Со вакви хаштаци се преплавени и официјалните фејбук страници на Владата, премиерот, неговите заменици и министрите, но битката засега останува само на мрежите.
Интензивирање на кампањата, која според ДИК стартувала во моментот на распишувањето на референдумот, од Владата најавуваат по завршувањето на годишните одмори, а дотогаш како што велат Владата ќе продолжи со секојдневно информирање на граѓаните за содржината на Договорот.
Од Власта најавуваат информативна кампања, заменик претседателката Шекеринска во интервјуто за Канал 5 вели дека преку кампањата ќе ги запознаат граѓаните со договорот.
Опозицијата ставот за референдумот како што најави ќе го соопшти до 10 септември. Првиот човек на паријата вчера посочи дека од средбите со граѓаните црпат инспирација за предизборна кампања.
„Можев да ги слушнам проблемите на младите од руралните но и на оние од градските средини едно корисно искуство кое што во многу нешта ќе ни помогне кога ќе ја работиме нашата предизборна кампања и кога ќе ја работиме нашата предизборна програма“, рече Мицкоски.
Кампањата ,според аналитичарите, не треба да се користи за тесно-партиски или лични интереси. Интензивирање на кампањата, аналитичарот Биљали очекува по соопштувањето на ставот на опозицијата, која според него, нема да се одлучи на бојкот.
Пропаганда за претстојниот референдум ќе може да води секој, најавија од ДИК, но посебен простор медиумите ќе треба да обезбедат само за овластениот предлагач – Собранието, останатите ќе плаќаат по пазарни цени.
Ценовниците и услугите за медиумско претставување, кои медиумите ги доставуваат до ДИК се однесуваат само на „привилегираниот пристап“ на овластениот предлагач. Сите останати субјекти го договараат своето медиумско претставување со соодветниот медиум под пазарни услови, стои во појаснувањето од ДИК.
Од Владата најавуваат оти кампањата ќе ја водат со буџетски средства, без да прецизираат колку пари ќе потрошат за јавната пропаганда.