Утре потпишување на договорот за името

Под зајакнати безбедносни мерки шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас утре во регионот на Преспа на грчка страна ќе стават потпис на договорот за решавање на спорот за името.

Под зајакнати безбедносни мерки шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас утре во регионот на Преспа на грчка страна ќе стават потпис на договорот за решавање на спорот за името, со кој е предвидено официјалното име за севкупна употреба да биде Република Северна Македонија или скратено - Северна Македонија.

На потпишувањето на договорот ќе присуствуваат и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата е превидено и присуство на високи претставници на меѓународната заедница, високата претставничка за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но нивното прусуство официјално се уште не е потврдено, иако Могерини самата изјави дека би сакала да присуствува на церемонијата.

По потпишувањето следуваат изјави, а потоа двете делегации се префрлаат на македонска страна, каде е предвидена официјална средба на премиерите Заев и Ципрас, на двете делегации и заеднички ручек.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

За утре во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот, а протести од вчера се одржуваат и пред Парламентот во Атина, каде пратениците расправаат за недоверба на Владата на Ципрас и за договорот.

„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“ под слоганот „Македонија значи Грција“ организира протести од вчера до недела. Во исто време во северна Грција започнуваат да се организираат за Преспа, веќе се планирани автобуси да заминуваат од градовите од северниот дел на земјата, за граѓаните да учествуваат во протестот.

Со договорот, кој завчера беше декласифициран во однос на јазикот предвидено е - македонски јазик и во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Во врска со државјанството односно националноста, во договорот е утврдено - македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „Македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и Македонски, се вели во документот.

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.

Во договорот е утврдено дека Македонија и македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство - различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамето не се менуваат, како и кодовите МК-МКД додека регистерските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено има на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како - македонски и да ја користат придавката македонски.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.

Надеж дека граѓаните ќе гласаат позитивно на референдумот изрази вчера шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за рускиот весник „Известија“, бидејќи смета дека договорот е добар, вин-вин и урамнотежен.

Заев преку Фејсбук вчера порача дека силно верува во успех на договорот меѓу Македонија и Грција, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата.

- На 73. седница го разгледавме и усвоивме извештајот за договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Силно верувам во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата. Оваа Влада на Република Македонија треба да е горда на ова решение. Со оваа одлука испишуваме нова страница во историјата на нашата земја, напиша Заев на својот Фејсбук профил. /МИА

Со БМВ блокирала противпожарно возило, па добила лекција (ВИДЕО)

Несовесна жена возач можела да биде среќна поради трпението на пожарникарите.

Видеото објавено на Редит уште еднаш покажува колку краткото застанување на патот е непромислен потег. Вклучувањето на сите четири трепкачи не значи дека сте семоќен, особено на улиците каде што автомобилите се веќе паркирани странично, па паркираниот автомобил им пречи на возилата што се обидуваат да го поминат патот.

Оваа жена возач одлучила да го паркира БМВ -то на патот, веројатно мислејќи дека може да се паркира на неколку минути, бидејќи тоа никому нема да му пречи. Токму тогаш, минувале пожарникари, со вклучени сигнални светла и сирена.

Спротивно на очекувањата, пожарникарите одлучиле да почекаат некое време и да ја повикаат сопственичката со сирена, да го отстрани автомобилот и да им дозволат да поминат непречено. По околу една минута, сопственичката, оди спокојно за да седне во автомобилот. Пожарникарите одлучија да ја почестат со соодветна мелодија. Со оглед на сите работи, таа можела да биде среќна за минималното предупредување.

Патем, во претходните случаи, сопствениците на БМВ кои што биле неправилно паркирани и спречиле пожарникарите да пристапат до хидрантот,останале без стакло.

Полицијата се судри со демонстрантите во Париз на протест против ковид-пропусниците (ВИДЕО)

Илјадници луѓе во Франција протестираа денеска против воведувањето на специјални ковид-пропусници, при што дојде до судири со полицијата.

Демонстрантите маршираа низ Париз, а француската полиција, целосно опремена за немири, турна некои од демонстрантите со тупаници и употреби солзавец против некои од нив, објави АП.

Околу 3.000 припадници на безбедносните сили биле распоредени во француската престолнина за време на третата сабота од протестите.

Полицијата зазеде позиции долж Елисејските полињата за да ја заштити таа авенија од демонстранти.

Четири протести биле одржани во Париз, а маршеви имало и во други градови низ земјата.

Додека учесниците на маршот се движеле кон исток, полицијата истрелала солзавец врз толпата, а облаците чад го исполнија небото.

Во настанатиот хаос беше виден маж демонстрант со крвава глава.

Втората група демонстранти била предводена од лидерот на ултрадесничарската партија Национално собрание, Марин Лепен, додека третата група, која марширала кон Министерството за здравство, ја предводел Флоријан Филипо од партијата Патриот.

Пратениците донеле закон за коронавирусот според кој од 9 август ќе бидат потребни пропусници за движење на повеќето места, бидејќи бројот на заразени лица се зголемува, како и бројот на хоспитализации.

Анкетите покажуваат дека повеќето Французи го поддржувале усвојувањето на законот, но некои Французи се силно против.

За добивање на пропусниците е потребен доказ за вакцинација или брз негативен тест или доказ за неодамнешно закрепнување од „Ковид-19“.

Вакцинацијата на сите здравствени работници е наредено да заврши до средината на септември.

Во Русија горат 267 шумски пожари

Во Русија во моментов горат речиси 270 пожари, изјави денеска претставник на прес -службата на Министерството за вонредни ситуации, додавајќи дека 47 од нив се изгаснати.

"Околу 267 пожари сега беснеат на руска територија, додека 47 се изгаснати. Нема опасност за населбите или комерцијалните објекти", изјавила прес -службата за ТАСС.

Јакутија останува под посебна контрола, додаде министерството, истакнувајќи ги напорите направени за заштита на населбите и економските објекти од пожарите.

притисни ентер