Улогата на Лаура Ленбахова ќе ја игра Нела Кочиш, Иван племенитиот Крижовец е Озрен Грабариќ, а Барон Ленбах го толкува Дарко Стазиќ. Сценографијата е на Петра Крилетиќ, додека изборот на костимите го направи Марита Ќопо.
Претставата а авторски проект на актерите од ПУК - патувачки театар и сцена Рибњак - Младински центар Рибњак од Хрватска.
Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе, сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, нејзиниот интимен пријател, адвокатот Иван, и мажот и, пијаница и коцкар.
Претставата „Во агонија“ е играна на сите сцени на Хрватска, а со тоа, според Кочиш, се уште поголеми предизвикот и одговорноста да се создаде нешто ново и поинакво.
- Експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава која нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава што ќе биде поинаква, но сепак ќе остане на Крлежа, вели Кочиш. /МИА