Легендарниот инженер Пет Фрај се враќа во Мекларен

Поранешниот главен инженер на Мекларен Пет Фрај се враќа во славниот британски тим кој го доживува најтешкиот период во својата историја.

Фрај работеше во Вокинг од 1993 до 2010 година и помогна за освоените титули во Формула 1 со Мика Хакинен и Луис Хамилтон. По овој успешен период, 54-годишниот Британец премина во тимот на Ферари, откако работеше во Скудерија на различни раководни позиции до 2014 година.

Шефот на тимот, Зак Браун прави се што може за да врати искра надеж дека во наредните години Мекларен има сили да се врати на победите и да започне да сонува повторно за светски титули во Формула 1.

Во 2019 година за Мекларен ќе се натпреваруваат двајца нови пилоти: Карлос Сајнц, кој стекна искуство по годините поминати во Торо Росо и Рено и дебитантот Ландо Норис. Токму кон 18 годишниот британски талент се насочени сите надежи за откривањето на новиот Луис Хамилтон.

Повлекувањето од Формула 1 на крајот на годината на големата ѕвезда на тимот, Фернандо Алонсо остава многу прашања, но и дава можност за радикална промена. А во Мекларен имаат потреба за промена повеќе од било кога во историјата, имајќи предвид дека не освоиле Гран При победа од 2012 година./MИА

Медведев – Синер е првата полуфинална двојка на Мастерсот во Мајами

Русинот Андреј Медведев и Италијанецот Јаник Синер ја сочинуваат првата полуфинална двојка на тенискиот Мастерс во Мајами, САД.

Ова е епилогот по првите два четвртфинални меча на кои Медведев го совлада чешкиот тенисер Николас Јари со 2:0, додека Синер беше поуспешен од Томас Махач (Чешка) исто така со 2:0.

Другите двајца полуфиналисти ќе бидат познати по денешните мечеви:

Александар Зверев (Германија) – Фабијан Марожан (Унгарија)

Карлос Алкараз (Шпанија) – Григор Димитров (Бугарија).

Франција ќе тужи ученичка поради лажно обвинение дека била удрена од директорот поради хиџаб

 Францускиот премиер Габриел Атал денеска најави дека државата ќе тужи ученичка поради лажното обвинение дека директорот на училиштето ја удрил за време на расправија откако таа одбила да го тргне хиџабот.

Според францускиот закон, не е дозволено носење хиџаб и никаб во јавните установи, што директорот им го посочил на трите ученички, од кои две потоа ги тргнале шамиите.

Третата не ја тргнала шамијата и имало расправија, но полицијата не нашла докази дека директорот физички ја нападнал ученичката, а Атал сега тврди дека ќе биде изведена на суд.

„Државата секогаш ќе стои покрај овие службеници, оние кои се на линијата на фронтот соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди на исламистите да влезат во нашите образовни институции“, рече тој.

Во деновите што следеле, директорот бил цел на смртни закани на социјалните мрежи, што училиштето го пријавило до Министерството за внатрешни работи, пренесува Би-би-си.

Обвинителите соопштија дека две лица се приведени во врска со смртните закани, а нивниот идентитет не е објавен, но Министерството за образование соопшти дека тие не се поврзани со училиштето.

Поради смртни закани и загрозена безбедност, директорот поднесе оставка по 45-годишна кариера во образованието.

Награда и признание за Азески од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Во знак на признание и благодарност за неговиот значаен придонес и соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески доби благодарница и награда од страна на Универзитетот.

Оваа почесна награда му беше врачена од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски по повод 27 март-патронат на УГД за 2024 година. Наградата е знак за благодарност за неговиот важен придонес во областа на економијата и неговата активна соработка со образовната институција, како и напорите на Азески за поврзување на образованието и науката со бизнис секторот.

17 години од основањето Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа со свечена академија како централен настан. Традиционално, внимание на овој настан им беше посветен на студентите со најдобар успех, како и на институциите со кои УГД има одлична соработка и заеднички придонесуваат за развојот на нашето општество.

Во фокусот на годинашното одбележување на патрониот празник на УГД беше прашањето – Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?

УГД е универзитет кој во своето 17-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.

Стопанска комора на Македонија

притисни ентер