На местото на трагичниот пожар во Велес е Игор Стефановски.
Што велат велешани за трагичната несреќа. Како дошло до неа?
Децата биле на возраст од 1, 2 и 5 години и потекнувале од социјално загрозено семејство.
Според првичните информации, за време на пожарот родителите не биле во објектот, а во него долго време немало ниту вода ниту електрична енергија.
Од МВР информираа дека пожарот избувнал вчера околу 16 часот, а причината се уште е непозната.
- Кога стигнале помошта децата кои биле сами во куќата веќе биле изгорени и за жал немало можност да бидат спасени. Кога избувнал пожарот децата биле сами и заклучени во куќата. Нивните родители ги заклучиле дома и излегле да пазаруваат во продавница – изјави синоќа Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.
За пожарот во Велес во кој загинаа три малолетни деца реагираше и Министеството за труд и социјална политика.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Во врска со трагичниот случај, во кој вчера, во пожар настрадаа три малолетни деца во Велес, сакаме да ве информираме дека семејството било евидентирано во системот на Центарот за социјална работа во Велес и биле корисници на социјална парична помош.
Денес, Општина Велес во соработка со Центарот за социјална работа се ангажираат за организирање на погребот за настраданите деца.
Во тек е истрагата на Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи.
За сите понатамошни детали од истрагата, како и за постапувањата на Центарот за социјална работа, согласно потребите и надлежностите, јавноста ќе биде благовремено информирана.
Во видеото погледнете го целиот извештај.