Презентација на реализирани конзерваторско-реставраторски работи на античкиот театар во Скупи

Управата за заштита на културното наследство денеска на археолошкиот локалитет Скупи ќе ги презентира досегашните реализирани конзерваторско-реставраторски работи

Управата за заштита на културното наследство денеска на археолошкиот локалитет Скупи ќе ги презентира досегашните реализирани конзерваторско-реставраторски работи на античкиот театар и планираните идни активности кои се под нејзина надлежност.

Реализираните и идните активности ќе ги презентира директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска.

Археолошкиот локалитет Скупи се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанското Кале во општина Карпош. Градот Скупи за време на римското владеење е населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Последните систематски истражувања на театарот во Скупи се реализирани во период од 2013 до 2016 година, од страна на Музејот на град Скопје во соработка со Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Во август 2016 година почнаа конзерваторско-реставраторски работи на гледалиштето на античкиот театар на Скупи, а прекинаа во септември 2017 година поради немање дозвола за градба согласно постоечкиот Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на гледалиштето. Поради тоа, а заради соодветна заштита на остатоците од античкиот театар, изработен е Анекс на основниот проект со кој ќе се извршат сите потребни конзерваторско-реставраторски работи согласно со Законот за заштита на културното наследство, информираат од Управата за заштита на културното наследство. /МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

притисни ентер