Генералот Скапароти со надеж дека Македонија ќе стане 30. членка на НАТО

Уште еден висок претставник на НАТО во посета на земјава, откако на Самитот во Брисел во јули доби покана за членство со порака за поддршка на напорите Македонија да стане 30.членка на Алијансата.

Во Македонија вчера престојуваше командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти, откако во Скопје кон крајот на минатиот месец беше директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, со што беше означен почетокот на пристапните разговори.

Македонија преку долгогодишното партнерство со НАТО постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците, порача вчера Скапароти и ја пренесе поддршката на Алијансата во однос на заложбите на земјава во однос на владеење на правото, сигурност и безбедност во регионот како и посветеноста на демократијата.

- Вашата континуирана поддршка е важна не само за Западен Балкан, туку за цела Европа. Со нетрпение очекувам да станете 30 членка на НАТО, порача Скапароти и нагласи дека исто така очекува НАТО да ја даде и практичната поддршка на нашите воени авторитети во процесот на пристапување.

Неговата домаќинка, министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека посетата покажува колку работите во Македонија се менуваат по единаесетти јули кога ја добивме поканата за НАТО. Според неа во овој момент е важно оваа две и пол децениска определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО да ја потврдиме и обезбедиме, нагласувајќи дека еден од тие клучните чекори ќе биде референдумот на 30 септември.

- На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија, изјави Шекеринска.

Скапароти вчера се сретна и со премиерот Зоран Заев. Двајцата соговорници заклучија дека членството во НАТО овозможува перспективна иднина за Македонија - тоа ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион.

Генерал Скапароти, кој претходно со делегација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од Шекеринска во касарната „Илинден“ присуствуваше на показна вежба, упати пофални зборови за припадниците на АРМ, оценувајќи дека покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на НАТО стандардите и процедурите.

Заев,потенцира дека посетата на високиот претставник на НАТО и поддршката која тој ја пренесува е посебна мотивација за македонските граѓани и за институциите на претстојниот референдум да ја покажат одлучноста за продолжување по патот кој обезбедува полноправно членство во ЕУ и НАТО. /МИА

Ѓоковиќ: Се надевам дека ќе играм барем уште еднаш со Надал

Светската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ сака повторно да игра со Рафаел Надал пред да се повлече од тенисот.

-Имам голема почит кон легенда како Рафа и се надевам дека ќе играм со него барем еднаш пред да му заврши кариерата. Тој е добра личност и легенда на нашиот спорт. Тој е мојот главен ривал. Во Австралија реков дека се надевам дека ќе го видам барем на уште еден или два турнири. Сè уште верувам во тоа, сподели Новак за еден од неговите најголеми ривали во кариерата.

Шпанскиот репрезентативец веќе неколку пати сигнализираше дека наскоро може да стави крај на својата натпреварувачка тениска кариера. /МИА

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

притисни ентер