Што сакаше да каже премиерот Зоран Заев, со порака за помирува и простување за настаните од 27-ми април. Од собраниската говорница, македонскиот премиер ги повика пратениците од опозицијата да си подадат рака и да гласат за уставните измени. Во говорот Заев кажа дека сега е моментот за такво нешто, но и дека е подготвен да ја плати политичката цена.
Заев и неговите соработници претходно во повеќе наврати истакнуваа дека амнестија за настаните од крвавиот четврток нема да има. Истата порака Заев ја упати и на годишнината од крвавите настани, во прес центарот на собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека говорот на премиерот го сметаат како понуда за амнестија. Прашан дали би отфрлиле таква понуда, генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, без прецизен одговор – станува збор за правда, не амнестија.
Дел од аналитичарите, обраќањето на премиерот го толкуваат единствено како понуда кон опозицијата, да се договорат и да ги изгласаат уставните измени.
На социјалните мрежи, се огласи и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми. Подавањето рака, како што напиша тој, не значи амнестија, туку човечка особина и големина. Со свој коментар на социјалните мрежи се јавија и дел од обвинетите за крвавиот четврток. Дурловски и Дамовски на своите фејсбук профили напишаа дека се борат за како што велат вистинска слобода, и правда, а не амнестија. За настаните од 27 април обвинети се 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Меѓу обвинетите се и петмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.