Федерер и Ѓоковиќ во полуфинале во Синсинати

Новак Ѓоковиќ победи во два натпревари во рамките на неколку часа и се пласираше во полуфиналето на турнирот од сериите „Мастерс“ во Синсинати.

Србинот го совлада Григор Димитров во одложениот натпреавр, а потоа победи со 2:1 во сетови во четвртфиналето против Канаѓанецот, Милош Раониќ по 7:5, 4:6, 6:3.

Во третиот решителен сет Ѓоковиќ дозволи брејк во третиот гем, но веднаш го врати и потоа направи уште еден, за да го заврши натпреварот по два и пол часа игра.

Во полуфиналето 10-тиот во шемата ќе се сретне со Хрватот Марин Чилиќ, кој победи против Пабло Карел-Буста (Шпанија) со 7:6 (7), 6:4. Ѓоковиќ е петкратен финалист во Синсинати, но никогаш не ја освоил титулата.

- Многу сум задоволен. Покажав здрава психа и успеав да израмнам сет негатива и во двата натпревари. Очигледно натпреварот против Димитров не започна добро за мене. Тој играше одлично на почетокот. Прекините поради дождот се одразуваат лошо, зашто мускулите се загреваат и се ладат додека чекаш, рече Ѓоковиќ по двата натпревари.

Програмата на „Мастерс“ турнирот во Синсинати беше исклучително тешка по третиот круг поради дожд. Две победи во рок од неколку часа забележа и Роџер Федерер. Швајцарецот се справи во два сета со Леонардо Мајер во третиот круг по 6:1, 7:6 (6), а во четвртфиналето го надигра својот сонародник Стен Вавринка со 6:7 (2) 7:6 (6) 6:2.

Двајцата пријатели разменија еден сет по тајбрејк кога грмотевиците ја прекина средбата за некое време. По враќањето на теренот, Федерер беше беспрекорен и го освои решавачкиот третиот сет со 6:2. 

Хуан Мартин Дел Потро, исто така, одигра два натпревари за еден ден, но го загуби вториот. Аргентинецот го доврши прекинатиот поради дожд дуел против Ник Кириос со победа, но потоа заморот одигра огромна улога и Дел Потро отстапи пред Белгиецот Давид Гофан по два тајбрејка - 6:7 (5), 6:7 (4).

Гофан првпат ќе игра полуфинале во Синсинати, каде што ќе има сериозна пречка во лицето на Роџер Федерер.

Интер почна преговори за продолжување на соработката со Икарди

Интер работи на нов договор за напаѓачот Мауро Икарди, објавија италијанските медиуми. 

Според „Кориере дело Спорт“ во моментот клубот преговара со сопругата на играчот Ванда Нара, кој е негов агент. Сегашниот договор истекува во 2021 година. Договорот предвидува откупна клаузула од 110 милиони долари.

Клубот сака да го продолжи договорот до 2023 година и да го зголеми износот за евентуален предвремен прекин на соработката на 130 милиони евра.

Во исто време, двете страни се уште не се имаат согласено за платата на фудбалерот. Интер нуди 6,5 милиони евра годишно, а Ванда Нара верува дека нејзиниот сопруг треба да добива 8 милиони по сезона.

Во тековната сезона, 25-годишниот Аргентинец играше четири натпревари за Интер. Има постигнато еден гол и една асистенција. 

Црвенковска вклучена во стручниот штаб на Вардар

 Поранешната македонска репрезентативка Билјана Црвенковска е нов член на стручниот штаб на РК вардар.

Таа ќе работи со тимот покрај главниот тренер Роберто Гарсија Парондо и тренерот на голманите Дејан Периќ.

Црвенковска досега беше на местото заменик директор во клубот каде работеше по завршувањето на професионалната кариера во 2014 година.

- Среќна сум за шансата што ја добивам и навистина се чувствувам почестена што ќе бидам дел од стручниот штаб на Вардар, односно помошник на тренерот Роберто Парондо. Ова е ново искуство и голем предизвик за мене. Ќе дадам се од себе максимално да му помогнам на стручниот штаб и на целиот тим. Знам како функционира тимот, се познаваме добро и очекувам соработка каква што и досега имав, изјави Црвенковска за клупскиот сајт на „црвено-црните“.

Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија што ќе има женски тренер во стручниот штаб. 

Македонија за две места го подобри пласманот на ФИФА

 Македонската фудбалска репрезентација бележи скок од две позиции на ФИФА ранг-листата објавена денеска. „Црвено-жолтите“ со 1.344 бода се наоѓаат на 68. место.

Од противниците на Македонија во групата од Лигата на нации најдобро котира Ерменија (100. место), Лихтенштајн е 178-ми, а Гибралтар се наоѓа на 198. место.

На врвот се наоѓаат Белгија и Франција, а по нив во ТОП 10 се: Бразил, Хрватска, Уругвај, Англија, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.

Следното рангирање Светската фудбалска федерација ќе го изврши на 25 октомври.

притисни ентер