Заев апелира до пратениците да се сподели одговороноста за влез во ЕУ и НАТО

Во собраниската Комисија за уставни прашања, премиерот Зоран Заев уште еднаш апелираше до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и да се изјаде консензус и единство за прашањето поврзано со влез во ЕУ и НАТО. 

- Да се обидеме да се исправиме пред одговорноста и одлуките. Секој со своите ставови. Кажано е се, се повторуваат ставовите, но прашањето е дали можеме да изградиме консензус, единство, нешто зад кое ќе застанеме заедно, рече Заев додавајќи дека НАТО и ЕУ се речиси единствените работи и политички и етнички што не обединуваат.

Прашањето, според него, е што ќе правиме со НАТО и со ЕУ ако ја пропуштиме и оваа шанса.

- Никој не го чепка името Македонија. Се појаснува името Македонија. Да, гордост е на сите нас. Го појаснуваме, го дефинираме. Знам дека никој нема територијални аспирации. И знам дека сите сме демократи луѓе. Знам дека си ја сакаме Македонија и сакаме да биде признаена од сите. И знам дека одговорноста за НАТО и за ЕУ е на сите, рече Заев.

Кажа дека разговарал со сите пратеници и дека знае дека на огромен број од пратениците од опозицијата тешко им паѓа помислата да се испушти оваа шанса.

- Подобар договор нема. Дајте да видиме можеме ли со уставниот закон да промениме нешто што оди паралелно за да може да ги приближиме ставовите. Можеме ли некако да го зацврстиме тоа со идентитетот и со јазикот, да разговараме со нешто што ќе не сплоти, но дефинитивно НАТО и ЕУ остануваат нешто што политички не држи заедно. Воопшто договор не е возможен. Да ја осигураме и обезбедиме иднината и на сегашните и на идните генерации, дајте со одговорноста да се носиме. Без опозицијата ние не можеме ништо да направиме во Парламентот. Не можеме. Имаме пратеници, немаме двотретинско мнозинство, рече премиерот.

Повторно апелираше до пратениците.

- Имаме време и сега, имаме време и на пленарната седница. Граѓаните ќе бараат одговори, ќе одминат месеци, денови и години. Дали сме биле на нивото на историската одговорност сите, со сите свои одговорности кои и политички ги носиме. Немам проблем за политичката одговорност. Ја ставам на маса каква и сака нека е. Дај да ја обезбедиме оваа држава. Да ја обезбедиме заедно. На ова прашање не личи заедно. Апелирам да размислиме до самиот крај на носењето на одлуките, рече Заев.

Реплики предизвика обраќањето на пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, за кого Предлогот за пристапување кон уставни измени е непрецизен и нејасен и побара да не се злоупотребува волјата на граѓаните, посочувајќи на резултатите од референдумот. Негова, како што кажа, замолница е да се седне да се разговара и владејачките партии и опозицијата да најдат начин како да се излезе од оваа ситуација. Не е добро, според него, барањето на сила нешто да се направи, со „закрвавувања, омраза“...

- Бришете се што е македонско, македонската историја, не само на Егејска Македонија туку и на тукашната рече Димков.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во однос на референдумот праша на кој народ се повикува ВМРО-ДПМНЕ и кој глас посилно се слуша: тој на над 609.800 кои гласале за, тие што гласале против 37.700 или граѓаните што молчеле.

- Како ќе го чуеме гласот на граѓаните што молчеле. Значи побаравме совет од граѓаните, не добивме целосен совет, бидејќи излезноста не е постигната. Меѓутоа, гласноста е 610.000 наспроти 38.000, а се друго е молк. Со РМ владеат 610.000 и на парламентарни и на локални избори. Ке има прилика и ќе зборувам за одговорност, а пред сите нас бидејќи мислам премногу имаме „вие“ и „ние“, а премалку ги имаме реалниот контекс и иднината на нашата, рече Димитров.

Вие кажавте, одговори Димков, дека референдумот не е успешен, а имаме и изјава од ДИК.

- Имате најголема одговорност, можеби најхрабар сте, можеби единствен, вие, што се потпишавте на тој договор. Вие ќе си го носите товарот на вашиот попис, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија во дебатата предложи Собранието да иницира донесување одлука резултатот од референдумот на 30 септември да се тргне настрана, бидејќи тоа е еден од кумулативните услови за грчката страна да го ратификува Договорот од Преспа во нивниот Парламент. Посочи на опасност дека овој Договор би можел да ја доживее судбината на Времената спогодба од 1995 година. Стоиљковиќ укажа дека пратениците во своите одлуки можат да се водат од законите и Уставот.

Заев на ова кажа дека за да не дојде до оваа ситуација, ќе решаваат институциите и дека затоа беше донесена одлуката референдумот да биде консултативен. Според него, пратениците не се далеку од договор само доколку сакаат заедно да ја споделат одговорноста.

- Дајте да го направиме квантниот скок, рече премиерот Заев.

Во една од репликите Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тој не памети покомплицирана состојба во државата од оваа. Укажа на проблемите што, според него, ќе се појават во грижата на нашата земја за Македонците во светот и во соседството.

Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите, рече дека ќе ги поддржи уставните измени и оти Ромите, кои ги претставува во Парламентот, секогаш биле за ЕУ. Ова, според него, е голема шанса што не смее да се пропушти. Првпат, како што рече, сите соседни земји пријателски се настроени кон Македонија. Ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече да не ставаат „сопки“.

Проекција на „Големата вода и „Црвените булки над ѕидовите“ во Кинотека

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Во рамки на концептот на Кинотеката насловен „Разлики кои не обединуваат“, на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков „Големата вода“ снимен во 2004 година, а следниот ден, 26 април, „Црвените булки над ѕидовите“ од 1976 година во режија на Димитер Анагности.

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Како што соопштија од Кинотеката, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап.

-Но, исто така, битно е да се истакне и дека „Црвените булки на ѕидовите“ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а „Големата вода“ оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот „400 удари“ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција, потенцираат од Кинотека. /МИА

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

притисни ентер