Кинг: Македонија е земја на потекло и транзит за нелегално огнено оружје

Еврокомесарот за безбедност, Џулиан Кинг, синоќа ги брифираше европарламентарците за безбедносната состојба и соработка во земјите од Западен Балкан. 

Македонија испливува како важна земја на потекло, транзит и дестинација за нелегално огнено оружје, рече комесарот.

-Безбедносната состојба во регионот е предизвик, но има и директен импакт врз нашата безбедност во ЕУ. Подобро е да извезуваме безбедност отколку да увезуваме нестабилност, рече комесарот во својот воведен говор, истакнувајќи ја важноста од засилена соработка со земјите од регионот во делот на безбедноста.

Главните безбедносни предизвици за земјите од Западен Балкан се мрежите на организиран криминал. што, исто така, се присутни во ЕУ, трговијата со оружје, џихадизмот, но и кибернападите и стратешката дезинформација и пропаганда, најчесто со руско потекло или спонзорирана од Русија.

Македонија беше експлицитно спомената од страна на еврокомесарот како земја на потекло, транзит и дестинација за огнено оружје, иако проблемот е присутен речиси во сите земји од регионот како последица на војните од деведесетите, посебно Босна и Херцеговина, која има највисока стапка на огнено оружје по жител.

-Огромен број муниција остана во јавен промет по војните, меѓу половина милион и 1,6 милиони домаќинства поседуваат огнено оружје, што доведе до големо зголемување на шверцот, рече комесарот Кинг.

Мрежите на организиран криминал се присутни во регионот, но посебно во Албанија и албанофонските заедници, истакна Кинг кој додаде дека "албанофонски криминални групи" се инволвирани во разни криминали во земјите членки на ЕУ, како со тешки кражби, напади врз сопствеништва или, пак, напади брз банкомати. Албанија, исто така, е дестинација за украдени возила од ЕУ, како и земја на потекла за трговија со дрога во ЕУ.

-Ширум Европа, предизвик е организираниот криминал со потекло и поддршка од Албанија, изјави комесарот.

Црна Гора, пак, е „главна влезна точка" за кокаин со потекло од Јужна Америка, што пристигнува преку брод и е наменет за земјите од ЕУ. А во Србија највеќе се произведуваат синтетички дроги.

Регионот се соочува со сериозен предизвик и со враќањето на странски борци од боиштата во Ирак и Сирија, насилната радикализација и идеолошкото влијание на вахабизмот и салафизмот. Европската комисија проценува дека околу 1.000 борци од земјите од регионот се наоѓаат или отишле во Ирак или Сирија, а 35 отсто од нив се вратени во своите земји и "претставуваат ризик", како и во ЕУ.

-На Западен Балкан тие се закана во регионот и подалеку од него, или затоа што шират религиозна радикализција во затворите или затоа што добиле кратки затворски казни и брзо се ослободени без мониторинг и превентивни акции, предупреди Кинг.

Друго загрижувачко странско влијание е она од Русија, посебно во делот на кибернападите, пропагандата и дезинформациите.

-Пропагандата цвета онаму каде социјалната кохезија и меѓучовечката доверба е ниска, исто така ниската медиумска писменост ги прави покревки пред идентитетската политика и националистичката реторика, што дополнително ја ослабува социјалната кохезија, опиша комесарот.

Европската комисија забележува значајно руско влијание во регионот, вклучително преку обиди да се оддалечат земјите од реформскиот процес на ЕУ и од западните институции како ЕУ и НАТО. Во овој дел, рече тој, е многу важна кибербезбедноста. Не изостанува ниту кинеското влијание. Кина многу инвестира на Балканот, во голем дел од информатичкиот сектор.

Една од мерките за спречување на руските дезинформации, освен поддршката за зголемување на технолошките и киберспособностите на земјите, беше етаблирањето на посебна единица за Западен Балкан во "Стратком", единицата за борба против лажни вести на европските институции.

Кинг истакна дека во последните години соработката помеѓу ЕУ и регионот во борбата против тероризмот и киберзаканите е зајакната.

Заеднички акциски план, исто така, е елабориран како последица на стратегијата на проширувањето и Софискиот самит во мај. Овој план има за цел, меѓу другото, да се бори против насилната радикализација и финансирање на тероризмот, како и да ги заштити граѓаните и инфраструктурите. Освен Србија сите земји во регионот до сега назначиле и национален координатор во овој дел. За борбата против радикализмот ЕУ става на располагање дванаесет милиони евра под ИПА средствата. /МИА

Царовска: Преку практична работа до квалитетен кадар

Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша Меморандум за соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Метoдиј" во Скопје. 

Меморандумот со кој ќе се унапредува практичната работа на студентите го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев.

– Практичната работа е неопходен дел од секој квалитетен образовен процес. Образовниот систем, во соработка со сите државни институции, приватниот и граѓанскиот сектор, треба целосно да ги подготви студентите за тоа што ги чека во реалноста. Ова е периодот кога треба да им помогнеме да созреат, да работат на својот личен и професионален развој. Само на овој начин можеме да очекуваме вистински квалитетен кадар, подготвен за сите предизвици надвор од академската клупа, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Двете институции ќе соработуваат во повеќе области на социјалната политика, детската и семејна заштита, работните односи, образовна вклученост, специјална едукација и родова еднаквост, како и во однос на активности против дискриминација, овозможување еднакви можности и помагање на процесот на европска интеграција. Ќе се спроведат повеќе активности, меѓу кои заеднички научни истражувања, организирање и спроведување на обуки, тркалезни маси, дебати, конференции и слично.

Во рамки на оваа соработка Министерството за труд и социјална политика ќе обезбеди практична работа на студентите од Филозофскиот факултет, стручно менторство за време на практичната работа и пристап до податоците потребни за научно-истражувачката дејност на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Метoдиј" Скопје. /МИА

Мицотакис: Ќе гласаме против Договорот од Преспа и ќе се бориме да не се ратификува

Нова демократија останува на позицијата дека нема да гласа за Договорот од Преспа и ќе се бори за да не се ратификува.

Овој став уште еднаш го повтори лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Киријакос Мицотакис, говорејќи за време на промоцијата на новата книга на потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека тие уште од прв момент изразиле несогласување и приговори за Договорот.

-Рековме дека не можеме, во никој случај да прифатиме договор кој на соседната земја и отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против Договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот Парламент и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува, објасни Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, рече дека со Договорот од Преспа, Ципрас и Каменос го дале она што ниту една друга влада на Нова демократија не го одобрила- македонски јазик и македонска националност.

-Денес само господинот Заев има секаква причина да го промовира и да слави за овој договор, бидејќи успеа и доби нешто што ниту една претходна влада не му даде. Едноставно кажано, господинот Ципрас и господинот Каменос, не сакам да го заборавиме него, рекоа „да", таму каде што Константинос Мицотакис, Костас Караманлис и Андонис Самарас рекоа „не". И рекоа „не" поради една многу добра причина. Поради многу конкретна причина. Бидејќи ги гледаа екстензиите што можеше да ги создаде во нашата земја јасното прифаќање на македонски јазик и македонска националност. Ние имаме многу јасен став. За овој став не може да се преговара и со овој став ќе дојдеме во парламентот кога ќе стигне за ратификација договорот, истакна Мицотакис за време на синоќешната презентација на книгата на неговиот потпретседател и сопартиец, Костис Хаѕидакис, пренесе МИА. /МИА

притисни ентер