Дисингер: „Вардар" има најдобри навивачи

 Новиот ракометар на „Вардар“, Германецот Кристијан Дисингер, веќе се запозна со тимот, а неговите први реакции се исклучително позитивни. 

Нагласи дека со нетрпение очекува да заигра за „Вардар“ и да се запознае со навивачите.

- По три години поминати во „Кил“, со сите подеми и падови, среќен сум што „Вардар“ ми дава нова ракометна шанса. „Кил“ има одлични фанови, но навивачите на „Вардар“ се апсолутно број eден во Европа. Јас навистина со нетрпение очекувам да ја запознаам оваа земја, народот, културата, големите навивачи и целиот тим на „Вардар“. Ќе дадам се за клубот и се надевам дека можам барем малку да придонесам во успешна сезона, истакна Дисингер.

Германскиот ракометар потпиша двегодишен договор со „Вардар“.

Тој во својата кариера има настапувано за екипите на ТСГ Фреизенхајм (2008-2011), Кадетен (2011-2013), Нептуно (2013), Либек (2015-2015) и од 2015 година за Кил.

За екипата на „Кил“ одигра 130 натпревари и постигна 235 гола.

Кралот на Маорите на Нов Зеланд сака на китовите да им даде основни човекови права

 Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маорите, домородни луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија смета дека давање ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“.

Тој се обрати заедно со високиот поглавица на соседните острови Кук, Травело Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ за зачувување на китовите.

- Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и да тежат до 200 тони.

Но, големината не ги штити. Шест од 13-те големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“.

Откажани се летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“.

На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

Поради штрајкот, којшто според најавите треба да трае денеска и утре, глобално откажани се околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.

Во текот на овие два дена оваа авиокомпанија требаше да реализира 24 лета од Виена до градовите во поранешна Југославија вклучувајќи летови до Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Дубровник и Сплит.

Царинските службеници во Грција ќе одржат 48-часовен штрајк следната седмица

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк.

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

притисни ентер