КФЦ ги отвори првите два ресторани во Скопје и Тетово

Американскиот бренд за брза храна КФЦ денеска свечено отвори два ресторани во Скопје и во Тетово.

Франшизантот  кој е ангажиран да работи со КФЦ во Македонија има инвестициски план вреден повеќе од 10 милиони евра за наредните години.

Во моментов има 40 вработени во своите ресторани и 10 вработени во дирекцијата, а во следните две години планот на компанијата е да се отворат 15 ресторани со 400 вработени.

На отворањето на ресторанот во скопски Сити Мол присуствуваа премиерот Зоран Заев и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Ахмети од Желино: На 30 септември нема губитници, победува Македонија

На 30 септември нема губитници, на 30 септември победува Република Македонија, победуваат граѓаните, добиваат одржлив мир, стабилност, безбедност, членство во НАТО наредните 15 месеци и почнување преговори за членство во ЕУ во јуни 2019.

На 30 септември нема губитници, на 30 септември победува Република Македонија, победуваат граѓаните, добиваат одржлив мир, стабилност, безбедност, членство во НАТО наредните 15 месеци и почнување преговори за членство во ЕУ во јуни наредната година, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети на синоќешната средба со жителите на Желино.

Ахмети уште еднаш повика граѓаните да излезат на гласање и да го поддржат зачленувањето на земјата во НАТО и ЕУ.

- Да се биде членка на НАТО не се мери со бројот на жители што ги има државата. Таму сите се рамноправни, а може да се употреби и правото на вето. Сите министри од речиси сите земји на Европската унија дојдоа кај нас за да ги охрабрат нашите граѓани на 30 септември да гласаат за членство во НАТО, истакна Ахмети.

Говор пред жителите на Желино одржаа и шефот на Централниот штаб на ДУИ Атила Реџепи, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, како и поранешниот градоначалник на Општина Желино, актуелен шеф на штабот во Општина Желино Фатмир Изаири. 

Обвинителството ќе ги следи евентуалните незаконитости во текот на референдумот

Јавниот обвинител на Република Македонија формираше Комисија за следење евентуални противправности поврзани со референдумот.

Јавниот обвинител на Република Македонија формираше Комисија за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет  – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30 септември 2018 година.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства.

Проактивното и превентивно делување на Јавното обвинителство со формирањето на привремената Комисија  е одговор на  ставот дека настаните поврзани со претстојниот референдум се од поширок општ интерес во јавноста, каде има потреба од поголема организираност  во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на референдумот. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите  дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Целта на Јавното обвинителство на Република Македонија е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.

Во таа насока, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални противправности  ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса - referendum@jorm.gov.mk

Приведени пет лица за поседување оружје

Пет лица се приведени, откако по проверка на три возила во едното е пронајден пиштол.

СВР Скопје вчера околу 16 часот презеде мерки и активности на паркинг просторот на трговски центар во Скопје.

Извршен е преглед на три патнички моторни возила „мерцедес“, „ланчиа делта“ и „голф“ во кои се затекнати пет лица и тоа О.Б. (34), Ш.А. (36), Ф.Л. (26), Е.И. (24) и Н.И. (22).

Од извршениот преглед во едно од моторните возила е пронајден пиштол марка ТТ кал. 7,62 мм. Лицата се лишени од слобода и приведени  во Полициската станица од ОН Карпош.

СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на случајот.

притисни ентер