ЕЛИФ уред за укажување опасност од врнежи и поплави

 Борис Секирарски од Куманово годинава го доби  Златниот медал на „ИНОВАМАК 2018“ за идејата електронски водена интернет прогноза или популарно ЕЛИФ (кратенка од Electronically Leed Internet Forecast).

Покажувачот кој наликува на семафор ги покажува можностите за обилни врнежи и поплави на одредено место во одреден момент, а главната цел е да спасува животи со точно укажување на опасност од брзи поплави.

Водејќи се од оваа идеја, Секирарски инаку метеоролог со повеќе од тридецениско искуство и вљубеник во информатиката го креирал овој систем неколку години.

„Семафорот“ на Секирарски има четири бои, бела која означува дека е во функција, сино кое алармира општа поплава, жолто за дополнителни врнежи и црвено за наидување на брза поплава.

- Целата ЕЛИФ идеја во голема мера веќе е и функционална. Таа е систем од неколку целини. Компјутер - сервер на кој на секои петнаесет минути се повторуваат пресметки за критични региони кај нас и на неколку места на Балканот. Вклучени се и две интернет локации (адреси) на кои постојано се обновуваат информации за ниво на опасност по региони. Исто така направен е посебен ИоТ уред (кратенка од Internet Of Things) се разбира со име ЕЛИФ и чија намена е да ја изнесе прогнозата на конкретна микролокација и да известува во моментот, вели Секирарски.

Трета целина на покажувачот е наменета за корисниците на мобилните уреди со андроид оперативен систем. Тоа е апликацијата MELIF која исто така умее да ги прочита нивоата на опасност од интернет локацијата и најслично со обичен семафор тоа и да го покажува.

Идејата на изумот е граѓаните да имаат информации каква е состојбата со врнежите во нивниот град, село, нивната улица. На идејата за креирање на ваков покажувач работел од 2015 година со различен интензитет.

- Осоебно силно ме мотивираа поплавите во Македонија, на реката Пена кога имаше и жртви и дополнително поплавата во Стајковци со голем број жртви, по што настојував да го забрзам процесот на креирање на покажувачот, додава Секирарски.

Електронски водената интерент прогноза за поплавите треба да ја посочи микролокацијата каде има обилни дождови. Доколку жителите на одредено имаат претстава во кое количество се обилните врнежи и можностите за поплави не би излегувале надвор.

- Оваа година, особено во Медитеранот имаше бројни појави на брзо поплавување. Некаде имаше и жртви. Материјалните штети беа големи, но тие се надоместливи. Од брзите поплавувања луѓето губеа живот и во Франција и во Италија и во други заедници и тоа во последен момент. Тие имаа прогноза за денот и за поширокиот регион, но немаа за нивната населба и во тој момент. ELIF треба токму тоа да го премости, појаснува Секирарски.

Деловите за составување на покажувачот ги набавувал преку интернет. ЕЛИФ може да се постави насекаде на улици, плоштади, училишта. Доколку покажува црвено, тогаш не смее да се излегува.

- Минатата година на југот од Франција луѓето загинаа симнувајќи се во приземните гаражи за да ги спасат своите автомобили, вели Секирарски.

Системот ЕЛИФ е пријавен за учество на Саемот на Иновации во Хрватска и доколку влезе во конкуренција ќе биде прикажан и таму.

Место за презентација и примена, појаснува Секирарски има насекаде во светот. Покажувачот е патентиран.

- Сите случувања поврзани со промените на климата, а и тие кои се поврзани со идејата на умни градови, па и умни села ќе сакаат да ја чујат оваа идеја. Не само да ја чујат, туку таа и да стане дел од секојдневното ефикасно и подобро живеење, заклучува Секирарски./МИА.

Кривична пријава за узурпација на земјиште кај цветен пазар зад поликлиниката Бит пазар

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Р. (62) од Скопје и против правно лице од Скопје за сторено кривично дело  „узурпација на недвижности“, соопшти МВР.

А.Р. како сопственик и управител на второпријавеното правно лице, подолг временски период противправно завладеал имот сопственост на државата и го ставил во владение на своето правно лице. А.Р. имотот кој се наоѓа веднаш до цветниот пазар позади поликлиниката Бит Пазар во Скопје, кој претставува градежно неизградено земјиште во општа употреба во сопственост на државата, противзаконски го оградил со наплатна рампа и куќарка за наплата на влез-излез и за секој влез- излез наплаќал соодветен паричен надомест. На тој начин го оневозможил слободното движење и користење на просторот од страна на граѓаните и институциите.

Именувани тројца судии и двајца бранители на Судот на правдата на ЕУ

Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) именуваше тројца судии и двајца бранители на Европскиот суд на правдата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Германецот Томас фон Данвиц и Летонката Инета Зимеле, кои се реизбрани за судии, како и за Французинот Стефан Жервасони, кој првпат е именуван за судија на Судот на правдата.

Членовите на КОРЕПЕР, исто така, го реизбраа Французинот Жан Ришар де ла Тур за бранител во Судот, а на ова должност во прв мандат е именуван и Луксембуржанецот Дин Шпилман.

Именувањата се извршени во рамки на процесот на делумна обнова на составот на Судот на правдата на ЕУ. Мандатите на петмината именувани ќе траат од 7 октомври 2024 година до 6 октомври 2030 година.

Судиите и бранителите на Судот на правдата на ЕУ се назначуваат со согласност на владите на земјите членки на Унијата, по консултации со посебен панел одговорен за давање мислење за соодветноста на потенцијалните кандидати за извршување на должностите. Тие се избираат од редовите на истакнати правници, кои претходно извршувале високи функции во правосудните системи на своите матични земји.

Баерн го вброи Емери во кандидатите за тренерската позиција

Актуелниот бундеслигашки шампион Баерн Минхен размислува за следната сезона на тренерското место да го донесе предводникот на Астон Вила, Унаи Емери.

Според „TZ“ тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо е главна цел на клубот од Минхен, но поради силниот интерес за Шпанецот од Ливерпул, кој на крајот на сезоната ќе го напушти Јирген Клоп, германскиот клуб размислува за други опции.

Претходно беше објавено дека Баерн размислува и за Роберто Де Зерби од Брајтон, како и за селекторот на германската репрезентација Јулијан Нагелсман.

Во февруари, Баерн најави заминување на главниот тренер Томас Тухел од клубот на крајот на сезоната 2023/24.

притисни ентер