Коѕијас: Договорот со Македонија не е услов да добиеме кратење на долгот

Никос Коѕијас ги демантира се погласните информации дека грчката влада побрзала да го потпише договорот со Македонија во замена на простување на дел од долгот на Атина.

Шефот на грчката дипломатија во интервју за грчката телевизија Антена, ги отфрли ваквите тврдењата, кои ги изрече и пратеникот Димитрис Каменос, кој беше единствениот од владината коалција, кој гласаше за недоверба на владата на Ципрас.

-Не дадовме ништо за да добиеме нешто во замена, направивме најдобар договор, во кој ги зедовме во предвид нашите и нивните интереси. Треба да живееме во мир, изјави Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Грција.

Шпекулациите дека договорот со Македонија ќе ја награди Атина, чиј долг изнесува 318 милијарди евра, пораснаа во пресрет на состанокот на Еврогрупата за два дена во Брисел, на кој Грција се надева дека ќе почне да испливува од антикризните мерки, во кои е заглавена осма година. Грчките медиуми наголемо пишуваа и за наводниот дил меѓу Атина и Берлин дека ригорозната мерка за кратење на пензиите би се одложила за шест месеци, како германски подарок за Грција за решението со земјава.

Прашан зошто Грција нема да одржи референдум за договорот, Коѕијас вели дека тие не менувале Устав или име за да треба народот да одлучува. По реакциите во јавноста, зошто во договорот прифатиле вклучување на терминот македонски за јазикот и државјанството, тој вели – и другата страна имаше свои црвени линии.

- Во однос на прашањето Македонија и Македонци, тоа е она што тие во преговорите, го поставија како главна тема за која не преговараат, за да го задржат нивното самоопределување. Ако не им го дадеш и го негираш највисокото право признаено од ОН да се именуваат онака како што тие сакаат, договор немаше да има, појаснува Коѕијас.

Со свој коментар за договореното име Северна Македонија се произнесе и директорот на бугарскиот институт за историски истражувања Даниел Вачков, според кого, новото име на земјава, може во перспектива да предизвика негативни импликации кон Бугарија.

-Објективно , името крие опасност за одредени претензии во даден момент. Извесно е дека Пиронска Македонија е чисто географски вклучена во оваа идеја за Северна Македонија. Се разбира, мораме да кажеме дека Македонија никогаш не била поделена на овој начин, на северна и јужна, Македонија е поделена на Вардарска, Пиринска и Егејска, како резултат на балканските земји, вели Даниел Вачков, директор на институт за историски истржаувања.

Вачков е еден од членовите на бугарско-македонската комисија, која треба да ја разгледува заедничката историја. Тој забележува дека македонските учебници мора да претрпат сериозни измени, особено во делот дека по поделбата на Македонија, Македонците во Пиринска Македонија биле подложени на терор и денационализација.

Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор, соопштуваат од кабинетот.

Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи ја одржа завршната молитва.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитуван Реис-ул-улема,

Почитувани поглавари на верските заедници,

Ценети присутни,

Дами и господа,

Ви благодарам што ја прифативте мојата покана да се собереме и заедно да ја споделиме оваа Ифтарска вечера.

Најсветиот месец во Исламот, Рамазан, е време за духовно закрепнување, за обновување на релациите со роднините и пријателите, но и за милост и солидарност кон немоќните. Како што рамазанскиот пост е лично искушение на внатрешно преиспитување на поединецот, така Ифтарската вечера е заеднички чин на социјална правда бидејќи подразбира правење место на трпезата и за оние кои имаат помалку. Тоа е особено важно во време на глобални кризи кои најмногу ги удираат најранливите и најсиромашните.

Но, освен за продлабочување на верата во животот на верникот, Ифтарската вечера е и можност за продлабочување на соживотот во македонското општество.

За нашите предци немало поголема чест од тоа, некој со различна вера од нивната, да ги покани на празнична трпеза. Кога муслиман кани на Ифтар, или кога христијанин подарува велигденско јајце, тоа е начин да каже дека ја почитува твојата различност и те прифаќа таков каков што си. Тоа го правиме и ние вечерва.

