Заев го осуди вчерашниот инцидент на Водно

Премиерот Зоран Заев го осуди вчерашниот инцидент на Водно меѓу градежни работници и активисти од граѓанските движења од областа на екологијата, кои протестираа за заштита на шумата.

- Прво да изразам жалење за ваквиот начин на однесување на багеристи и кои било други претставници на изведувачите, работници и наши граѓани коишто работат. Апсолутно осуда е ваков настан макар и преку закана дека некој ќе нападне човечки живот или не знам што ќе направи за да ја извршува својата работа, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека ветиле дијалог по ова прашање и дека се одржале десетици и десетици состаноци со граѓанските активисти затоа што се работи за нашето Водно, за белите дробови на Скопје, но истовремено се работи за проект којшто ќе биде од огромна еколошка пред се вредност, а понатаму и од економска вредност за граѓаните.

- Секоја цевка заштедува илјадници дрвја пред се и на Водно, а и на Шар Планина заради тоа што гасоводот води према Тетово и Гостивар. Јас се надевам дека сите заедно внимателно и будно ќе продолжиме да го следиме проектот на реализација на гасификацијата која што поминува во подножјето на Водно заради тоа што дефинитивно која било друга алтернатива може да направи само поголеми штети од ова што сега го имаме, истакна премиерот.

Атернативата преку Скопска Црна Гора, како што посочи Заев, според пресметките дупло повеќе прави штета во кубни метра дрвја.

- Овде се проценети 1.400 метри кубни дрвја коишто ќе бидат десеткратно најмалку надокнадени. Знаете дека токму поради аргументираните сугестии на граѓанските организации, на граѓанските движења од областа на екологијата, периметарот на сечењето на шумата од 25 метри е намален на 10 метри, остануваат 25 метри надвор од шумскиот појас и продолжуваме во дијалог токму со нив во организација на овој проект. Немаме намера ништо да биде така избуткано со сила. Токму во разговор и во дијалог со граѓаните трудејќи се да ги запазиме сите еколошки аспекти ќе продолжиме во реализацијата на овој значаен капитален проект за граѓаните, за државата, но и за екологијата во Република Македонија, рече Заев.

Според него, изградбата ќе застане таму каде што граѓанските движења од областа на екологијата имаат замерки, а таму каде што немаат замерки ќе продолжи.

- Секако, таму каде што има замерка внимателно ќе слушаме, ќе разговараме, ќе гледаме во дијалог да ги најдеме решенијата. Посветени се институциите. Јас гледам брза реакција од МЕР директно преку изведувачите, извинувањето веднаш се случи, дури имаа и одредени санкции коишто се покренати. Тоа го видов уште од вчера, но истовремено стојам дури и јас на располагање и сите државни институции да бидеме максимално посветени преку дијалог да изнаоѓаме решенија на вакви проблеми. Не случајно граѓаните наши реагираат. Тоа не е така од што им текнало, туку има причини за тоа. Ако има причини институциите се должни да слушаат внимателно и преку тоа да изнаоѓаат решенија како да се постигне и реализацијата на проектите, но и еколошки сето тоа да биде безбедно, рече Заев./МИА.

Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога

 Полициски службеници вчера ги привеле Д.С.(34) и Д.С.(34), двајцата од Свети Николе. При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана, соопшти МВР.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Средба на Ангеловска-Бежоска со заменик генералниот директор на ММФ

​НБ обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор.

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и одржување на стабилноста на банкарскиот сектор. Ова беше истакнато од страна на заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, за време на состанокот со македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, која ја предводат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик министерот за финансии, Филип Николоски, а од која е дел и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од понатамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, кадешто инфлацијата забавува - но поспоро, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така констатираше дека резултатите од соодветното водење на монетарната политика од страна на Народната банка, се видливи преку опаѓачкиот тренд на инфлацијата, позитивните движења кај девизните резерви и стабилноста на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.

Исто така, делегацијата оствари средба и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хилберс и Лук Дресе, на која се зборуваше за најновите макроекономски трендови и потребата за натамошна внимателност при водењето на макроекономските политики.

Кабинет на гувернерот

Силјановска Давкова на одбележувањето на 75 год. од крајот на Граѓанската војна во Грцијa

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.

Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани...

Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.

Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.

Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни

Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.

Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.

На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

притисни ентер