Собранието ќе расправа за одземањето на мандатот на Груевски

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк" на СЈО.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски во петокот го доби барањето од Судот од претседателот на Собранието Талата Џафери и имаше рок од 15 дена да ја закаже седницата. Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

Со овој член од собранискиот Деловник е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Незивесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.

Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.

Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк" Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк" осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски во изјава за МИА рече дека доколку му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски тоа значи дека тој не е пратеник и веќе не може да ги ужива пратеничките права. Доколку, пак, не му се одземе пратеничкиот мандат со тоа Груевски нема да избега одговорност за кривичните дела за кои ќе биде осуден.

– Според тоа, дали ќе оди на издржување казна затвор сега или по некој месец тоа битно не ја менува работата, вели Ивановски.

Поранешниот уставен судија смета дека бранителите на Груевски во конкретниот случај бараат одлагање на изржување на казната затвор и наведуваат соодветни аргументи што не се вистински аргументи кои би влијаеле на самата одлука.

– Очекував дека бранителите во основа ќе го поставеа прашањето за примената на член 65 од Уставот, а тоа е престанок, односно одземање на мандатот на пратеникот. Тие не го поставија тоа прашање, туку ги поставија двата елементи – услови, а тоа беше да ја заврши книгата односно да заврши труд кој го пишувал што не е услов за да се бара одлагање за издржување на казната, а вториот беше дека треба да ги доврши задачите што ги има како пратеник, истакнува Ивановски.

Ако се имаат предвид, како што рече Ивановски, извештаите за редовноста на пратеникот Груевски во работата на Собранието може да се констатира дека тој бил присутен само на една или две седници од свикувањето на Собранието, што, како што вели, „значи дека не му е толку јака страната оти ќе страда Парламентот заради неговата неактивност".

По таа логика, како што посочува тој, дури и кога пратеникот кој чека на издржување на казната затвор да биде затворен, не гледа дека со тоа ќе се прекрши Уставот.

– Мислам дека лицето за кое ме прашувате дали ќе оди на издржување на казната затвор, што побрзо треба да прифати да оди на издржување на казната, бидејќи повраток од таа ситуација нема. Одговорноста мора да биде присутна. Бегање од одговорноста не користи никому, па во крајна линија нема да му користи и на Груевски, вели Ивановски./МИА

Кнежевското семејство од Монако вознемирено од обвинувањата за прекумерно трошење пари

Принцот Албер од Монако, во ново интервју за „Пари мач“ (Paris Match), по повод неговиот 66-ти роденден, изјави дека неговото семејство и јавноста го поддржале откако поранешен сметководител го обвини за финансиски неправилности. 

Сепак, тој призна дека неговата сопруга, принцезата Шарлин, е вознемирена поради сѐ тоа.

- Шарлин беше многу вознемирена и тажна поради одредени работи што се појавија во медиумите. Но, ние се поддржувавме меѓусебе, изјави принцот Албер.

Принцот (66) зборуваше за тоа два месеци откако неговиот поранешен вработен Клод Палмеро тврдеше дека личните трошоци на Шарлин скокнале на повеќе од милион евра годишно. Палмеро (67) беше задолжен за финансиите на кнежевското семејство од Монако повеќе од 20 години, но се повлече во јули. Протечените документи го обвинуваат семејството и дека наводно вработувало нелегални имигранти.

Принцезата Шарлин ја нарекуваат „најтажната принцеза на светот“, поради нејзиното наводно постојано лошо расположение, како што се говори. И за нејзиниот брак со Албер често се јавуваат гласини дека е во криза, но кнежевската двојка и натаму се појавува заедно во јавноста.

Еврокомесарот Рејндерс од 25 април ја става функцијата во мирување

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го одобри барањето еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс за неплатено отсуство од должноста, откако на почетокот на неделава Комитетот на министри на Советот на Европа ја поддржа неговата кандидатура за нов генерален секретар на оваа паневропска организација, соопшти ЕК.

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ, па до гласањето за избор во Парламентарното собрание на Организацијата, што е предвидено за во јуни.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК информира дека имајќи ја предвид заложбата на Рејндерс да се воздржи од директно и индиректно учество во каква било активност поврзана со изборната кампања до 25 април, да гарантира дека таква активност не се спроведува во негово име, како и да избегне какви било дополнителни дејствија што би можеле да се перципираат како конфликт на интереси, Фон дер Лајен му одобри неплатено отсуство, нагласувајќи дека и во тој период за него ќе важат одредбите и правилата од Кодексот за однесување на членовите на Европската комисија.

- Претседателката посебно ја истакна обврската да не ги користи човечките или материјалните ресурси на Комисијата во периодот на кампањата и да продолжи со почитување на принципите на доверливост и колегијалност, како и со општите обврски утврдени во Кодексот на однесување, се додава во соопштението, при што се посочува дека за привременото повлекување на Рејндерс, ЕК ги информирала и Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Негови противкандидати за функцијата се донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар.

Засега е не јасно дали доколку биде избран на новата должност, Рејндерс уште веднаш ќе го напушти местото еврокомесар или ќе го истурка целиот мандат до крај. Мандатот на сегашната Европска комисија и на нејзините членови истекува со изборот на новиот состав на извршното тело на ЕУ, што се очекува да се случи во октомври или ноември. Од друга страна актуелниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември.

„Гответе со Дракче“ - Шпагети со школки

Во среда (27.03.2024) во емисијата гостин ни беше Катерина Танева.

Состојки за денешниот рецепт:

1 пакетче шпагети

2 пакетчиња школки

2 конзерви пасиран домат

1 главица лук

1 лимон

бибер, сув зачин, сол по потреба

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

притисни ентер