Изминативе години и јас бев почестен од многу наши сограѓани ─ муслимани кои ги отворија своите домови и од срце ја споделија со мене и со моите соработници својата трпеза. Споделувајќи ја храната, ние ја споделуваме и човечноста и низ муабетот се потсетуваме дека различниот од нас е човек подеднакво вреден како нас, со слични или идентични животни таги и радости.

Почитувани гости,

Точно е дека имаме различни вери, одиме во различни храмови, читаме различни свети книги. Но, она што нè поврзува е меѓуетничкиот и меѓурелигиски соживот како наша најголема вредност која мораме да ја чуваме и околу тоа нема да правиме компромис. Соживотот не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години. Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина Македонија.

Затоа сме вечерва тука, да кажеме дека нема да дозволиме провокации и тензии на таа тема. Тука сме да дадеме пример за сите наши граѓани, дека можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верските убедувања, како што било од памтивек.

Дозволете, уште еднаш, да ви посакам лесен пост и, во пресрет на Рамазан Бајрам, да ви го честитам големиот празник. Имајте пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.

Цистерна удри во најголемиот патнички авион на светот- возачот доживеал мозочен удар (ФОТО)

Ербас А380-861 на Емирати беше тешко оштетен откако противпожарно возило изгуби контрола на московскиот аеродром Домодедово (ДМЕ) во Русија и се заглави под авионот.

Според руската агенција Интерфакс, цитирана од порталот Аеротајм, возилото што се користело за транспорт на вода удрило во авионот на Емирати „откако здравствената состојба на возачот наеднаш се влошила додека возел“.

Дополнителни медиумски извештаи велат дека 59-годишниот возач останал парализиран откако доживеал мозочен удар пред да удри во авионот и бил итно пренесен во болница.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат аеродромско возило заглавено под Ербас А380 додека долната страна на трупот е тешко оштетена.

Авионот на компанијата со седиште во Дубаи, регистриран како A6-EDM, сериски број 042, стар 14 години со 489 седишта во три класи, требаше да полета од Москва за меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB) на 28 март 2024 година во 16:25 часот по локално време , но тој лет бил откажан по инцидентот.

Руското меѓурегионално транспортно обвинителство во Москва истражува и потврди дека се проценува претрпената штета на А380. Поради инцидентот ќе биде формирана специјална комисија во Обединетите Арапски Емирати.

Според проценките објавени на каналот Aviaincident на мрежата Телеграм, аеродромот Домодедово би можел да плати до една милијарда рубли (околу 11,3 милиони евра) за штета на најголемиот патнички авион во светот (во зависност од конфигурацијата, авионите од овој тип можат да носат до 840 патници).

Треба да се процени и штетата која и е нанесена на компанијата со откажувањето на летовите на овој авион кој беше во секојдневни ротации кон Москва, но и кон Цирих.

Ново обвинение за италијански фудбалер- Тонали се обложувал и во Англија

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го обвини италијанскиот играч на Њукасл, Сандро Тонали дека 50 пати ги прекршил правилата за забрана за обложување на натпревари, јавува Би-би-си.

Британските медиуми наведуваат дека Тонали ги прекршил правилата обложувајќи се на фудбалски натпревари во периодот од 12 август до 12 октомври минатата година.

- Сандро ќе ги почитува сите правила на истрагата, а клубот му дава целосна поддршка. Повеќе нема да даваме изјави додека истрагата е во тек - објави Њукасл.

Би-Би-Си потсетува дека Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) во октомври минатата година го суспендираше Тонали на десет месеци поради кршење на правилата за обложување. Италијанскиот фудбалер тогаш призна дека се обложил на натпреварите на кои настапувал за Милан и Бреша.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) потоа го прифати барањето на ФИГЦ за суспензијата на Тонали да се префрли на глобално ниво. Тој треба да се врати на терените во август годинава.

Тонали пристигнал во Њукасл минатиот јули од Милан за 55 милиони фунти. Италијанскиот фудбалер пред суспензијата одигра 12 натпревари за англискиот клуб.

Поради суспензијата ќе го пропушти претстојното ЕП во Германија.

притисни ентер