Прва авто-слалом трка во Прилеп

 Прилеп беше домаќин на дисциплината автослалом трка која за првпат се бодува за македонскиот шампионат.

На булеварот „Гоце Делчев“, поточно на потегот од Центарот за култура „Марко Цепенков“ до хотелот „Липа“, со препреки и со мерење на најуспешното поминато време, 27 натпреварувачи од Македонија ги покажаа вештините во авто-слалом трките, познати во светот, но за првпат во Македонија кои се бодуваат за државен шампионат.

Според Мојсие Милосавлевски, претседател на на „Авто-мото клубот „Скопје“, организатор на натпреварот, по седум години оваа дисциплина се враќа во македонскиот автомобилизам.

- Се актривираме сите заедно да го вратиме автомобилизмот во Македонија. Дисциплината слалом е нова во македонскиот автомобилизам и за првпат годинава се бодува за државното првенство. Во суштина се три натпревравувања: натпреварот во Струмица помина, сега е во Прилеп и на 25 ноември е во Скопје. Од трите натпреварувања најдобрите ќе бидат на државното првенство на Македонија. Така Македонија за прв пат ќе го добие државниот првак во авто-слалом. Прилеп го избравме, бидејќи долги години за 11 октомври токму тука се одржуваше спретното возење автомобили. За денешниот натпревар има пријавено 27 натпреварувачи во четири категории од кои две категории се за спортски возила и градски возила во стандардна конкуренција, објаснува Милосавлевски.

Авто-слаломот е светска дисциплина, меѓународно призната од Светската федерација, Се вози на рамни површини, конфигурацијата на патеката ја прави организаторот. Се вози низ препреки, на кратки растојанија. Се мери времето и најдобрите се победници. На трката беа најискусните и најстарите, оние што првпат се натпреваруваат и дамите кои се натпреваруваат во, условно, овој машки спорт.

- Две години професионално се натпреварувам. Дојден сум во Прилеп за натпреварот. Не може со зборови да се објасни чувството за натпреварувањето. Ова е одличен начин да се потроши адреналинот, да биде организирано натпреварувањето, да не се злоупотребуваат улиците, минувачите и да не се загрозува безбедноста на пешаците и останатите возила во сообраќајот. Сум се натпреварувал во ридско-брзински трки на двапати во Косово, како и во македонскиот шампионат заедно со кружните натпреварувања, вели Бојан Тодоровски, натпреварувач од авто клубот „Кастиг кар“ од Скопје.

Христаки Давитковски од Скопје е еден од најстарите и најискусен авто возач во македонските натпреварувања истакна дека ова е убава популаризација на спортот и треба да заживее.

Маја Милошевска од Скопје е една од ретките девојки која се натпреварува успешно во овој, условно „машки спорт“. Ја продолжува традицијата во семејството и многумина навиваат за неа.

- Долги години сум учесник во автонатпреварите. Мојот татко и чичко уште во поранешна Југославија возеле на авто-трките, па јас ја продолжувам, се надевам, успешно, семејната традиција. И брат ми учествува на натпреварот. За прв пат возиме во шампионат за авто-слалом, вели Милошевска.

Јоргос Василопулос од Грција, еден од натпреварувачите рече дека со авто-трките се занимава 15 години, но првпат учествува во Прилеп, што значи ова му е прва трка во Македонија. - Организацијата е одлична. Очекувам многу публика и убаво да си поминеме. Сум се занимавал со мото-трки, со картинг, со „Формула 3“, во што сум првак во Грција, посочи Василопулос.

Во оваа слалом авто-дисциплина прво се одржаа натпреварите во Струмица, денеска се во Прилеп, а на 25 ноември се заокружуваат во Скопје и за првпат најдобрите ќе се најдат на државното првенство на Македонија.

Поплави во Кина

 Околу 127 милиони луѓе во Кина се во состојба на готовност по поплавите во кои загинаа најмалку четири лица, а десетици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови.

Силно невреме ја опустоши јужна Кина од четвртокот, а 11 лица се исчезнати во поројните дождови кои поплавија градовите и однесоа автомобили.

Во јужната провинција Гуангдонг во последните неколку дена врне силен дожд. Нивото на реките се зголеми и до седум метри, а зголемен е стравот од големи поплави, кои според локалните медиуми се случуваат еднаш во 100 години, пренесува Дејли мејл.

Пријавени се три смртни случаи во градот Жаокинг, а еден спасител починал во градот Шаокуан. Уште десет лица се водат како исчезнати, а потрагата и спасувањето продолжува.

Во провинцијата се урнаа 36 куќи, а 48 беа сериозно оштетени, што резултираше со директна економска загуба од речиси 140,6 милиони јуани, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Повеќе од 110.000 луѓе беа раселени низ Гуангдонг. Од нив, повеќе од 45.000 се евакуирани од северниот град Кингјуан.

Надлежните најавија дека се очекува реката да достигне ниво невидено во последните 50 години.

На интернет се објавени застрашувачките снимки на кои се гледаат големи површини поплавени во матна вода и спасувачи кои ги превезуваат луѓето со чамци за спасување додека водата достигнува до половината./МИА

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

притисни ентер