Османи: Се надевам дека опозицијата ќе сфати оти земјата нема иднина без ЕУ и НАТО

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека спротивставувањето на опозицијата на Договорот за името со Грција, кој, како што вели е договор за идните генерации, а не идните избори, ќе ја искомпликува политичката ситуација во земјата.

Но, се уште се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека земјата нема иднина без ЕУ и НАТО и оти така ќе се однесува. Сепак, тој е уверен дека и без поддршката на опозиција процесот може да биде успешен, пред се, како што вели, заради довербата во изборот и проценката на народот. 

- Опозицијата се уште го држи овој процес во заложништво, а со тоа и иднината на државата. Би сакале оваа битка да ја водиме заедно со опозицијата, но, ако е потребно ќе го направиме тоа и без нив и ќе успееме. Верувам дека со големата поддршка на граѓаните ќе успееме да го направиме тоа во предивденото време, вели Османи во интервју за грчкиот весник „Етнос“, кое го пренесува МИА.

Прашан што доколку референдумот, што треба да се одржи есенва, не биде успешен, вицепремиерот истакнува дека не очекува оти тоа може да се случи, затоа што, истакнува, има доверба во народот.

- Сигурен сум дека народот ќе го препознае едноставниот избор, може да одиме  напред кон подобра иднина или да се вратиме назад во минатото. Сигурен сум дека повеќето ќе го изберат првото, вели вицепремиерот Османи. 

Тој истакнува дека затоа работат да ја убедат опозицијата да вети дека ќе ја поддржи волјата на народот каква и да е и оти и власта ќе направи тоа.

- Ако има и еден глас повеќе против договорот ние ќе го почитуваме таа волја на луѓето, вели Османи. 

Тој одговарајќи на прашање што доколку на предвремени избори, можност што ја најави премиерот Зоран Заев, на власт дојде партија која не се согласува со Договорот, вели предвремени избори не се приоритет бидејќи тие би ги успориле реформи, но верува дека и кога би се одржале избори утре владејачките партии повторно би победиле. 

Во врска со едно од прашањата што произлегува од Договорот за името, а е поврзан со комерцијалниот бренд „Македонија,  Османи вели дека многу аспекти од овој Договор, кој според него, во основа е фер копромис за двете страни, треба да се воспостават преку пракса и добра волја да се оди напред.

Како најголем предизвик со кој земјава се соочува на патот кон ЕУ, ги посочува корупцијата и судскиот систем, но и воспоставување систем на меритократија, вреднување на сработеното и создавање државни служби во интерес на граѓаните.

- Подготвени сме да се цврсто да се посветиме на овие реформи, кои ќе донесат брзи промени, вели вицепремиерот Османи. Тој додава дека предизвик за земјата се и подготовките за тешкиот скрининг процес и подоцна за преговорите со ЕУ, бидејќи, како што посочува, законодавството, политичкиот и социјалниот систем мора да се приспособат кон ЕУ стандардите.

Во врска со интересот на други меѓународни актери, меѓу кои и Русија за регионот, во момент кога сега тој забрзано чекори кон ЕУ и НАТО, Османи вели дека Москва нема ниту ниту ресурси, ниту толкав интерес да создава проблеми во овој регион за подолг период.

- Верувам дека сегашните напори на Русија се последен обид да го сопре или успори неповратниот процес на пристапување на Макединија во ЕУ и НАТО, додаде вицепремиерот Османи во интервјуто за „Етнос“, кое го пренесува МИА. 

Во врска со информациите на македонската Влада за тоа дека руски бизнисмен од Грција давал пари за насилни протести во Македонија пред рефрендумот, Османи ги повикува меѓународните и домашните институции да извршат брза и непристрасна истрага во врска со овие наводи со цел да се открие вистината. /МИА

,,Летав 30 метри” – фудбалер неповреден во падот од надвозникот кај Џенова

Поранешниот голман на Каљари Давиде Капело , раскажува како го преживеал падот од надвозникот . За сега во несреќата загинаа најмалку 35 лица.

Најголем број од загинатите се најдени во нивните автомобили . Спасувачите се уште наоѓаат тела , а од автомобил извлекле и четворица преживеани . Целата област околу надвозникот на автопатот А10  е евакуирана , зашто се стравува дека од силното невреме може да падне уште некој надвозник.

Поранешниот голман на Каљари раскажува како останал живе и без ниедна гребнатина , кога возејќи , се урнал надвозникот.

Капело раскажува дека паднал од 30 метри височина и автомобилот застанал врз урнатините. Нема ниту една гребнатинка и вели дека само чудо го спасило.

Во моментот на несреќата на надвозникот имало 30 до 35 автомобили и три камиони . Акцијата за спасување на луѓето од смачканите возила продолжува.

Десет жени загинаа во пожар во дом за стари лица

Во пожар , во кој целосно изгоре дом за стари лица во Чиле , загинаа најмалку десет жени.

Најмалку десет жртви однесе пожарот во дом за стари лица во градот Санта Марта на југот на Чиле. Пожарот избил рано утрината во домот за стари на 520 километри јужно од главниот град Сантјаго.

Само три жени се спасиле од огнот, во двете соби каде избил пожарот . Во времето на несреќата , во домот имало 42 стари лица. Не се познати причините за избувнување на пожарот.

Во домот била најдена печка на дрва , од каде се претпоставува дека се проширил огнот , иако сведоците тврдат дека имало експлозија што би значело дека имало струен удар .

Почнува постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија

Владата ја почнува постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Одлуката е донесена на денешната владина седница, а надлежните министерства се задолжени да номинираат членови во Комисијата за спроведување на постапката.

Канцеларијата на претседателот на Владата, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за економија треба да предложат по еден член и заменик-член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, а во рок од три дена по еден член и негов заменик треба да номминираат и Регулаторната комисија за енергетика и МАНУ.  

Комисијата е должна во рок од 14 дена до Владата да го достави јавниот повик и тендерската документација.

- Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување, појаснуваат од Владата.

Универзалниот снабдувач ќе биде задолжен да ги снабдува по гарантирана цена потрошувачите што нема да излезат на слободниот пазар.

притисни ентер