Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе биде поддржан процесот за признавање на МПЦ-ОА, бугарскиот патријарх вели со Божја помош ќе ја поддржат автокефалноста на македонската црква.
-Ќе го молам Бог да биде нашиот помошник во оваа добра намера. Ние ги сакаме браќата Македонци и со нив ќе бидеме радосни и среќни, за многу години. изјави Неофит, патријарх на Бугарија.
Изјавата на Неофит доаѓа неколку дена откако беше објавено писмото испратено пред неколку месеци, со кое СПЦ бара од Бугарската црква да ја повлече одлуката за застапување на МПЦ пред помесните цркви. Во писмото меѓу другото се истакнува и дека поддршката на БПЦ кон, како што стои шизматиците од ПЈРМ може да наштети на односите меѓу двете цркви.
-Бараме од Вас да ја повлечете одлуката на Светиот Синод на Вашата Црква, за да не го принудите Светото Собрание на епископи на нашата помесна Црква да донесе решение кое би имало невидени последици за идните односи на нашите две Цркви - стои во писмото на СПЦ.
МПЦ официјално побара од бугарската црква да ја земе под закрила како Мајка –црква, во ноември минатата година во писмо испратено до бугарската патријаршија. Неколку недели подоцна, синодот на БПЦ донесе одлука да се ангажира и да ја застапува МПЦ-ОА пред помесните цркви за востановување на нејзиниот канонски статус.