Расправата по вториот Нацрт-амандман за уставни измени продолжува утре

Комисијата за уставни прашања попладнево расправаше по вториот нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. 

Расправата по овој нацрт амандман ќе продолжи утре.Опозицијата обвини дека со овој амандман и измените што се прават во Преамбулата се бришат деветте одлуки на АСНОМ, од кои, како што рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, четири имаат државотворно значење. Заменувањето на одлуките со Прогласот, рече не смее да се прави, бидејќи Прогласот е само известување до граѓаните за донесените одлуки.

– Со Прогласот македонскиот народ само се известува дека е одржано првото заседание на АСНОМ и оти се удрени темелите на македонската федерална држава во нова демократска и федеративна Југославија. Со овој нацрт-амандман се брише значењето на второто и третото заседание на АСНОМ, односно тие веќе и не постојат во Уставот и во Прогласот ги нема, рече Ласовска додавајќи дека ова е чин на класично бришење на историјата на државата и промена на историските факти.

На ова реплицираше заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски. Тој ја демантира, како што вели, тезата дека одлуките на Прогласот се бришат.

-Тоа е апсолутно невистина и груба измама на граѓаните на Република Македонија. Да се каже дека одлуките од Прогласот се бришат е ноторна невистина. Напротив она што го кажуваме и што премиерот го потенцира она што ние го правиме и правните решенија за кои зборуваме од Прогласот дополнително се потенцираат и зајакнуваат, рече Жерновски.

Вметнувањето на Рамковниот договор, според пратениците од опозицијата, е дополнително проблематично и тоа отвора можности за федерализација и бинационална држава. Со ставањето на Рамковниот договор во Преамбулата, се отвора можност да се прогласи албанскиот јазик за службен на целата територија на државата. Затоа, рече пратеничката Дафина Стојановска, се тргаат одлуките меѓу кои и онаа со која за службен јазик се прогласува македонскиот јазик.

Неа и реплицираше пратеничката од НСДП Соња Мираковска, според која Рамковниот договор треба да биде вграден во Преамбулата, меѓудругото, поради фактот дека, како што рече, со него се вели оти суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат, како и оти се гарантира мултиетничкиот карактер на државата.

Нада Ципушева од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека постои можност Грција секогаш да ја блокира Македонија, огласно, како што рече, една одредба од договорот од Преспа.

-Во член 2, став 4 изрично е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови: прво од исходот на референдумот, кој треба да е конзистентен со спогодбата и второ усвојување на уставните амадмани. Тоа значи дека без испонување на било кој од двата услови Грција нема да има обврска да не поддржи за членство во НАТО. Дури и да ја ратификуваат спогодбата во нивниот Парламент, ние ќе бидеме во нивна милост дали ќе не пропуштат во НАТО. Секогаш ќе може да се повикува на неуспешниот референдум и да одбие да го ратификува протоколот за наше членство во НАТО, рече таа.

Заменик минснистерот Жерновски истакна дека Владата при преговорите водела сметка да не се случат вакви можни блокади.

-Морам апсолутно да демантирам дека нема никаква заштита. Напротив и тоа како е водена сметка за таква заштитна клаузула. Во текстот на нацрт-амандманите пишува „овие амандмани се составен дел на Уставот на Македонија и влегуваат во сила на денот на влегување на сила на конечната спогодба за решавање на разликите опишани со резолуциите 817 и 845 од 1993 година на Советот на безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и воспоставување стратешко партнерство меѓу страните и ратификација на протоколот за членство од страна на Република Грција". Секој амандман кој ќе биде објавен во службен весник ќе започне со овој дел, како заштитна клаузула, рече Жерновски.

Тој додаде дека не е коректно да се игнорираат ниту завршните одредби од договорот кој предвидува доколку не стапи во сила тој во целост и секоја негова одредба поединечно нема да имаат никакво дејство и на било кој начин да ја обврзува било која од страните.

Претпладнето, Првиот нацрт-амандман за промена на Уставот помина на седницата на оваа Комисија со десет гласови „за" и пет против.

Со овој нацрт-амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект. /MИА

Ужас во Словачка: Родители си ги тепале своите четири деца со синџири и ремени, ги изгладнувале

Во брутален случај на злоупотреба на четири деца во Словачка, полицијата ги уапси мајката Јарослава (32) и таткото Милан (42).

Децата доживеале неверојатна тортура, родителите наводно ги тепале со ремени и синџири. Откако ќе ги претепале, ги затворале и ги изгладнувале. Сепак, Јарослава за време на сослушувањето го обвини таткото за сѐ, објавија локалните медиуми.

