Чадот од градската депонија во Дебар ги гуши жителите

Чадот од градската депонија во Дебар и понатаму ги гуши жителите бидејќи речиси постојано се протега по целата територија на градот, посебно во вечерните и утринските часови.

Депонијата во која отпад, врз основа на меѓуопштинскиот договор се транспортира и од општина Маврово Ростуше, се наоѓа на излезот од градот, на патот кој води кон граничниот премин „Блато“ и бањскиот локалитет Бањиште, што создава грда слика за оние кои минуваат тука.

- Загрижувачката појава на присуството на канцерогениот чад од депонијата кој се протега речиси секојдневно над градот е причина што на утрешната вонредна седница на Советот на општината, покрај информацијата за безбедносната состојба на дневен ред е и состојбата со хигиената во градот и состојбата со депонијата. Еднаш веќе расправавме како Совет за тоа, но досега нема никакви резултати, изјави Башким Машкули, претседател на Советот на општина Дебар.

Според Машкули, советниците со донесената одлука од 18 јуни годинава побарале градската депонија да биде соодветно оградена, да се воспостави чуварска служба, да се прошири соработката со полицијата со цел неформалните собирачи кои секојдневно се на депонијата да се отстртанат, како и да се зајакне комуналната инпекција. Беше упатен и апел до граѓаните, додава тој, да бидат посовесни и да не создаваат диви депонии насекаде.

- Како институција на време правиме собирање на сметот, но проблемот со депонијата е отворен бидејќи нашето претпријатие нема средства да врши санација на депонијата, да набави специјални возила за уредување на депонијата и средства за гаснењето на запалениот отпад во депонијата што го предизвикуваат лица кои секојдневно меѓу сметот бараат старо железо, картони или други предмети, изјави Омер Цами, раководител на единицата за јавна хигиена во комуналното претпријатие.

Забелешка околу хигиената во градот имаа и претставниците на дебарските иселеници во САД на неодамнешната средба со градоначалникот Ружди Љата, кои беа расположени во тој правец да дадат свој придонес. Љата посочи дека за ЈКП „Стандрад“ во моментот најпотребен е болдужер со кој ќе се уредува депонијата./МИА

Најмалку пет мигранти се удавија обидувајќи се да го преминат Ла Манш

Најмалку пет мигранти денеска се удавија во обид да го преминат Ла Манш со брод од францускиот град Вимеро, јави локалниот француски весник „Гласот на северот“.

Портпаролката на локалната полиција рече дека не може да каже колку луѓе имало во чамецот, но додаде дека се пронајдени неколку безживотни тела.

Портпаролот на крајбрежната стража изјави дека во тек е потрага по исчезнати на море. /МИА

Зголемен водостојот на Охридското и на Преспанското Езеро

За два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското, а за еден на Преспанското Езеро во споредба со вчера, додека нивото на Дојранското Езеро е исто со вчерашното.

Сепак, според последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), водостојот на Преспанското Езеро е за 2,14 метри понизок од повеќегодишниот просек за април. Нивото на Охридското Езеро, пак, е за четири сантиметри повисоко од просечното, а на Дојранското Езеро е повисоко за дури 1,46 метри.

Водостоите на реките во земјава се пониски од просечните со исклучок на реката Струмица на мерното место кај Сушево каде нивото е за осум сантиметри повисоко од просечното.

Балетски триптих „Молитви на моето тело“ на фестивалот „Танц фест Скопје“

Ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски.

Во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведен балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамки на 20. Иинтернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кој е инспириран од циклусот поезија со истоимен наслов од поетот Ацо Шопов.

-Поезијата на Шопов ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. Во формат на триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, соопшти Националната опера и балет.

Идејата за проектот и за костимите е на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски.

Ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски, сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник - Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм - Доријан Миловановиќ и мултимедија и графички дизајн - Лазе Трипков.

притисни ентер