Апел за помош на 15 – годишната Сара Настеска од Охрид

Од денес почнаа да функционираат  телефонските броеви за донации за помош на 15-годишната Сара Настеска од Охрид, кај која е дијагностицирана Anemia Аplastica.

Сите граѓани  можат да донираат на телефонските броеви: T Mobile 143 102 и VIP 143 480.

Сара. боледува од Anemia Аplastica , која ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот, а трансплантацијата на коскената срж е единствениот спас за неа.

Болеста кај девојчето е утврдена на почетокот на месец август, а дијагнозата е потврдена со итна биопсија која е направена во Скопје, вели таткото на Сара, Горан Настески.

На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје беше земен примерок коскена срж од пределот на карлицата. По утврдување на болеста, следуваше тромбоцитна терапија, со која имаше значително подобрување на здравствената состојба, што не траеше долго. На почетокот на овој месец повторно ѝ беше направена биопсија, која покажа резултати полоши отколку првата. Нашиот син Виктор има 13 години е единствен сроден донатор на коскена срцевина за неа. Во сите странски земји, третманот и лечењето на овој проблем на оваа возраст, спаѓа во рамка на специјализираните детски клиники, вели Горан.

Родителите со резултатите веќе се обратиле и воспоставиле контакти со познати клиники во Турција, Хрватска и Германија. Добиле понуди од Дизелдорф, Франкфурт, како и од специјализирана клиника во Вурзбург, од каде гарантирале висока успешност со низок ризик.

Успехот кој е постигнат во лекување на многу деца, меѓу кои и едно од нашата земја, на иста возраст и со иста дијагноза како Сара е причината поради која веруваме во нив, рече Горан.

За да се изврши оперативниот зафат на трансплантацијата на коскената срж потребни се над 200.000 евра, пари што родителите не можат сами да ги обезбедат. Сите кои се во можност можат да помогнат со уплата на средства на следната жиро сметка: 200 001557959672 – Горан Настески, депонент Стопанска банка.

Русија подготвува санкции против ЕУ

Кремљ и се закани дека ќе одговори на санкциите наметнати од ЕУ, објавија руските медиуми.

Претходно денеска , ЕУ воведе санкции за случајот Скрипал. 

Санкциите влијаеле врз двајцата осомничени за труење на Сергеј и Јулија Скрипал, како и на шефот на ГРУ и неговиот заменик.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката на советот на ЕУ е ”непријателска “. 

Канцеларијата истакна дека Москва го задржува правото да одговори.

Руски и сириски државјани се првите кои се погодени од санкциите според новата рамка, иако двете страни ги уништија спорните средства под контрола на организацијата за забрана на хемиско оружје за разлика од сад, појаснува министерството.

Јавна седница на Државната изборна комисија

Државната изборна комисија денеска ќе одржи јавна седница на која, како што е најавено, треба да бидат разгледани и освоени процедури и правилници за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатски листи.

На дневен ред, исто така, ќе се најдат и информациите за извршени плаќања по обврски од референдумот и тоа прелиминарниот извешај по обврските за спроведување на Референдумот 2018 година и на изборната администрација и помошните тела кои не добиле надоместок за спроведените избори во 2016 и 2017 година.

На седницата, како што информираат од ДИК, ќе биде разгледана и предлог програмата за задолжителна едукација на општинските изборни комисии, избирачките одбори за гласањето во Република Македонија и избирачките одбори за гласањето во странство. /МИА

Притвор за жител на село Стојаково за неовластено производство и пуштање во промет на марихуана

Триесетдневен притвор доби 48-годишно лице од село Стојаково откако при претрес во неговиот дом,  на 30.10.2018 година, била пронајдено околу шест килограми наркотична дрога – марихуана, спакувана во 12 полиетиленски пакувања.

Основното јавно обвинителство во Велес донесело наредба за спроведување истражна постапка против него поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

-При претрес во домот на осомничениот на 30.10.2018 година било утврдено дека тој кај себе неовластено заради продажба држел околу шест килограми наркотична дрога – марихуана, спакувана во 12 полиетиленски пакувања со различна нето маса. Пакувањата биле пронајдени  во бела јутена вреќа во плакарот во една од собите. Претресот бил извршен од страна на овластени службени лица од Полициска станица Гевгелија, по наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Гевгелија, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвнинителство.

Ценејќи го фактот дека се исполнети законските основи, а имајќи ја предвид и висината на запретената казна за предметното кривично дело, фактот дека осомничениот повеќепати е осудуван за ист вид на кривични дела, како и можноста тој да влијае врз сведоци, Основното јавно обвинителство Велес до судијата на претходна постапка од Основен суд Велес поднесел и предлог за определување притвор за осомничениот.

Предлогот, како што велат од Обвинителството, е прифатен  и на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. /МИА

притисни ентер