Телефонски разговор Заев-Ципрас по оставката на Коѕијас

Телефонски разговор по оставката на Никос Коѕијас имале премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. 

Според портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, и двајцата премиери се согласиле и повториле дека работат на имплементација на Договорот од Преспа.

- Премиерот контактира многу редовно со господинот Заев. Очигледно е дека премиерот на соседната земја нема да ги коментира внатрешните ситуации и внатрешната сцена во Грција, наспроти тоа, се согласија и го повторија она што им е на сите познато дека и двајцата работат за Балкан на 21. век и двајцата работат за имплементација и стапување во сила на Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчкиот весник „Авги“, кој важи за гласник на СИРИЗА, двајцата премиери разговарале за нов Балкан на кој преовладува мир, соработка и солидарност.

Информативниот портал „Ин“, пишува дека Ципрас го информирал Заев за она што се случило околу оставката на Коѕијас и за тоа дека тој лично го презема Министерството за надворешни работи, додека пак македонскиот премиер на неговиот грчки колега му ја пренел ситуацијата во Македонија за гласањето во собранието и позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. /МИА

Изминатото деноноќие осум сообраќајки во Скопје, шест лица лесно повредени

Шест лица се здобиле со лесни телесни повреди во пет од вкупно осум сообраќајки во текот на вчерашниот ден. Во три била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека вчера сообраќајната полиција санкционирала 37 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, четворица возачи поминале на крстосница на црвено светло, шест возачи не дале првенство на минување на обележан пешачки премин, еден возач за неправилно престројување, еден возач за неправилно престигнување,  еден возач не дал првенство на минување на возила во зона на крстосница, двајца возачи за не носење заштитен шлем, осум возачи за не  користење сигурносен појас и 18 возачи кои користеле мобилен телефон за време на управување на моторно возило.

Од сообраќај биле исклучени 18 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, како и четири технички неисправни и 14 нерегистрирани возила.

Санкциониран бил и еден пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин.

Затекнати биле 98 возила непрописно паркирани, а со помош на  специјалното возило „пајак", отстранети биле 66 возила.

Во текот на денот Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во ПОУ „Круме Кепески" на подрачјето на општина Кисела Вода, со ученици од четврто одделение, во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот". /МИА

Министерот Едмонд Адеми во работна посета на Франција

Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Франција, каде ќе оствари средби со претставниците на дијаспората од Република Северна Македонија.

Министерот Адеми, како што соопшти неговиот кабинет,  ќе ја посети општината Вилжуст во Фрнација, чиј градоначалник е Игор Тричковски со кога ќе реализира и  работна средба.

Покрај средбите со дијаспората, министерот Адеми ќе оствари билатерални средби претседателот на групата за македонско-француско пријателство во Националното собрание на Франција, Бертан Сор и пратеничката Лилиан Танги, која е и член на Комисијата за надворешни работи при Националното Собрание.

Фокусот на средбите со соговорниците, како што информираат од кабинетот на Адеми, ќе биде ставен на можностите за унапрдување на билатералната соработка во во сите области од заемен интерес, унапредувањето на положбата  на нашата дијаспора и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во Франција како и за актуелните политички цели на Влада на Република Северна Македонија со посебен акцен на ЕУ и НАТО интеграција на нашата држава. /МИА

Координативна средба на Комисијата за транспорт, врски и екологија со претставници од ФЛОРОЗОН

Во Собранието денеска ќе се одржи координативна средба на Комисијата за транспорт, врски и екологија со проектниот тим од Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН.

– На средбата е предвидено да се пренесат заклучоците од првата средба на Националното координативно тело во рамките на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда", составено од релевантни чинители од државните институции, граѓанските организации и академијата, да се дискутира за поддршката во идните проектни активности, можноста за влијание на Законот за бесплатна правна помош за вклучување на областа на животна средина како и овозможување на групни претставки од оваа област, за предизвиците со едукација на вештаци, нивна соработка за еднаков пристап до правда во областа на животна средина…/МИА

притисни ентер