Ветеринарната комора бара строги казни за неодговорните сопственици на кучињата

По немилиот настан во Гостивар, Ветеринарната комора на Република Македонија го реафирмира својот став дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво.

Тоа треба да се идентификува и адекватно да се санкционира, за што се неопходни построги законски прописи и нивна доследна примена со строги санкции за прекршителите.

Комората подвлекува и дека досега се третираа само последиците од овој проблем и тоа палијативно и несеопфатно, а повеќето општини воопшто и не ги исполнуваат своите обврски во однос на ова прашање или постапуваат несоодветно и нецелисходно.

-Актуелната ситуација со бездомните кучиња која е резултат на многубројни општествени слабости, социо-економски, менталитетски и цивилизациски и која поради долгогодишното занемарување и маргинализирање на проблемот е крајно загрижувачка и надвор од контрола, што носи сериозни комунални, јавно-здравствени и безбедносни ризици, конечно бара ангажман на целокупната општествена заедница и преиспитување на досегашните модели и постапки. Повикуваме сите инволвирани чинители да пристапат кон сеопфатна анализа на проблемот и изнаоѓање одржливи и системски решенија, наведува Ветеринарната комора.

Комората ја поздравува владината иницијатива за законски измени со цел подобрување на состојбите во оваа сфера и вклученост на ветеринарната професија како најповикана да предложи и да спроведе најсоодветни решенија во содејство со сите заинтересирани и засегнати субјекти.

Во врска со сопствеништвото на милениците, уште еднаш потенцира дека одговорно поседување куче претставува ситуација во која сопственикот на животното ги прифаќа и извршува обврските согласно прописите (задолжително чипирање и регистрација, редовна вакцинација против беснило и третман проти ендопаразити) , како и ги обезбедува потребите на животното за соодветна исхрана, нега, однесување во околината, спречување ризици како агресија, нанесување повреди, пренесување болести.

-Во рамки на одговорното сопствеништво спаѓа и репродукцијата и со неа поврзаната потреба од стерилизација или кастрација на животното, дополнува Комората.

Воедно апелира сопствениците да ја извршат својата обврска за чипирање на милениците кое се спроведува бесплатно .

-Со полно право ќе инсистираме на санкционирање на оние сопственици кои нема да ги исполнат своите обврски, наведува Ветеринарната комора, нагласувајќи дека успешната идентификација и регистрација на домашните миленици ќе резултира со формирање опсежна база на податоци на домашни миленици и нивните сопственици што е појдовна основа за суштинско и каузално решавање на проблемот со бездомните кучиња. /МИА

Макрон: Г-20 треба да постигне согласност за поканата за Путин

Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера дека земјите-членки на Г-20 мора претходно да се договорат пред да го поканат рускиот претседател Владимир Путин да Самитот на групата во Бразил во ноември.

- Поентата на овој клуб е дека треба да има консензус со другите 19 земји. Ова ќе биде работа за бразилската дипломатија. Ако таков состанок може да биде корисен, тогаш треба да се одржи, истакна Макрон на заедничката прес-конференција во Бразил со неговиот колега Луис Инасио Лула да Силва.

Бразил, актуелниот претседавач со групата Г20, која сочинува 80 проценти од светската економија, е против напорите предводени од САД да се изолира и казни Русија за нејзината инвазија врз Украина, тврдејќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и западните земји имаат вина за војната.

Путин не присуствуваше на минатогодишниот Самит на Г-20 во главниот град на Индија, Делхи, избегнувајќи можна политичка цензура и ризик од притвор по наредба на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Во септември 2023 година, Лула изјави „нема шанси“ Путин да биде уапсен доколку присуствува на Самитот во Рио де Жанеиро. Набргу потоа, тој се обрати и изјави дека одлуката за евентуалното апсење на Путин ќе ја донесе судскиот систем, а не неговата влада./МИА

Украина: Соборени 84 од 99 руски беспилотни летала и проектили, оштетени три термоелектрани

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Руски беспилотни летала и проектили синоќа гаѓаа електрани во источна и централна Украина, изјави денеска украинскиот министер за енергетика, а воздухопловните сили на земјата соопштија дека Русите истрелале 99 дронови и проектили на украинска територија, од кои успеале да уништат 84.

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Варшава објави дека го засилила надзорот на полскиот воздушен простор поради зголемената воздушна активност.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека уништиле вкупно 84 истрелани руски ракети, од кои 58 биле беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и 26 ракети.

Украинската енергетска компанија ДТЕК соопшти дека во синоќешните руски удари биле оштетени три украински термоцентрали.

Како што е наведено утрово, опремата на трите централи била тешко оштетена, а по нападот веднаш започнало отстранувањето на штетите.

Министерот за енергетика Герман Галушченко изјави дека во „силен напад“ ноќеска нападите биле насочени кон енергетските постројки во регионите Днепропетровск, Полтава и Черкас.

Гувернерот на областа Днепропетровск, Сергиј Лисак, изјави дека во текот на ноќта силите за противвоздушна одбрана собориле десет беспилотни летала над областа во регионите Павлоград, Криви Рог, Дњепар и Кајански.

Тој рече дека над Дњепар биле уништени четири проектили, дека се оштетени неколку електрани, а еден човек е повреден.

„Во Камјанск беше погодена земјоделска задруга, а пет лица се повредени, од кои двајца се во тешка состојба. Меѓу повредените има и петгодишно дете“, изјави гувернерот.

Вооружените сили на Полска објавија дека нејзините воени авиони биле подигнати за да го надгледуваат воздушниот простор како одговор на истреланите руски ракети во западна Украина.

Варшава во неделата објави дека руска крстосувачка ракета истрелана во правец на градовите во западна Украина навлегла во полскиот воздушен простор низ кој летала 39 секунди. /МИА

Полицијата изрече 207 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе акциска контрола на територијата на земјава  за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што биле санкционирани 207 возачи.

Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 76 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 131 надвор од населено место, информираат од МВР.

Тие најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Воедно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

притисни ентер