Таа наводно рекла дека имала многу лоши односи со Милан. Според неа, тој наводно бил алкохоличар во последните 10 години. Во една прилика тој наводно го претепал синот Адријан со ремен, а потоа рекол дека не сака да го прави тоа. Според медиумите, мајката знаела дека таткото не им дава храна на децата.

Јарослава тогаш изјавила дека Милан не им дозволувал ништо на децата, кои многу се плашеле од него. Милан наводно во една прилика го претепал Адријан со тоа што го извлекол од креветот и го удирал со таква сила што момчето се онесвестило.

Катанците во куќата наликувале на затворски. Биле ставени на шкафовите, на вратата од детската соба, но и на фрижидерот, за децата да не изедат сѐ. Низ куќата одекнувале грди зборови.

Оваа ужасна злоупотреба била откриена минатата недела. Резултатите од истрагата покажуваат дека злоставувањето било откриено за време на часот по физичко, кога Адријан се пресоблекувал во спортска облека во соблекувалната.

Момчето наводно не сакало да каже ништо пред тоа бидејќи се плашело од тоа што може да го чека дома. Тој рекол дека татко му го тепал со синџир.

Медицинскиот извештај на Универзитетската болница во Трнава покажува дека Адријан се здобил со контузија и хематом на градниот кош.

На Милан сега му се закануваат 15 години затвор. Сепак, неговото семејство не се согласува со обвинувањата, додека неговата сестра тврди дека Милан никогаш не злоставувал деца.

„Одеше на работа додека жена му беше дома, таа не ни готвеше. Добро се грижеше за децата. Имаа брава на вратата да не ја отвораат децата. Децата го земаа јогуртот, јадеа малку па го фрлаа во ѓубре“, тврди сестрата на обвинетиот.

Полицијата ја продолжува истрагата.

Повторно е нападната американската воена база во Ирак

Вчера била нападната американската воена воздухопловна база Ал Асад во западниот дел на Ирак, а во нападот не е направена никаква штета и никој не е повреден, изјави неименуван американски функционер за Тајмс оф Израел.

„Ова беше втор напад врз американските сили од 4 февруари“, додаде американскиот официјален претставник, мислејќи на нападот во неделата кога беа истрелани пет ракети врз истата база од пограничниот град Зума.

Во тоа време, САД објавија дека сојузничкиот борбен авион уништил ракетен фрлач во Сирија, додавајќи дека ниту еден американски воен персонал не бил повреден.

Бранот од 165 напади врз американските војници во Ирак и Сирија започна во октомври минатата година, откако Хамас го нападна Израел, а заврши во февруари кога САД извршија воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Ирак и Сирија.

Ен Хатавеј се потсети на одвратната аудиција, на која морала да се бакнува со 10 колеги (ВИДЕО)

Ен Хатавеј вели дека тестовите за хемија меѓу актерите во раните 2000-ти биле одвратни, пишува IndieWire.

Во интервју за магазинот V, актерката се присети на незгодните аудиции за романтични комедии во кои глумеше на почетокот на кариерата.

„Во 2000-тите беше нормално да се бара од актерите да се бакнуваат за време на аудиција, да се тестира хемијата, иако тоа е најлошиот начин да се тестира хемијата - дури и мене ми се има случено“, рече актерката. „Тие рекоа: „Имаме десет момци кои доаѓаат денес, а ти ја доби улогата. Зарем не си возбудена да ги бакнуваш? Мислев дека нешто не е во ред со мене бидејќи не бев возбудена.“

„Бев толку млада и знаев колку е лесно да изгубиш сè ако некој рече дека ти е тешко да се работи, па се преправав дека сум возбудена“, објаснила ѕвездата од „Дневниците на принцезата“. „Тоа не беше игра за моќ, никој не се обидуваше да ме повреди или да биде ужасен. Тоа беа различни времиња и ние денес подобро знаеме“.

Наскоро ќе можеме да ја видиме Хатавеј во романтичниот филм The Idea of ​​You, кој пристигнува на Prime Video на 2 мај. Во филмот, актерката толкува 40-годишна самохрана мајка која влегува во врска со 24-годишен музичар, кој го игра Николас Галицин.

Филмот беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал South by Southwest, кој се одржа во март годинава. Критичарите на Rotten Tomatoes го оценија The Idea of ​​You со 95 проценти.

притисни ентер