Пенс по средбата со Заев: Спроведувањето на Договорот со Грција ќе обезбеди поголема сигурност во регионот

Со приемот на македонската владина делегација во Белата куќа, Вашингтон ја заокружи американската поддршка на предреферендумска Македонија.

Мајк Пенс не потврди дали ја прифаќа поканата да ја посети Македонија, но со популарниот лајк, како знак на поддршка, ја испрати македонската делегација од Белата куќа. Американскиот потпретседател не даде изјава, но веднаш по средбата со јасна порака се огласи на Твитер.

-Потврдена е силната поддршка на историскиот Договор за решавање на спорот за името со Грција. Спроведувањето на овој Договор ќе обезбеди поголема сигурност во регионот, напиша Пенс на Твитер.

Затоа е важно во овој критичен момент за иднината на државата, граѓаните да излезат и да гласаат на 30-ти септември, порача заменикот на Трамп за време на средбата во Белата Куќа, на која освен Заев, присуствуваа и вицепремиерот Османи и шефот на дипломатијата Димитров. Македонскиот премиер по разговорот во Белата Куќа посочи дека од Пенс добил охрабрување дека со Договорот од Преспа, Македонија го обезбедува заслуженото место во евроатланските структури и ги гарантира мирот и просперитетот на граѓаните.

-Со Потпретседателот Пенс разговаравме за нашите активности за спроведување успешен референдум на 30 септември, како чекор кој ќе ни ја потврди иднината во најмоќните сојузи НАТО и ЕУ, и дека повикавме сите политички лидери, вклучувајќи ја и опозицијата, да се вградат во таа иднина. Добивме силна поддршка и охрабрување од него да продолжиме по тој пат. На два пати ги пренесе истите пораки од Претседателот Трамп за покажаното лидерство, за постигнатиот договор, со Грција, за успешен референдум. За нашите идни реформи и за нашето полноправно и заслужено место во НАТО и ЕУ, изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија

Приемот во Белата куќа уследи по интензивната американска офанзива, во чии рамки Македонија ја посетија министерот за одбрана Матис, помошникот државен секретар Мичел и сенаторот Џонсон, кои речиси едногласно, како и европските челници дадоа силна поддршка на Преспанскиот договор како клучен услов за просперитетот на земјава.

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

 Квинтетот на Симон Трпчески и камерниот оркестар „Ајга“ ќе го изведат проектот „Македонисимо“ со оркестарската верзија, на два концерта, во салата на Македонската филхармонија. Ова беше кажано на денешната прес-конференција.

- Мислам дека направивме еден феноменален историски чекор за македонската музика, уметност и за Македонија како земја, рече Трпчески.

Диригентката Ана Спасовска, зборувајќи во име на оркестарот, изрази задоволство од соработката.

- Ова ќе биде балканска и македонска премиера. Сметам дека многу одговорно пристапуваме кон нашата задача, да го исполниме „Македонисимо“ најдобро што можеме, бидејќи ние како Македонци, сметам дека нашите ора, би можеле да ги изведеме најубаво, бидејќи најубаво и ги чувствуваме. А всушност тоа е музиката, чувствата да ги пренесеме кон публиката, подвлече Спасовска.

Композиторот Панде Шахов нагласи дека проектот е симболичен, бидејќи дава шанса на исклучително талентирани музичари да свират заедно, нагласувајќи дека соработката ќе продолжи и во иднина.

На средбата беше кажано дека концертите се на стартот од првото издание на Скопје Интернационалниот музички фестивал.

Притоа, беше нагласено дека по распродадениот прв концерт, закажан за 1 април, закажан е втор концерт на 31 март.

Костадиновска-Стојчевска на средба со Јоли: Соработката со Албанија дава резултати

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кој разговараа за соработката помеѓу Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проекти.

„Имаме одлична соработка и секоја укажана прилика ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Префектот на округот Корча, Нерти Јоли на средбата рече преку сериозна и темелна соработка на двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.

Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката не само во областа на културата ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.

Министерката потенцирање дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“ во која учество зеде и Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана и Министерството за култура има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и истата ги негува релациите со Македонците во Корча.

На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката помеѓу битолскиот универзитет со албанскиот универзитет Фан С. Ноли, како и за поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска –Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Фан С. Ноли во Корча ќе има уште поголем од младите и идни студенти, соопшти Министерството за култура.

Нетанјаху даде зелено светло за нова рунда преговори за примирје во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даде зелено светло за нова рунда разговори во Катар и Египет, чија цел е да се постигне примирје во Газа, соопшти денеска израелската Влада.

„Бенјамин Нетанјаху се сретна со директорот на Мосад (надворешното разузнавање на Израел) и директорот на Шин Бет (внатрешно разузнавање) и одобри продолжување на новата рунда разговори во наредните денови во Доха и Каиро“, се вели во владиното соопштение.

притисни ентер