Конкурс за бесплатно образование во Русија во 2019/2020

Амбасадата на Русија во Македонија соопшти дека е отворен Конкурс за бесплатно образование во државната квота на најдобрите високообразовни и средни стручни образовни установи на Руската Федерација.

За државјани на Република Македонија во 2019/2020 учебната година доделени се 40 бесплатни места.

Бесплатно ќе биде само школување и виза за влез во Русија. Останатите трошоци (патување, сместување, оброци, патничко/здравствено осигурување, трошоци за живот итн.) ги плаќаат самите граѓани.

– За да учествувате во натпреварот, мора да се регистрирате на порталот https://russia.study/, целосно да го пополните прашалникот и да ги поставите сите потребни документи (оригиналите на македонски јазик и нивниот официјално заверен превод на руски јазик). Целосното досие треба да биде готово до 1 февруари 2019 година. наведува Амбасадата.

Оние кандидати кои целосно го пополниле прашалникот, ги обезбедиле сите потребни документи со превод на руски ќе добијат покана за интервју. Тоа ќе биде спроведено од комисија формирана од соработници на претставништвото на Россотрудничество и Амбасадата на Русија во Македонија. За некои насоки (главно креативни) кандидатите дополнително ќе имаат влезни тестови во Русија. Информациите за ова се обезбедуваат при изборот на универзитетите.

Граѓаните кои успешно го положиле интервјуто учествуваат во втората фаза на селекција. Универзитетите добиваат пристап до списокот на кандидати и нивните досиеја и ги избираат најдобрите студенти.

Резултатите од изборот ќе бидат достапни на електронскиот портал на Министерството за наука и високо образование на Руската Федерација http://www.russia-edu.ru/.

Руската амбасада посочува дека образовните институции на Руската Федерација нудат различни услови за престој и живеење на студенти и студентските домови имаат различни цени. Учебната година може да почне во различни периоди. Кандидатите треба самостојно да ги добијат овие информации од избрани универзитети. Контактите на образовните установи се достапни на линкот: http://www.russia-edu.ru/.

За повеќе информации за конкурсот заинтересираните може да го контактираат претставништвото на Россотрудничество во Република Македонија преку електронска пошта: [email protected]. /МИА

Норис верува во прва Ф1 победа оваа сезона

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, изјави денеска дека неговиот настап на последната трка во Кина покажал дека може да ја оствари својата прва Формула 1 победа оваа сезона.

Норис заврши втор на кинеското ГП во Шангај минатата недела зад Макс Ферстапен од Ред Бул, порачувајќи дека и самиот не очекувал таков резултат.

Во последните 23 трки, Ферстапен забележа 21 победа и на другите возачи им е тешко да му парираат.

„Веќе реков, не ми треба поголема самодоверба. Трката во Кина тоа го докажа. На почетокот на годината реков дека мислам оти можеме да се бориме против Ред Бул и ќе можеме да победуваме. Секако тоа нема да биде лесно. Но во едно вистинско време, во добри услови и со работи што малку повеќе ќе му одговараат на нашиот болид – верувам 100 отсто во тимот и во мојата способност да го направам тоа“, изјави Норис за Скај. /МИА

Поради чести одрони во Дебарско се препорачува многу внимателно возење

Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци, кои се под надлежност на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, се препорачува многу внимателно возење.

- Поради обилните дождови присутни на патните правци под наша надлежност има чести, но помали одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на секцијата.

Екипи на секцијата се постојано на терен со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

-Под наша надлежност се патишта во должина од над 120 километри, делниците Дебар - Жировница (патен правец Дебар - Маврово), Дебар - Глобочица (патен правец Дебар - Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост - Центар Жупа, посочува тој.

Додава дека снегот, кој врнеше во неделата, не создаде проблеми во одвивањето на сообраќајот, но придонесе за појава на одрони.

Чешка донираше инкубатор за бебиња на клиниката „Мајка Тереза“ во Чаир

Чешкиот амбасадор Јарослав Лудва заедно со Министерот за здравство Илир Демири официјално предаде инкубатор од чешката фирма ТСЕ Ческе Будјејовице. 

„Оваа опрема од ТСЕ е уште една потврда за пријателските врски помеѓу нашите две земји. Сигурен сум дека овој инкубатор со висока технологија понатаму ќе го унапреди угледот на клиниката во Чаир и ќе спаси многу бебешки животи,“ рече чешкиот амбасадор Јарослав Лудва.

Финансирањето на проектот беше обезбедено од Чешката агенција за развој заедно со македонската фирма Промедика.

„Промедика во своето делување останува посветена општествено одговорна компанија учествувајќи во донација на најсовремен инкубатор за потребите на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Скопје. Веруваме дека оваа донација значи многу за најмалите и најборбените пациенти, за нивните семејства и за целиот персонал којшто ги лекува овие бебиња,“ рече Маја Николовска, директор на Промедика.

Амбасада на Чешката Република во Скопје

притисни ентер