Столтенберг: Уверен сум дека ако на референдумот се гласа „за", договорот ќе се имплементира

На сите мои политички средби во Скопје ми беше изјавено дека ако се гласа „за“ на референдумот, договорот ќе се имплементира, вели генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за грчката телевизија „Скај“.

На сите мои политички средби во Скопје ми беше изјавено дека ако се гласа „за“ на референдумот, договорот ќе се имплементира, вели генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за грчката телевизија „Скај“ и додава дека сепак тоа е демократски процес и НАТО „не може да присили ниедна земја да направи нешто што не сака“.

На прашањето што доколку договорот помине кај нас, но не и во Грција, со оглед на позициите на коалициониот партнер во Владата и на лидерот на опозициската Нова демократија, Столтенберг со став дека со тоа би се довел во опасност кредибилитетот на Грција.

- Јас сум уверен дека договорот ќе се имплементира во двете земји, бидејќи е суштински за националниот кредибилитет кога една земја потпишува договор, а другата страна го исполнува, тогаш двете земји ќе го исполнат договорот. Сѐ друго сериозно би го поткопало националниот кредибилитет на било која од земјите, вели Столтенберг и изразува оптимизам дека ќе се запазат предвидените временски рокови и договорот ќе стапи на сила на почетокот на следната година.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, одговарајќи на прашањето, што доколку некоја следна влада во Македонија ги поништи уставните измени и реформите, генералниот секретар на НАТО вели дека промената на Уставот е сложен процес, а при потпишување меѓународни договори секогаш треба да постои и малку доверба.

- Не е ништо ново во меѓународните односи, државите да потпишуваат договори базирани на минимална доверба, а ова важи и во конкретниот случај за двете страни. Ако нема доверба, нема начин да постои било каков договор, но и не може да се направи никаков вид на соработка и било каков напредок во односите меѓу земјите, истакнува генералниот секретар на НАТО.

Во кусото интервју за грчката телевизија „Скај“, Јенс Столтенберг објаснува дека соработката со НАТО во изминатите години се градела чекор по чекор и била корисна како за Грција, така и за Западен Балкан, а „сега сме многу блиску да направиме друг чекор и тоа ќе биде исклучително важно за целиот регион“. /МИА

Договорен е прекина на борбите во Газа

Конфликтите во Појасот Газа ќе бидат прекинати за да се овозможи вториот круг на вакцинација против детска парализа, со кој ќе бидат опфатени 590.000 деца помлади од 10 години, објави денеска директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Хуманитарната пауза во конфликтите ќе започне на 14 октомври, рече Расел, пренесе Ројтерс.

„Од клучно значење е сите страни да ги почитуваат овие хуманитарни паузи. Без тоа, ќе биде невозможно да се вакцинираат децата“, додаде таа.

Првиот круг од кампањата за вакцинација, која започна на 1 септември, ја достигна целта на 90 отсто од децата до 10 години, објавија ОН.

Првиот круг беше изведен во фази во текот на две недели за време на хуманитарни прекини во борбите меѓу израелската армија и палестинското милитантно движење Хамас, потсетува Ројтерс.

СЗО во август потврди дека бебе било делумно парализирано од вирусот на полио тип 2, што е прв таков случај на палестинските територии во последните 25 години.

„УНИЦЕФ ќе вклучи додатоци на витамин А за зајакнување на имунолошкиот систем на децата. Децата во Газа живеат во исклучително лоши хигиенски и санитарни услови“, рече Расел.

Таа посочи дека успехот на првиот круг на вакцинација покажал дека кога ќе се испочитува договорот, може да се заврши работата.

Македонија среде Рига ја совлада Летонија со убедливи 3:0

Македонската фудбалска репрезентација оствари триумф од 3:0 на гостувањето кај Летонија во рамки на 3.коло во Лигата на нации.

Со тоа нашиот тим освои три бода во битката за освојување на првото место во групата 4 во Лигата Ц.

Јани Атанасов го постигна првиот гол за Македонија во 35.минута по една убава акција што ја почнаа Енис Барди и Елиф Елмас, а Бојан Миовски прекрасно му асистираше на стрелецот на голот.

Потоа во второто полувреме Лирим Ќамили во 70-тата минута искористи еден кикс во домашната одбрана за да го постигне вториот гол за македонската репрезентација..

Победата ја заокружи Елиф Елмас во 93.минута откако погоди со силен удар во аголот на летонскиот гол.

Македонија сега има седум бодови од три натпревари во групата 4 и е на првото место без разлика на исходот на дуелот помеѓу Фарски Острови и Ерменија.

За три дена го играме клучниот натпревар во групата и тоа на гости кај Ерменија.

Вучиќ го пречека Ердоган на аеродромот во Белград

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва на аеродромот Никола Тесла го пречека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Според програмата на посетата, в петок во 11 часот ќе се одржи церемонија на пречек пред палатата „Србија“, по што ќе следи средба на двајцата претседатели, објави Телеграф.

После тоа ќе се одржи четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Србија и Република Турција, предводена од двајцата претседатели.

„Вашата возвратна посета е уште една можност за дополнително зајакнување на нашите пријателски односи и соработка. Верувам дека за време на вашиот престој во Белград ќе работиме заедно на подобрување на економските, културните и политичките врски меѓу нашите земји“, му порача претседателот Вучиќ на турскиот колега по пристигнувањето во Белград.

Следува церемонија на потпишување на договорот со присуство на двајцата претседатели и обраќање до медиумите.

Вучиќ и Ердоган ќе присуствуваат и на бизнис форумот што ќе се одржи утре попладне во хотелот „Хајат“.

притисни ентер