ВМРО-ДПМНЕ: Македонската дипломатија крахираше и мора да понесе одговорност

Македонија не доби ниту безусловна покана за НАТО, ниту датум за почеток на преговори со Европската Унија. Македонија со СДСМ доживува вистинско дипломатско фијаско, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ , Наум Стоилковски.

Македонската дипломатија крахираше и за тоа мора да се понесе одговорност. Како што нема резултати во ниеден реален сектор во животот, нема во економијата, здравството, образованието, нема ниту еден напредок во земјоделието, така нема резултати ниту во интегративните процеси. Зоран Заев и неговата влада само нижат порази, нема ниту една победа.

Денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари.

Токму затоа, како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој што заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак.

Условите за членство во НАТО, Република Македонија ги има исполнето уште во 2008 година. И сите последователни извештаи го потврдуваа тој напредок. Тоа што сега го направи Заев што ја донесе државата во ситуација да биде заложник на еден исклучително штетен договор кој во својата основа е капитулантско дело.

Македонија не станува членка на НАТО, Македонија нема датум за почеток на преговори со Европската Унија, рече Стоилковски. 

Заев очекува Унгарија да го екстрадира Груевски

Премиерот Зоран Заев во врска со пребегувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, изјави дека Министерството за внатрешни работи  постапувало согласно наредбата од судот и во рамки на законските овластувања.

 За постапката за екстрадиција на Груевски дека е веќе започната откако е добиена потврда од унгарското МВР дека тој се наоѓа во Унгарија.

– Без наредба, МВР не може ниту мене, ниту на кој било граѓанин да  му пристапи. Неколку дена претходно Груевски беше на иста Уставната комисија каде бев и јас во Парламентот. Ова го кажувам не затоа што не требало да бидеме поподготвени и повнимателни, туку затоа што тоа испраќа и сериозна порака дека не треба да правиме ништо повеќе од тоа што го пропишува законот. Од тој аспект строго е постапено согласно законот на еден внимателен и демократски начин, рече Заев на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, во врска со одговорноста на МВР за пребегувањето на Груевски

За проверката на возилата што излегувале од штабот на ВМРО-ДПМНЕ од страна на полицијата, рече дека е согласно наредба од полицијата за националната потерница за Груевски и негово спроведување за издржување на двегодишната затворска казна.

– Немаше налог за влез во политичка партија, ниту некој имаше намера за тоа. Исклучиво се постапувало согласно наредбите. Ние сме земја која има намера да биде членка на ЕУ и без разлика какви се чувствата тоа не ни дава за право да ги кршиме законите посебно не од страна на институциите затоа што исклучиво постапување по закон е нешто што се очекува од сите институции и од сите граѓани во Македонија, рече Заев.

Тој додаде дека очекува Унгарија да постапи по веќе распишана меѓународна потерница со која бара екстрадиција на Груевски.

– Очекуваме од Унгарија да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Република Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право, рече Заев.

Премиерот, воедно како што рече, остро и категорично ги демантираше шпекулациите за каков било политички договор со Никола Груевски во врска со случајов.

Запрашан кој ќе ја сноси одговорноста за бегството на Груевски и дали ова е дел од помирувањето, тој посочи дека секој процес го водат максимално транспарентно и нема ништо тајно или задкулисно.

– Пропусти нема направено ниту една институција. Единствено ако граничните служби го пропуштиле на официјалните гранични премини и граничната полиција направила одредени пропусти веднаш дадовме налог да се истражи целата постапка, рече Заев.

Според него, Владата не може да биде виновна за се. Таа постапува согласно закон и своите постапки јавно и транспарентно ги образложува. Изрази уверување дека процесите коишто се водат ќе доведат до она што е очекување на граѓаните , а тоа е да се изврши затворската казна на секое осудено лице вклучително и на Груевски.

Посочи дека секој треба да си ја сноси својата одговорност, а во вакви околности правосудството е тоа кое што ги носи одлуките.

– Апсолутно тоа одлучува кога испорачува упатен акт, кога поднесува обвинителен акт, кога дава притвор и слично. Ние на времето реагиравме кога ваквата постапка беше одбиена и јавно тоа го кажувавме како и аргументите. Правосудството не е во делот на надлежноста на Заев како премиер. Тоа е независно и ги носи своите одлуки растеретено од какво било влијание. Јас само ќе кажам уште еднаш каков кукавица е,којшто цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи. Тој само да излезат сите други е спремен да ја прифати одговорноста и слично. Дојде моментот на прифаќање на одговорноста, избега надвор од државата обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа што е осуден. Тоа веројатно ќе се потврди на суд оти тоа е работа на судот. Секоја негова вина за која што се сомничи затоа што сите знаеме дека имавме режим којшто тој со неколку луѓе околу него комплетно го контролираше. Македонија единствено има иднина ако има казни. Казните мора да бидат испорачани и да бидат одлежани. Ќе направиме се во рамки на тоа што е наша надлежност да го испорачаме назад Груевски, рече Заев.

