Доне Илов, раководител на сектор за животна средина при Општината, рече дека шеста година по ред, се посадуваат садници на ерозивни подрачја.
- Пролетва ќе бидат продадени околу 2.5 илјади садници. Овојпат посадуваме багрем, додаде тој.
Претседателот на ,,Еко - живот", Роберто Паризов апелираше и други субјекти во општината, да се вклучат во вакви и слични еколошки акции.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека последниве години во Општина Кавадарци се реконструираше целата постоечка јавна зелена површина, но се подигнаа и нови, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130.000 метри квадратни.
- По цели 60 години со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е Градскиот парк Љупчо Шкартов. Кавадарчани добија и нов парк, Киро Крстев, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и зеленило. Во паркот на револуцијата пак, никна нов Дендро парк, богат со разновидни видови на растенија.
Исто така и локалитетот 12 Ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден, појасни тој.
Шеста година по ред, додаде, секоја пролет и есен се пошумуваат и околните ерозивни подрачја што го напаѓаат градот.
- Три години се пошумуваше на Журов дол во село Ваташа, во изминатите три години таму се посадија 40.000 садници од чемпрес и багрем. Изминатите две и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички рид, каде беа посадени досега 15.000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници на багрем, а на есен се планира помасовно садење од 5.000 садници, информираше Јанчев.