Остатоците се најдени на дното на Јапонското Море, крај брегот на јужнокорејскиот источен остров Улеунг, пренесуваат руските агенции.
Истражувачите веруваат дека на него се наоѓа злато вредно повеќе од 100 милијарди фунти.
„Ги најдовме остатоците на бродот „Дмитриј Донски“ на длабочина од 434 метри во морето, 1,3 километри од островот Улеунг“, соопшти групата Шинил, која со години трага по бродот. Компанијата наведе дека името на бродот „Димтриј Донски“ е напишано на задниот дел на бродот.
„Донски“ претпрел бројни оштетувања од гранати за време на борбата со јапонските воени бродови, но палубата е добро зачувана, соопшти Шинил, додавајќи дека се очекува остатоците да бидат извлечени од Јапонското Море во блиска иднина.
„Донски“ учествувал во битката кај Цушима и, и покрај поприличните оштетувања, се борел до крајот, по што тргнал кон Владивосток, но наишол на јапонски воени бродови кои трагале по остатоците од руската царска флота.
Не сакајќи да се предаде, екипажот на рускиот брод решил да остане до потонувањето, што се случило на 29 мај 1905 година.