Почнаа нови ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

Археолозите од НУ Музеј Куманово почнаа со овогодинешните ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане.

Тие работат на два сектори на акрополата и западната тераса на локалитетот кој се проценува дека е од хеленистичкиот период, 4 и 3 век п.н.е.

Археолозите во изминатите години при истражувањата на  локалитетот пронајдоа остатоци од луксузна архитектура, градби во чии што склоп биле вградувани јонски столбови од локално производство, од локален камен од којшто се произведени, за што доказ се пронајдените деловите од столбовите. Открени беа ѕидови премачкани со малтер со фреско-декорација, што сведочи за високото културно и цивилизациско ниво на кое што се наоѓал овој безимен град на локалитетот Градиште.

Повеќеслојното наоѓалиште археолозите го истражуваат неколку години наназад  и досега се откриени делови од градби, меѓу кои значајни се остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век п. н.е.Пронајдена е и богата декоративна камена пластика и капители од јонски столбови.

Локалитетот Градиште во  Младо Нагоричане за прв пат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот. /МИА

Преговори во Скопје за признавање на дипломите на четири професии во регионот на Западен Балкан

Втората рунда преговори за заедничко признавање на дел од дипломите меѓу земјите на Западен Балкан продолжува денеска во Скопје, соопшти Регионалниот совет за соработка, чија генерална секретарна Мајлинда Брегу од вчера е во посета на Македонија.

Процесот на преговори треба да заврши со „Спогодба за заедничко признавање" на дипломите меѓу шест земји од Западен Балкан, со што ќе се обезбедат подеднакви услови за прифаќање на професионалните квалификации на лекарите, стоматолозите, архитектите и градежните инженери и ќе се овозможи тие да можат да работат без проблем во која било од овие земји.

Генералната секретарка на РСС Брегу на отворањето на дводневниот состанок подвлече дека непреченото движење на професионалниците е дел од европеизацијата на регионот.

-Фер е од мене да кажам дека ова се предизвикувачки времиња и тие носат големи очекување. Секои преговори се приказна составена од влијание и дијалог, трансформација и надеж за поединците, за општествата за државите, изјави Брегу, ветувајќи дека на тој пат РСС ќе обезбеди неутрална техничка помош и олеснување на процесот.

Со постигнување на договорот се очекува полза да имаат по околу 600 професионалци од земјите на Западен Балкан секоја година, за разлика од сега каде овој број поради постоечките бариери се движи по околу 20 поединци од секоја земја.

Постигнувањето на договорот за Спогодбата за заедничко признавање на дипломите се очекува пред годинешниот Самит на Западен Балкан и ЕУ, предвиден да се одржи во јули во Полска.

Брегу денеска во Скопје има средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на собраниската Комисијата за европски прашања Артан Груби. /МИА

Царовска: Лицата со попреченост мора да ги остварат своите права како и сите други граѓани

Македонија има направено добри чекори напред во унапредување на правата на лицата со попреченост.

Македонија има направено добри чекори напред во унапредување на правата на лицата со попреченост, особено во делот на деинституционализацијата, но останува уште многу да се направи пред се во обезбедување на можности за вработување на овие лица со искористување на нивниот потенцијал, за рана детекција кај децата и вклучување во образовниот систем, како и изработка на регистар на лица со попреченост преку вкрстување за креирање уште подобри политики.

Ова се дел од ставовите на учесниците кои се обратија на почетокот на тридневната обука „Промена на парадигмата и придонес кон прифаќање на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост" во организација на агенциите на Обединетите нации и МТСП.

-Сите институции заедно со граѓанскиот сектор поинтензивно да работат на имплементација на самата Конвенција, која е документ што Македонија го ратификувала, но досега не се работело доволно на ова прашање. Ние како Влада имаме цврта заложба  дека лицата со попреченост мора да ги остварат своите граѓански права како и сите други граѓани во државата. Токму затоа сите институции треба да го дадат максимумот во имлементацијата на овој документ, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Потсети дека досега ги остраниле сите административни бариери за остварување на правата, оти ја зголемиле паричната поддршка, како и дека дополнително се воведуваат услуги на локално ниво за да може да овие лица поленсо ги остваруваат правата и да се зголеми квалитетот на живеење. Според неа, особен напредок е постигнат во процесот на деинституционализација и затворање на гломазните институции. Притоа потенцира дека до 2020 Заводот во Демир Капија треба да биде трансформиран во нов концепт за поддржка и живеење во локалната заедница за овие лица.

Постојаниот координатор на ОН и преставник на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс, вели дека е особено важно да се обучат и граѓанските организации, но и владините институции за да можат да дадат поголема поддршка на лицата со попреченост со цел да им се овозможи достоинствен живот и квалитетен живот.

– Постигнат е добар прогрес, но, има уште многу да се направи. Сакаме да видиме општество во кое возрасните лица со попреченост ќе можат да се вработат и да ги реализираат своите потенцијали, и да живеат достоинствено во заедницата, а не во институција. Потребна е и рана детекција на попреченост и вклучување на сите деца во предушилишното образование.

Во Македонија нема регистар за лица со попреченост, но Царовска истакна дека се работи на поврзување на системите на здравство, образование и социјала, за да се види статистика на сите луѓе кои се едидентирани во ситемот, дали со здравствено осигурување, дали добиваат помош од МТСП или се вклучени во образование. Со тоа, рече, ќе добиеме првична бројка. Според светските статистики пак, како што појани Перкс, 10 проценти од возрасните и пет проценти од децата имаат некаков вид попреченост. /МИА

На „Титаник" се изнесуваат материјални докази

Со одложување од еден час поради неприсуство на обвинетите Миле Јанакиески и Мунир Пепиќ кои подоцна беа сприведени од куќен притвор, во Кривичниот суд започна рочиштето за предметот „Титаник" на СЈО.

Обвинителката Лиле Стефанова денеска продолжи со изнесување на материјалните докази од онаму каде на минатото рочиште застана нејзиниот колега Бурим Рустеми.

Во материјалите меѓу другото беа прикажани службени белешки, партиски известувања, изјави од лица, потврди за одземени предмети, …

Во „Титаник" обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања. /МИА

притисни ентер