Македонија поразена од Грција во квалификациите за ЕП 2020

Македонија претрпе пораз од Грција со 28:26 во второто коло од квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2020 година.

По несигурната игра во воведните минути на натпреварот во Кожани, македонските ракометари воспоставија поголема контрола над теренот и имаа водство кое со осцилации го одржуваа до 20-та минута.

На десет минути пред крајот на првиот дел домашните ракометари успеаа да израмнат и да наметнат игра гол за гол.

Првото полувреме помина во многу грешки на двете страни, а македонската репрезентација со погодок во последните секунди на паузата да замина со минимална предност од 12:13.

Меѓу најзаслужните за водството на Македонија беше голманот Никола Митревски, кој со повеќе одлични интервенции не дозволи резултатски пресврт.

И во второто полувреме македонската репрезентација не ја оправда фаворитската улога и продолжи со неконзистентната игра со многу грешки. Иако македонските ракометари во поголемиот дел од полувремето имаа минимална предност, на неколку минути пред крајот дозволија домаќините да поведат.

Грчките ракометари во финишот останаа пофокусирани на теренот, ги искористија грешките на македонскиот тим и благодарение на одличните интервенции на голманот Цилимпарис остварија победа од 28:26.

Македонија во првото коло ја совлада Турција, а веќе во следното коло ќе се соочи со Исланд. /МИА

Академија Пандев го ангажираше првото засилување

Марко Рајковиќ е првото засилување за „Академија Пандев" пред почетокот на новата сезона, објави на својата фан- страница струмичкиот прволигаш и актуелен освојувал на купот.

Рајковиќ е напаѓач и минатата сезона настапуваше за Силекс од Кратово.

Покрај првото засилување, од раководството на Академија Пандев најавуваат дека треба да им пристапи и бранителот Марио Маслаќ, кој лани настапуваше за Беласица, а за в четврток е најавено и доаѓањето на Шпанецот со македонско потекло, Давор Зафиров, кој настапуваше за Тенерифе и исто така игра во одбраната./МИА

Големата шампионка Серена Вилијамс декласирана, Симона Халеп на тронот на Вимблдон

Романската тенисерка Симона Халеп е победничка на годинешното неофицијално светско првенство во тенис, Грен слемот во Вимблдон.

Во големото финале феноменалната Халеп за само 57 минути игра од централниот терен во Вимблдон ја збриша големата шампионка Американката Серена Вилијамс победувајќи ја експресно во два сета со 6-2 и 6-2.

За Симона Халеп по титулата на Роналд Гарос ова е вториот трофеј од Грен слем турнирите. Легендата на светскиот тенис Серена Вилијамс попладнево не успеа да го подигне својот осми пехар во Вимблдон.

КК „Кожуф" единствен кошаркарски клуб во Гевгелија

Гевгелија е вистински кошаркарски град кој минатата сезона имаше два клуба кои се натпреваруваа во Првата државна лига, доби шампион во БИБЛ лигата и беше домаќин на кошаркарскиот Куп.

 Со сопственикот и спонзорот на КК „Блокотехна" постигнавме договор во наредната кошаркарска сезона Гевгелија во Првата кошаркарска лига да ја претставува само КК „Кожуф" кој ќе настапува значително зајакнат организациски и во поглед на играчкиот состав, информираше на денешниот брифинг со новинарите градоначалникот Сашо Поцков.

– Гевгелија е вистински кошаркарски град кој минатата сезона имаше два клуба кои се натпреваруваа во Првата државна лига, доби шампион во БИБЛ лигата и беше домаќин на кошаркарскиот Куп. Констатиравме дека ваквата традиција можеме да ја продолжиме и да постигнеме уште подобри резултати само со единствен кошаркарски клуб, рече Поцков.

За постигнување подобри резултати неопходни се и дополнителни финансиски средства поради што Поцков организирал средба со најголемите компании од општина Гевгелија од кои побарал поддршка за остварување на целта и задржување на гевгелискиот спортски бренд.

Текстилната компанија „Ноел" која беше сопственик и единствен спонзор на КК „Блокотехна" најави дека финансиски и организациски ќе го поддржи единствениот кошаркарски клуб „Кожуф" и оти дополнително ќе одлучи дали „Блокотехна" ќе продолжи да се натпреварува или пак местото во Првата лига ќе го отстапи на друг клуб.

притисни ентер