Заев на средба со лидерите на партиите за подготовка на референдумот

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги покани на средба денеска во 18 часот во Клубот на пратениците лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието. 

Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.

- Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието на Република Македонија, наведоа во соопштението од Владата.

Според најавеното, поканети на средба се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на двете крила на Беса Билал Касами и Африм Гаши, на ДОМ Лилјана Поповска, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на ЛДП Горан Милевски, на НСДП Тито Петковски и на СПМ Љубисав Иванов - Ѕинго.

На лидерската средба, јави МИА, се очекува да присуствува и лидерот на опозицијата Мицкоски, иако се уште нема официјална потврда од партијата. Присуството на средбата го потврдиле Ахмети од ДУИ, Петковски од НСДП кој на средбата ќе учествува со Горан Мисовски, потпретседател и пратеник од оваа партија, дел од коалицијата на СДСМ, Поповска од ДОМ која ќе дојде со пратеничката Маја Морачанин...

Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.

Премиерот Заев ја закажа лидерската средба откако, како што беше посочено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокираше процесот за избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го организира референдумот за договорот за името со Грција. Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за носење на Изборен законик, по скратена постапка и со европско знаменце. Со него се предвидува составот на ДИК да се гласа со 61 глас, а се брише и ставот 3 од членот 27, Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го разгледува предлогот. Измените финално треба да бидат донесени по заседанието на Комисијата за европски прашања, за која нејзиниот претседател Артан Груби кажа дека се уште не се знае кога ќе биде закажана. Сепак, и Владата и Собранието оставија простор измените на Изборниот законик да не бидат донесени доколку се постигне компромис со опозицијата на денешната лидерска средба.

Премиерот Зоран Заев од вчерашната прес-конфереција со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје најави дека лидерската средба ќе биде за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките за референдумот што ќе следи во Република Македонија.

- Сите треба да останеме посветени на овој момент, да помогнеме на овој процес, како што укажа еврокомесарот, пред се за доброто на граѓаните на Република Македонија, но и на нашите партнери во ЕУ, и затоа најверојатно утревечер ќе свикаме лидерска средба за да ги забрзаме процесите околу подготовката на РМ за престојниот референдум, рече премиерот.

Во понеделникот, пак, премиерот Заев изјави дека очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.

- Овие работи очекуваме до крајот на неделата заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме заради тоа што роковите се собираат, времето се собира ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот и околу датумот за референдумот и прашањето и околу карактерот, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Тогаш кажа дека продолжуваат разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, делот околу техничка влада, Пржинскиот процес..., но и оти заслужува внимание барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдусмки процес. /МИА

„Дубаи мол“ лани го посетиле рекордни 105 милиони луѓе

 Сопствениците на „Дубаи мол“ во Обединетите Арапски Емирати, сооопштија дека трговскиот центар лани го посетиле рекордни 105 милиони луѓе, што го прави најпосетуваното место во светот во 2023 година.

Така, трговскиот центар стана светска атракција, според управителите, привлекувајќи посетители од целиот свет. Управата наведува и дека е забележан скок од над 19 отсто во однос на 88 милиони во 2022 година. А пак, само во првите два месеци од оваа 2024 година, забележани се 20 милиони посетители, така што и годинава „Дубаи мол“ најверојатно ќе постави нов рекорди.

- Овие бројки го одразуваат импресивниот статус на трговскиот центар во Дубаи и го одразуваат напредното лидерство на Дубаи и силната економија. Нашиот трговски центар го отелотворува живиот дух на градот и посветеноста на извонредноста, претворајќи ја визијата на менаџментот во реалност. Како составен дел од економското ткиво на Дубаи, ние играме клучна улога во неговиот успех и иновативност, рече Мохамед Алабар, основач на компанијата „Емаар“ којашто управува со трговскиот центар.

„Дубаи мол“ има околу 1.200 продавници на познати брендови облека, обувки, модни додатоци, апарати за домаќинство итн, а тука се наоѓаат и околу 200 ресторани и кафулиња. Уште една причина за посетеноста е и аквариумот, каде што живеат 33.000 животни. /МИА

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Куќен притвор во траење од 48 часа е определен за две од лицата кои беа задржани за убиството на докторот во скопската населба Железара, соопшти утринава Јавното обвинителство. 

Оттаму информираат дека ваква мерка е побарана со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази.

- Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Тоа, со оглед на тоа што сѐ уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, се вели во информацијата од Јавното обвинителство.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

- Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар, минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Лек за слабеење кој ја зголемува плодноста кај жената

Лекот за дијабетес „Оземпик“ (Ozempik), којшто многу жени го користат и за губење килограми, има уште еден „неочекуван ефект“ - бременост, објави „Пипл“ (People).

Дека сè ова не е случајност, се чини, укажува тоа што на интернет сè почесто се појавуваат приказни за жени кои забремениле поради „Оземпик“... Се покажа дека тој лек некако „ги неутрализира“ контрацептивните средства коишто корисничката ги зема во истовреме... А пак, други си се сметале за неплодни, па бременоста ги изненадила. Така, една жена раскажува дека не можела да забремени неколку години, па со партнерот им успеало откако таа два месеци редовно земала „Оземпик“ заради слабеење. И, родила здраво дете.

Се испостави дека самото губењето тежина, всушност, влијае врз плодноста и општото хормонално ниво.

- Дури и ако се работи за само неколку килограми, тоа веќе може да доведе до продолжување на овулацијата кај жената и таа ќе може да забремени. Нашите масни клетки произведуваат естроген, којшто може да има негативен ефект врз нашите јајници и овулацијата. Тоа може негативно да влијае и на слузницата на ендометриумот, вели акушер-гинекологот Иман Салех.

Покрај тоа, „Оземпик“ со својата формула го намалува и ефектот на контрацептивни лекови, што бара дополнително внимавање додека се зема овој лек.

Сепак, лекарите забрануваат земање на лекот само заради бременост - тоа е премногу опасно и за мајката, а потоа и за детето.

„Испитувањата на стаорци, зајаци и мајмуни покажуваат дека лековите за слабеење може да предизвикаат и спонтан абортус и вродени деформитети ако се земаат за време на бременоста. Сè уште нема студии за луѓе. Жената, исто така, треба да престане да зема лек за слабеење најмалку две недели пред бременоста“, препорачува компанијата-производител на лекови, „Ново Нордиск“.

Опасностите се, сепак, преголеми за да се експериментира на себе, според лекарите. /МИА

притисни ентер