СП 2018: Фудбалската федерација на Швајцарија не очекува казни за Џака и Шаќири

Фудбалската федерација на Швајцарија соопшти дека не очекува казни за репрезентативците Ѓердан Шаќири и Гранит Џака, откако ФИФА покрена истрага против нив.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелци на головите за Швајцарија беа Џака и Шаќири.

Швајцарските фудбалери, кои имаат албанско потекло, на головите и на победата се радуваа гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна тоа го сфаќaат како политичка провокација.

- Не сум сигурен дали ФИФА воопшто ќе реагира и се ќе зависи од проценката на Дисциплинската комисија. Тоа не беше политичка порака, туки спонтана реакција на играчите, истакна функционерот на Фудбалската федерација на Швајцарија, Клаудио Сулсер.

Тој потврди дека на фудбалерите им било обрнато внимание во иднина да не го прават тоа.

И швајцарскиот министер за спорт, Ги Пармелин, застана во одбрана на Џака и Шаќири нагласувајќи дека „играчите биле емотивни“ и дека „не е во духот на спортот емоциите да се претвораат во полемика“.

ФИФА соопшти дека ќе отвори истрага и против Фудбалската федерација на Србија за проблемите со српските навивачи кои извикувале политички и навредливи пораки, но и против српскиот селектор, Младен Крстајиќ, за изјавите по натпреварот.

Претставени маскотите за Олимписките игри во Токио 2020

Организаторите на Летните олимписките игри во Токио 2020 ги претставија официјалните маскоти.

По анкетата спроведена во основните училишта во Јапонија, учениците одлучија тие да се викаат Мираитова и Сомеити.

Станува збор за ликови со футуристички изглед, кои според организаторот се комбинација на традицијата и иновацијата.

Маскотите ги изработи јапонскиот уметник Рио Танигучи.

Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 24 јули до 9 август 2020 година./МИА

Хамилтон победи во Германија, Фетел не ја заврши трката

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победи на трката за Големата награда на Германија, откако најдобро се снајде во променливите услови на патеката.

Актуелниот шампион на патеката „Хокенхајм“ стартуваше дури од 14-та позиција, но сепак успеа да стигне до 66-та победа во кариерата.

Второто место го освои неговиот клупски колега Валери Ботас, а трет заврши Кими Раиконен од Ферари.

Главниот конкурент Себастијан Фетел од Ферари, кој важеше за фаворит и тргна од пол-позицијата, сепак по 52 круга водство излета од патеката и ја заврши трката.

Хамилтон со оваа победа е прв во генералниот пласман и има 188 бодови, а Фетел е втората позиција со 171 бод./МИА

Иниеста дебитираше со пораз на Висел Кобе

Андрес Иниеста дебитираше во јапонскиот шампионат, но неговиот клуб Висел Кобе на домашен терен претрпе убедлив пораз од 0:3 од Шонан.

Иниеста влезе во игра во 59-та минута при резултат 0:2, но не успеа да внесе промена во лошата игра на неговите соиграчи и до крајот на натпреварот примија уште еден гол.

Дебито на шпанскиот фудбалер беше поздравено од присутните гледачи во Кобе со стоечки овации. /МИА

притисни ентер