За бегството на Груевски рече дека министерот за внатрешни работи на Унгарија во телефонски разговор со министерот Спасовски потврдел дека тој е во Унагоија каде побарал азил, а воедно побарал и докумнети во врска со пресудата. 

До крај на месецов ќе заврши реконструкцијата на автопатската делница Велес-Градско

  Реконструкцијата на  автопатската  делница Велес – Градско во должина од осум километри за која се одвоени 67 милиони денари ќе заврши до крај на месецов. 

– Ќе имаме комплетно реновиран модерен  и безбеден автопат којшто ќе биде од голема важност не само за граѓаните на Македонија, туку и за сите што поминуваат по него, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид во градежните работи. 

Сугарески најави дека од овој месец ќе се реконструираат уште 150 километри  патишта низ земјава.

Најавениот циклус со градежни зафати во патиштата од милијадра евра, како што рече, се одвива, а особено е значајно што се надминати проблемите со изградбата на автопатиштата.

– Нашите очекувања се дека во наредните месец и половина комплетно ќе биде завршен автопатот Миладиновц-Штип. Воедно проблемите со автопатот Кичево-Охрид во голема мера се надминати. Исто така, што со потпишување на третиот анекс  на  Договорот очекуваме динамизирање на прогресот  на активности во наредниот период, појасни Сугарески.

Како што информира, се работи и на завршување на проектната документација за автопатот Скопје-Блаце, а се работи и на изградбата на четирите експресни патишта низ Македонија, како и на бројните реконструкции. 

Според  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов главната реконструкција на делницата од Демир Капија кон Неготино завршува утре и се очекува в петок да биде пуштена во употреба.

Китанов појасни дека оваа недела се почнати  десет нови реконструкции на патишта, а веќе се завршени тендерски постапки и се воведени во работа уште 30 други рехабилитации во земјава.

– Значи сето ова прави конструкција од околу  400 километри заедно, а  од кои дел ќе се завршат годинава,а дел напролет, а за кога имаме завршено тендерски постапки за над 15 рехабилитации на патишта коишто согласно временските услови веднаш ќе отпочнат, најави Китанов.

Започнати се и работите на два нови моста, во околината на Велес се работи на мост на реката Бабуна што е неопходен, а и во Петровец е започната  изградба на нов мост кој заменува  над 50 години стар мост.  Заедно со реконструкцијата на мостовите на Вардар посебно кај Удово каде се работи за сериозна реконструкција сите работи се доведуваат при крај, потенцираше Китанов, дополнувајќи дека на 18 месецов ќе завршат последните пет моста што се од Гостивар кон Колари што правеше застој на сообраќајот во изминатиот период.

Градоначалникот Аце Коцевски потенцира дека во соработка со Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта очекува од Владата во најскоро време да биде донесена одлука за прекатегоризација на дел од патот од Башино Село кон Велес од локален во регионален како што беше пред десет години, а со тоа и да се реконструира оштетениот  мост на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес.

Коцевски воедно потенцира дека очекува и санација на карпата која е на регионалниот пат на излезот од Велес, со цел создавање подобри услови за одвивање на сообраќајот во овој дел од патот, а за што треба да се изгради потпорен ѕид, за што е во тек постапката.

Зелена нафта земјоделците ќе добијат во 2019

Расчистени дилемите кога стартува зелената нафта. Иако беше најавувана и земјоделците ја очекуваа пред стартот на есенската сеидба сепак останува за прв пат зелена нафта земјоделците да добијат во 2019.

Оваа есенска сеидба е една од најлошите и најскапите заради екстремната суша која не се памети со децении. Во почвата недостигаат преку 100 литри на квадратен метар врнежи што потрошувачката на нафта на тракторите ја прави како да се ора по асфалт.

Вкупната сума на пари предвидени за зелената нафта се уште не е дефинирана но проценките се дека пари на сметка за зелена нафта ќе добијат околу 50 илјади земјоделци.

Откако ќе заврши симулацијата на тоа како се потрошиле субвенциите за 2018 ќе се знае колкава сума на пари може да се планира за зелената нафта од што ќе зависи дали ќе има за планираните 50% поддршка или 30% како што последно се планира да изнесува висината која ќе се добива.

Според првичниот план и тогашните цени скроен летово кој како уредба се уште не е поминат на влада ако зелената нафта изнесува 30% од потрошувачката на нафта по хектар произлегува дека за поледелските и житни култури ќе следуваат по 750 денари од хектар, за индустриските култури ќе добијат земјоделците по 1100 денари за хектар, за градинарство по 2200 денари и лозарите и овоштарите би добиле по 2800 денари од хектар ако висината на поддршката за така наречената зелена нафта изнесува по 30% од вкупно потрошената нафта за обработка.

Крајните пресметки за висината на парите кои ќе легнат на посебни дизел картички за земјоделците ќе зависат и од моменталната цена на дизелот кога ќе се пресметува распределбата на оваа субвенција.       

притисни ентер