Хамилтон лесно до триумф во Франција

Британскиот возач Луис Хамилтон од Мерцедес победи на трката за Големата награда на Франција.

Втор беше Макс Верстапен од Ред Бул, додека третата позиција ја освои Кими Раиконен од Ферари, кој во последните кругови го претекна Даниел Рикиардо од Ред Бул и го остави на четвртото место.

По почетните проблеми и казната Себастијан Фетел од Ферари успеа да се најде на петтата позиција.

Во самиот старт на трката дојде до контакт меѓу Фетел и возачот на Мерцедес, Валтери Ботас, по што двајцата накратко беа надвор од патеката, но ја продолжија трката. Бидејќи до контактот дојде по грешка на Фетел, возачот на Ферари доби казна од пет секунди.

Шести беше Кевин Магнусен од Хас, а Ботас заврши како седми.

Со оваа победа Хамилтон се врати на првото место во генералниот пласман.

Оскар Табарез уште четири години ќе биде селектор на Уругвај

Оскар Табарез и во следните четири години ќе биде селектор на Уругвај.

Табарез веќе 12 години ја предводи уругвајската репрезентација, а денеска потпиша нов четиригодишен договор.

Уругвај на Светското првенство во Русија беше елиминиран од Франција во четвртфиналето.

Доколку ги поминe квалификациите 71-годишниот Табарез четврти пат ќе го предводи Уругвај и на Мундијалот во 2022 година.

Германија во предност за ЕП 2024, УЕФА загрижена за политичката состојба во Турција

 Европската фудбалска унија (УЕФА) изрази загриженост поради непочитувањето на човековите права во Турција, која е кандидат за домаќин на Европското првенство во 2024 година.

УЕФА во текот на следната седмица треба да го соопшти домаќинот на ЕП 2024, а освен Турција кандидат е и Германија.

Во анализата на турската кандидатура се изразува загриженост за репресивните политики на претседателот Реџеп Таип Ердоган, и се вели дека не е образложен начинот на кој ќе бидат заштитени човековите права.

- Не постоењето на акциски план во врска со човековите права предизвикува загриженост, наведуваат од УЕФА.

Паралелно со ова, Германија ќе се обиде да ги искористи недостатоците во турската кандидатура во својата кампања за организацијата на првенството.

- Кандидатурата на Фудбалската федерација на Германија е квалитетна и ги исполнува сите очекувањa во однос на политичките прашања, социјалната сигурност, одржливост и човековите права, наведуваат од УЕФА.

Дополнителен проблем за Турција се и законските ограничувања за рекламирање на алкохолни производи што ја доведува УЕФА во конфликт со спонзорите. Извршниот комитет на УЕФА во четврток ќе гласа за домаќинот на Европското првенство во 2024 година.  

Претходно УЕФА и ја додели на Турција организацијата на финалето во Лигата на шампионите во 2020 година.

Лејвер: Ѓоковиќ ќе доминира во следните две до три години

 Легендарниот австралиски тенисер Род Лејвер смета дека српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе доминира на светската сцена во следните две до три години.

Ѓоковиќ во последните три месеци ги освои Вимблдон, Синсинати и Ју-Ес Опен, а Лејвер очекува најдобриот српски тенисер да продолжи со истиот ритам.

- Во овој момент мислам дека на врвот е Новак. Пред пет години тоа беше Роже Федерер, а пред три Рафаел Надал. Во следните две до три години мислам дека Новак ќе биде главен и ќе освои уште многу титули, истакна Лејвер.

Легендарниот тенисер наведе дека големата тројка – Федерер, Надал и Ѓоковиќ, долго доминитра во тенисот, но дека се уште нема нови играчи кои би можеле да ги заменат. 

притисни ентер