение денеска организира стручен состанок на тема „Хронична опструктивна белодробна болест – никогаш прерано, никогаш предоцна" и промоција на преведениот најнов Европски водич за третман на зависност од тутун.

Цистерна удри во најголемиот патнички авион на светот- возачот доживеал мозочен удар (ФОТО)

Ербас А380-861 на Емирати беше тешко оштетен откако противпожарно возило изгуби контрола на московскиот аеродром Домодедово (ДМЕ) во Русија и се заглави под авионот.

Според руската агенција Интерфакс, цитирана од порталот Аеротајм, возилото што се користело за транспорт на вода удрило во авионот на Емирати „откако здравствената состојба на возачот наеднаш се влошила додека возел“.

Дополнителни медиумски извештаи велат дека 59-годишниот возач останал парализиран откако доживеал мозочен удар пред да удри во авионот и бил итно пренесен во болница.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат аеродромско возило заглавено под Ербас А380 додека долната страна на трупот е тешко оштетена.

Авионот на компанијата со седиште во Дубаи, регистриран како A6-EDM, сериски број 042, стар 14 години со 489 седишта во три класи, требаше да полета од Москва за меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB) на 28 март 2024 година во 16:25 часот по локално време , но тој лет бил откажан по инцидентот.

Руското меѓурегионално транспортно обвинителство во Москва истражува и потврди дека се проценува претрпената штета на А380. Поради инцидентот ќе биде формирана специјална комисија во Обединетите Арапски Емирати.

Според проценките објавени на каналот Aviaincident на мрежата Телеграм, аеродромот Домодедово би можел да плати до една милијарда рубли (околу 11,3 милиони евра) за штета на најголемиот патнички авион во светот (во зависност од конфигурацијата, авионите од овој тип можат да носат до 840 патници).

Треба да се процени и штетата која и е нанесена на компанијата со откажувањето на летовите на овој авион кој беше во секојдневни ротации кон Москва, но и кон Цирих.

Ново обвинение за италијански фудбалер- Тонали се обложувал и во Англија

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го обвини италијанскиот играч на Њукасл, Сандро Тонали дека 50 пати ги прекршил правилата за забрана за обложување на натпревари, јавува Би-би-си.

Британските медиуми наведуваат дека Тонали ги прекршил правилата обложувајќи се на фудбалски натпревари во периодот од 12 август до 12 октомври минатата година.

- Сандро ќе ги почитува сите правила на истрагата, а клубот му дава целосна поддршка. Повеќе нема да даваме изјави додека истрагата е во тек - објави Њукасл.

Би-Би-Си потсетува дека Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) во октомври минатата година го суспендираше Тонали на десет месеци поради кршење на правилата за обложување. Италијанскиот фудбалер тогаш призна дека се обложил на натпреварите на кои настапувал за Милан и Бреша.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) потоа го прифати барањето на ФИГЦ за суспензијата на Тонали да се префрли на глобално ниво. Тој треба да се врати на терените во август годинава.

Тонали пристигнал во Њукасл минатиот јули од Милан за 55 милиони фунти. Италијанскиот фудбалер пред суспензијата одигра 12 натпревари за англискиот клуб.

Поради суспензијата ќе го пропушти претстојното ЕП во Германија.

Се шетала по плажа и пронашла заб од мамут, стар 1,8 милиони години

Крис Биен (56) се шетала по плажата во Есекс кога забележала необична „брановидна линија“ во песокот. Таа се приближи и сфати дека открила нешто посебно.

Оваа жена е страстен „ловец на фосили“, а овој пат имала неверојатна среќа. Таа најде, ни помалку ни повеќе, туку заб на степски мамут!

Плажите во северен Есекс се познати по своите фосилизирани богатства, но Крис беше изненадена.

„Го видов како излегува од песокот и помислив дека можеби е заб. Копав со раце, бидејќи беше длабоко во песокот“, објасни таа.

Забот е целосно фосилизиран, долг 17 сантиметри и тежок околу два килограми, пишува New York Post.

Степски мамут талкал по Земјата пред 1,8 милиони години, а Крис верува дека пронашла само половина од забот.

Таа планира да го стави во дестилирана вода неколку недели пред да го зачува со лепак и етанол.

„Сакам луѓето да знаат за богатата историја на оваа област. Наша должност е да пријавиме такви откритија, но јас би сакала да го задржам и да ѝ го покажам на јавноста“, изјави Крис, член на археолошкото друштво „Хоув“.

притисни ентер