Стравична експлозија на аеродромот во Кабул - мета потпретседателот

Непосредно по слетувањето на авганистанскиот потпретседател Абдул Рашид Достум се случи огромна експлозија недалеку од аеродромот во Кабул.

Достум и неговата придружба не се повредени во експлозијата, изјави портпаролот на министерството за внатрешни работи на Авганистан, пренесе агенцијата „АП“.

Како што изјави портпаролот, најверојатно потпретседателот бил мета на нападот.

Засега никој не ја преземал одговорноста за експлозијата, а во Кабул активни се и талибанските бунтовници и Исламска држава.

Могерини и Хан ја поздравија одлуката за пристапување кон уставни измени

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан преку заедничка изјава ја поздравија одлуката на Собранието за пристапување кон измена на Уставот.

,,Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени.

Европската унија силно го поддржува историскиот договор потпишан од премиерите Заев и Ципрас во јуни. Потребна е политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот. Оваа одлука беше потврдена со гласањето во Парламентот.

Ова е навистина единствена можност за решително поместување на земјата напред на патот кон Европската унија, како и за помирување во регионот. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува и да ја придружува земјата, сите нејзини граѓани и нејзините институции, наведуваат во заедишката пишана изјава Могерини и Хан.

Столтенберг: Зграпчете ја историската можност за да ја внесете земјата во НАТО

Генералниот секератар на НАТО Јенс Столтенберг вечерва на Твитер ја поздрави одлуката на македонсkото Собрание да се пристапи кон измена на Уставот согласно Договорот со Грција. .

,,Го поздравувам гласањето на Парламентот во Скопје за предложените уставни измени. На владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја зграпшат  оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО, напиша  Столтенберг.

Апел за помош на 15 – годишната Сара Настеска од Охрид

Од денес почнаа да функционираат  телефонските броеви за донации за помош на 15-годишната Сара Настеска од Охрид, кај која е дијагностицирана Anemia Аplastica.

Сите граѓани  можат да донираат на телефонските броеви: T Mobile 143 102 и VIP 143 480.

Сара. боледува од Anemia Аplastica , која ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот, а трансплантацијата на коскената срж е единствениот спас за неа.

Болеста кај девојчето е утврдена на почетокот на месец август, а дијагнозата е потврдена со итна биопсија која е направена во Скопје, вели таткото на Сара, Горан Настески.

На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје беше земен примерок коскена срж од пределот на карлицата. По утврдување на болеста, следуваше тромбоцитна терапија, со која имаше значително подобрување на здравствената состојба, што не траеше долго. На почетокот на овој месец повторно ѝ беше направена биопсија, која покажа резултати полоши отколку првата. Нашиот син Виктор има 13 години е единствен сроден донатор на коскена срцевина за неа. Во сите странски земји, третманот и лечењето на овој проблем на оваа возраст, спаѓа во рамка на специјализираните детски клиники, вели Горан.

Родителите со резултатите веќе се обратиле и воспоставиле контакти со познати клиники во Турција, Хрватска и Германија. Добиле понуди од Дизелдорф, Франкфурт, како и од специјализирана клиника во Вурзбург, од каде гарантирале висока успешност со низок ризик.

Успехот кој е постигнат во лекување на многу деца, меѓу кои и едно од нашата земја, на иста возраст и со иста дијагноза како Сара е причината поради која веруваме во нив, рече Горан.

За да се изврши оперативниот зафат на трансплантацијата на коскената срж потребни се над 200.000 евра, пари што родителите не можат сами да ги обезбедат. Сите кои се во можност можат да помогнат со уплата на средства на следната жиро сметка: 200 001557959672 – Горан Настески, депонент Стопанска банка.

притисни ентер